Повеќепати досега можеа да се забележат негрижата и недостоинствената употреба на државното знаме, дури и во јавните гласила и медиумите, особено кога врз државното знаме се вметнуваат слики, илустрации, цртежи, графити, фотоманипулации, па дури и новинарски текстови. А да не споменуваме и низа примери кога македонското државно знаме се вее парталосано на некои од државните или општинските институции, како и на македонските гранични премини. Во овие примери апсолутно не станува збор за неинформираност и невнимание, туку за неажурност и непочитување на македонското знаме како државен симбол, што некогаш се граничи со сквернавење!?
Македонското државно знаме е симбол на македонската држава и нација
Во изминативе години многупати можеше да се види државното знаме како е видоизменето, нагрдено, ишарано, искинато, положено во канта за отпадоци или фрлено. Ваквите примери особено можеа да се видат при јавните собири, спортски натпревари, протестите или штрајковите… Иако во пошироката анкета што ја направивме меѓу граѓаните добивме одговор дека ваквиот третман на знамето како државен симбол се должи на неинформираност и невнимание, таквиот одговор не може да ја задоволи дилемата што се однесува на однесувањето и постапките на државните институции по истата основа. Повеќепати досега можеа да се забележат негрижата и недостоинствената употреба на државното знаме, дури и во јавните гласила и медиумите, кога врз државното знаме се вметнуваат слики, илустрации, цртежи, графити, фотоманипулации, па дури и новинарски текстови. А да не споменуваме и низа примери кога македонското државно знаме се вее парталосано на некои од државните или општинските институции, како и на македонските гранични премини. Во овие примери апсолутно не станува збор за неинформираност и невнимание, туку за неажурност и непочитување на македонското знаме како државен симбол, што некогаш се граничи со сквернавење!?
Што пропишуваат нашиот закон за употреба на грбот, знамето и химната, Правилникот и Протоколот за користење на државното знаме
Употребата на македонското државно знаме е уредно со Законот за употреба на грбот, знамето и химната, а постои и протокол за користење на државното знаме во согласност со Правилникот за начинот на истакнување и веење знаме. Законот за употреба на грбот, знамето и химната регулира дека државното знаме се употребува во согласност со одредбите на законот со кој не се нарушува угледот и достоинството на македонската држава. Државното знаме може да се употребува само во формата и содржината што се утврдени со законот и не може ништо да се впишува, испишува ниту да се менува.
Но од друга страна, за употребата на државното знаме во постојната законска регулатива постојат и одредени недоречености. Но тоа воопшто не може да биде причина, во објавите на одредени портали, државното знаме сѐ почесто да биде „платформа за измени, фотоманипулации и недостоинствена употреба, па дури и со видоизменети димензии односно пропорции“. Според законот, македонското државно знаме има пропорции 1:2. Дијаметарот на дискот е 1/7 од должината на знамето, односно неговиот радиус е 1/7 од висината; Целото жолто сонце и зраци се 33 отсто од површината на знамето; преостанатите 67 отсто се црвени. Сонцето има два хоризонтални, два вертикални и четири дијагонални зраци, секој поставен со различни карактеристики и различни појдовни точки, од кои само хоризонталните зраци се среќаваат во центарот на знамето. Нивната должина е 1 единица (E) (висина на знамето), нивната ширина е 0,2 E, а под агол од 11,53 степени.
Десеткратно намалена глобата за непочитување на државното знаме –институционална порака што вртоглаво го урнисува патриотскиот однос кон нашите симболи
Во изминативе години имаше примери на намерно палење на македонското државно знаме, што е инкриминирано дело според Законот за прекршоците против јавниот ред и мир.
Според членот 18 од законот, на оној што неовластено ќе отстрани, искине, замачка, оштети или на кој било начин ќе ги изложи на подбив државите симболи на Република Македонија, симболите на припадниците на заедницитe или ќе истакне знаме или грб што не ги содржи обележјата пропишани со закон ќе му се изрече глоба во висина од 1.000 до 1.500 евра во денарска противвредност.
Меѓутоа во мај 2022 година, во Комисијата за одбрана и безбедност помина предлогот на закон за изменување и дополнување на Законот за прекршоците против јавниот ред и мир, а се однесува на санкционирањето на недозволениот третман и однос со македонското државно знаме. Но наместо измените да предвидат построг и принципиелен државно-заштитнички став кон оние што изразуваат непочитување и ги сквернават македонското знаме и државните симболи, се усвоија предлози за релаксирање на казните, како порака дека „почитувањето и заштитата на државните симболи веќе не ни е толку битно… и така под притисок ги менуваме невообичаено брзо“… Имено, со новите измени, глобата за непочитување на државните симболи ќе биде десеткратно намалена и ќе изнесува од 100 до 250 евра.
Во услови на сѐ почест неодговорен и недостоинствен однос кон македонското државно знаме и другите симболи, па и со намера да се извалкаат, понижат и осквернават, останува нејасно дали оваа измена е во функција на зајакнување на односот на нацијата за почит и чест кон државните симболи, или напротив!?
Д-р Јован Јоновски: Секое отстапување од пропишаното за знамето со Законот за употреба на грбот, знамето и химната е противзаконско!
Според него, државното знаме се дефинира како правоаголник со однос на страните 1:2. Но честопати е потребно знамето да биде со други димензии. На пример, размерот на знамињата на учесничките на олимписките игри долго време биле според пропорциите на знамето на земјата-домаќин. Денес знамињата се со пропорциите на олимпиското знаме 2:3. Знамето на државите на дипломатските автомобили при официјалните посети, исто така се со зададени димензии. Д-р Јован Јоновски нагласува дека знамето се користи како дел од многу логоа и графики, или разни документи, како лична карта, пасош, каде што димензиите се помали од пропишаните 1:2, но тие, всушност, се исечени од оригиналното знаменце со однос, што го прави знамето дел несиметрично како да недостигаат уште четири зрака за пополнување на симетријата на сценографијата.
Бидејќи дефиницијата за знамето во законот вели дека зраците се хоризонтални, вертикални и дијагонални, тогаш сонцето треба повторно да се нацрта за употреба во круг, квадрат и други димензии, вели Јоновски.
Каков е односот на другите земји кон своите државни симболи?
Државното знаме и химна се својствени за државниот и националниот идентитет, во многу држави постојат казни и санкции за непочитување на државното знаме.
Во грчкото законодавство, според членот 188 од грчкиот кривичен закон, доколку некој ја навреди националната химна, го уништи знамето или другите национални грчки симболи, може да оди во затвор на две години или да плати парична казна.
Германскиот закон зазема строг став кон секој што го омаловажува или го оштетува германското федерално знаме, при што прекршителите добиваат затворска казна до пет години. Во Франција, од јули 2010 година, кривично дело е да се сквернави француското државно знаме во јавност, па дури и да се дистрибуираат слики од акцијата што се презема во приватен амбиент.
Народна Република Кина најави дека размислува за тригодишни затворски казни за секој што јавно ќе изрази непочитување на националната химна или знаме. Во Сингапур се предвидува казна до 30.000 долари, затвор до шест месеци, или и двете казни за злоупотреба на државното знаме. Д.Ст.