Ковачевски и Петков задоволни од меѓувладината седница и плановите на работните групи
Премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петков на прес-конференцијата од крајот на заедничката седница на Владите на Македонија и Бугарија го изразија задоволството од остварениот успех со формализирањето на петте работни групи во повеќе области кои ја поставија основата за заедничката засилена соработка меѓу двете земји во иднина.
– Навистина и јас сум задоволен од денешните состаноци. Имавме пленарна средба, но уште поважно е што самите министри работеа во работни групи на конкретни проекти и идеи кои што треба да се развиваат во наредниот период – истакна премиерот Ковачевски на заедничката прес-конференција.
Првата група ќе обезбеди соработка во економската област, особено во делот на енергетиката, трговијата, инвестициите, туризмот, земјоделието.
Покрај министрите од економските ресори, оваа група ќе се прошири и со претставници на државни агенции, стопански комори, бизнис кластери и други засегнати страни. Со тоа ќе се обезбеди сестран пристап за да се искористи нашиот огромен заеднички економски потенцијал.
Втората група ќе ги покрива областите од инфраструктурата, транспортот и другите форми на поврзување.
– Тоа е важно за бизнисот, за граѓаните, за целото општество и претставува клуч за нашата заедничка европска иднина – рече Ковачевски.
Премиерот уште додаде дека покрај на Коридорот 8, како најголем инфраструктурен проект за поврзување на двете земји, оваа група ќе работи и на отворањето на авионската линија меѓу Скопје и Софија, и на олеснување на севкупниот патен транспорт.
Оваа група ќе ја зајакне и соработката во телекомуникациите каде најважен проект е намалувањето на цената на роамингот.
Од третата група која е за Европските интеграции и зелените политики се очекува примена на искуството од европските интеграции на Бугарија заради тоа што таа е веќе 15 години членка на ЕУ, а соработката во рамките на науката, културата и образованието преставуваат основа за градење на долгорочна доверба меѓу граѓаните на двете земји, како и зближувањето меѓу младите е задача на четвртата група во која ќе членуваат соодветните ресори.
– Предвидено е воспоставување на научни конференции особено во делот на природните науки каде што ќе може да се унапредува техничкото и знаењето во другите природни науки што многу влијае на развојот на економијата и индустријата – нагласи Ковачевски.
Петтата група е Заедничката експертска комисија за историски и образовни прашања, а копретседавачите на Комисијата, професорите Ѓоргиев и Димитров оствариле средба за да го потврдат календарот и динамиката на средбите во 2022 година.
Бугарскиот премиер Петков во својата изјава истакна дека заедничката седница ја оценува како исклучително успешна. Во таа насока се потпишаните меморандуми и декларации за соработка кои ја потврдуваат волјата за брзи и квалитетни решенија во различни области за унапредување на вкупните односи меѓу двете земји.
Како посебно важен, Петков ја издвои заложбата двете влади да покренат заедничка иницијатива Коридорот 8 да се врати меѓу приоритетите на ЕУ.
Бугарскиот премиер дополни и дека е значајно што и Историската комисија ја договорила динамиката и календарот за да се затворат прашањата што се отворени подолг период.