Самонаречен аналитички центар што се појавува под името „Еурофи“ нуди пристап до релевантни политичари, регулатори во Европската Унија и носители на високи функции во Унијата. Според истражувањето публикувано од европското издание на „Политико“, „Еурофи“ собрал речиси шест милиони евра преку хонорари, и покрај тоа што компанијата има само тројца вработени со полно работно време и нема јавно достапни сметки. „Политико“ укажува на „зголемена загриженост за недостигот од транспарентност и за појавата на наводно ’продавање’ влијание“
Истражување на „Политико“ укажува на појава на „продавање влијание и
специјален пристап до политичарите и регулаторите на Европската Унија“
во Брисел
Компанија што нуди пристап до политичарите и регулаторите во Европската Унија има претпоставена добивка од речиси шест милиони евра преку хонорари од финансиската индустрија, открива европското издание на „Политико“, укажувајќи на зголемена загриженост за недостигот од транспарентност и за појавата на наводно „продавање“ влијание. Големиот обем на приходот на „Еурофи“ сега ја прави една од најголемите групи што лобираат во ЕУ – и покрај тоа што има само тројца вработени со полно работно време и нема јавно достапни сметки.
„Еурофи“ плаќала широк опсег на услуги: од престој во хотели и патувања до…
„Политико“ во своите истражувања дошол до поткрепени информации дека „главна функција на ’Еурофи’ претставува организирањето лобирање зад затворени врати двапати годишно, во пресрет на состаноците на министрите за финансии на ЕУ, што привлекува врвни европски функционери, банкари и инсајдери за финансии“.
Имено, високи членови на Европскиот парламент со влијателни улоги во финансиското законодавство открија дека „Еурофи“ плаќал за нивниот престој во хотели и за некои од нивните патувања.
Споменатата компанија постигнала буџет од 5,7 милиони евра во 2023 година преку надоместоците од нејзините членки, кои ги вклучуваат најголемите банки, берзи и технолошки гиганти – меѓу кои „Блек рок“, „Голдман Сакс“ и „Американ експрес“ – според обелоденувањата за транспарентност во јули, првата јавно достапна информација за нејзините финансии со години.
Иако засега не станува збор дека природата на постапувањата на „Еурофи“ влегуваат во делокругот на „постапувања санкционирани со одредени прописи“, ситуацијата предизвикува загриженост за природата на лобирањето во ЕУ: кој плаќа и колку – и какво влијание купуваат нивните пари? Влијанието на финансискиот сектор во Брисел беше видливо во последниве години, со воведувањето олеснителни прописи за банките и осигурителите, во однос на барањата на регулаторите, и забележителниот успех во ублажувањето на реформите што може да им наштетат на интересите на финансискиот сектор.
– Тоа е една од најнетранспарентните групи за кои можам да се сетам. Навистина е чудно да се има толку голем буџет само со неколку луѓе – рече Кенет Хар, истражувач во Корпоративната европска опсерваторија (ЦЕО).
Поради пристапот до носителите на одлуки, „Еурофи“ стана една од
најголемите лоби-групи во Брисел
Начинот на работа на „Еурофи“ се разликува од оној на другите големи лоби-групи во Брисел, кои ги зголемуваат своите канцеларии во обид да влијаат врз политиката и да ги придобијат водечките еврократи. „Еурофи“ инсистира дека не ги застапува интересите на финансиската индустрија, туку оти само обезбедува платформа за дискусија.
Но нејзината финансиска тежина сега ја издигнува меѓу најголемите лоби-организации во Брисел, веднаш зад технолошките гиганти како „Гугл“ и „Епл“, кои инвестираа огромни ресурси за да влијаат врз бриселската машинерија. Таа има членство од повеќе од сто финансиски играчи и нејзиниот буџет се зголеми за речиси 50 проценти од последната достапна бројка од 3,9 милиони евра за 2020 година, што ја прави само „Иншуранс Јуроп“ поголема лоби-група за финансиската индустрија.
Тоа значи дека има повеќе ресурси од главните банкарски лоби-групи, моќното лоби на фармацевтската индустрија (Европската федерација на фармацевтски индустрии и здруженија) и бизнис-групацијата „Бизнис Јуроп“.
– Имаат многу лесен пристап до државните службеници и носителите на одлуки, а кога ќе го зголемат својот буџет, тие ќе добијат само уште поголем пристап – рече Хар.
Агендата за нејзиниот настан во Будимпешта месецов, видена од „Политико“, ги опфаќа водечките имиња во финансиската регулатива и ги вклучува гувернерот на француската централна банка, Франсоа Вилерој де Галхау, претседателката на Европската инвестициска банка, Надија Калвињо, и потпретседателот на Европската комисија, Валдис Домбровскис. Се очекува да присуствуваат стотици претставници на финансиската индустрија.
Голем број финансиски лобисти изјавија за „Политико“ дека имаат дилеми околу „Еурофи“ поради нејзините огромни трошоци и приватната поставеност, но сметаат дека би пропуштиле шанса доколку не присуствуваат на нејзините конференции. Н.М.
Кои се „Еурофи“?
„Еурофи“ беше формирана од поранешниот гувернер на француската централна банка Жак де Ларосиер – и преку нејзините врски со претседавањето со Советот на ЕУ, кое ротира меѓу земјите на секои шест месеци.
Предводник е Дејвид Рајт, поранешен британски функционер на ЕУ, а за секојдневното управување е задолжен Французинот Дидие Каен.
Конференциите се одржуваат во деновите пред состаноците на министрите за финансии во земјата што ги организира, што значи дека највисоките функционери се веќе присутни таму.
Лобистите, регулаторите, официјалните лица и дипломатите, сите велат дека официјалната конференција е здодевна придружна претстава, исполнета со панели само за мажи и контролирани дебати, во споредба со лобирањето околу неа, што се случува на лежерни средби со кафе и пијалаци.
Состаноците се одвиваат зад затворени врати. На новинарите им е забранет пристапот, а новинарите на „Политико“ биле исфрлени од лобито на хотелот-домаќин на конференцијата одржана минатата есен во Сантијаго де Компостела, Шпанија.
И покрај критиките за трошоците и недостигот од транспарентност, претставниците на ЕУ продолжуваат да присуствуваат на состаноците. Според јавните пријави, „Еурофи“ ги покрива трошоците за присуство на политичарите што го предводеа менувањето на финансиските прописи.
Германскиот пратеник Маркус Фербер, француската европратеничка Стефани Јон-Куртен, холандскиот пратеник Пол Танг и шпанскиот европратеник Јонас Фернандез открија дека „Еурофи“ плаќала за луксузни хотели и за дел од нивните патувања, за да присуствуваат на настани помеѓу 2021 и 2023 година.
Активистите за транспарентност велат дека работењето на „Еурофи“ е во спротивност со фактот дека е финансирана од огромни финансиски фирми како „Амазон“ и „ЏП Морган“, кои ѝ плаќаат на „Eурофи“ за привилегијата да можат „да ги придвижат регулаторите на нејзините конференции“. (!?)
Жан-Мари Андрес, соработник на компанијата: На „Еурофи“ не треба да се гледа како на лобист, туку како на организатор на дискусии
Реномираниот медиум „Политико“ наведува дека од редакцијата постојано се обидувале да стапат во контакт со „Еурофи“ за да добијат одговори, вклучувајќи и одговори за недоволната транспарентност на организацијата, што се потврдило и со нивниот игнорантски однос кон медиумите и јавноста.
Имено, неколку мејлови на „Политико“ испратени на адреса наведена на нејзината веб-страница, останале без одговор.
Потоа, вишиот соработник на „Еурофи“, Жан-Мари Андрес, одговорил на повикот на бројот наведен во регистарот за транспарентност, за потоа да му испрати е-пошта на „Политико“ за да каже дека „не е овластен да разговара со новинарите“.
Суштината на она што го кажа тој, наведува медиумот, е дека „на ’Еурофи’ не треба да се гледа како на лобист, туку како на организатор на дискусии“.
Во своето јавно обелоденување, „Еурофи“ инсистира дека „не застапува комерцијални интереси“ и дејствува „во перспектива од општ интерес за подобрување на целокупниот финансиски пазар“.
Активистите за транспарентност велат дека работењето на „Еурофи“ е во спротивност со фактот дека е финансиран од огромни финансиски фирми како „Амазон“ и „ЏП Морган“, кои ѝ плаќаат на „Eурофи“ за привилегијата да можат „да ги придвижат регулаторите на нејзините конференции“. (!?)
„Еурофи“ наплаќа надомест од 50.000 евра од своите членови во индустријата, велат финансиските инсајдери. Маса на гала-вечера, просторија за состаноци или место за извршен директор на панел, сето тоа бара дополнителни трошоци.