Фото: Маја Јаневска-Илиева

На социјалните мрежи може да се „пронајдат“ продавачи на зеленчук, овошје, лекови, медицински суплементи, но и на други продукти и производи, кои вршат и достава до домашниот праг. Но, според повеќе јавувања на наши граѓани, при купувањето тие регистрирале дека тоа најчесто се прави без да се добие фискална сметка или друг документ за извршеното плаќање. Колку е честа оваа појава, колкав е нејзиниот замав и колку ваквите појави имаат потенцијал за зголемување на даночната евазија?

Предизвици за УЈП при онлајн трговијата

За време на пандемијата, трговијата на интернет бележи експанзија. Имено, бројот на потрошувачите и извршените трансакции за извршени набавки и услуги во земјата е во постојан раст. Домашните купувачи забележуваат дека тоа што некогаш можело да се купи на зелените пазари, сега станува лесно достапно преку онлајн продажбата. На социјалните мрежи може да се „пронајдат“ продавачи на зеленчук, овошје, лекови, медицински суплементи, но и на други продукти и производи, кои вршат и достава до домашниот праг.

Граѓаните регистрираат неправилности при
купувањето производи

Според повеќе јавувања на наши читатели, при купувањето тие регистрирале дека тоа најчесто се прави без да се добие фискална сметка или друг документ за извршеното плаќањето. Во оваа онлајн трговија се вклучени голем број ситни трговци, но и компании што своите услуги ги нудат преку огласи на социјалните мрежи. Како најтргувани производи на виртуелниот пазар се облека од разни производители, спортска опрема, козметички производи, достава на разни препарати за подобрување на личниот имунитет, но и лекови.
Голем дел од оваа продажба се однесува и на тутунските и алкохолните пијалаци, кои се акцизни стоки, а договорот за испорака може да се направи и телефонски. Во последно време, во онлајн тргувањето е позастапена и продажбата на земјоделски производи, кои се нудат лично од индивидуалните производители. Зголемувањето на онлајн продажбата ја поттикнува економијата, но тоа носи и ризик од избегнување на плаќањето на даноците за испорачаните производи или услуги. Сето ова се прави во време кога во државата се води акција за „поврат на данокот“ преку кампањата „Мој ДДВ“, чија цел е да се намалат и нелегалната трговија и сивата економија. Проблемот е во тоа што сѐ почесто не се добива фискална сметка од трговците што вршат достава до домовите, а плаќањето се прави и во готово.
– На интернет видов оглас за продажба на органски мед. По направената нарачка, теглата со мед ми беше доставена дома, а на човекот му платив колку што чинеше, без да ми издаде фискална сметка! Мои пријатели, пак, ангажираа мајстор за поставување прозорци. Неговата „фирма“ се рекламираше на интернет. Сумата што ја наплати изнесуваше над 800 евра, а за тоа не издаде никаква сметка. Плаќањето беше во готово. Не знам дали тоа го пријавил како редовен приход и дали за тоа платил данок на државата – ни изјави наш сограѓанин.

Реакции и од здруженијата на регистрирани производители и трговци

Од здруженијата на регистрирани производители и трговци реагираат на неконтролираната трговија што се прави преку социјалните мрежи, за да се воспостават еднакви пазарни услови за сите стопански субјекти, кои се принудени редовно да го евидентираат прометот и да плаќаат даноци. Во извештајот на Меѓународниот монетарен фонд, вредноста на сивата економија во Македонија изнесува околу 38 отсто од БДП, што наметнува и обврска за даночните институции за следење, контрола и оданочување на извршените трансакции што се прават преку онлајн трговијата.
За тоа дали Управата за јавни приходи на Македонија е кадровски и технички подготвена за следење на трансакциите на онлајн просторот, од оваа институција нѐ информираа дека континуирано се следат стопанските текови, поддршка од ЕУ, ММФ и други меѓународни организации (ЦЕФ; ИОТА) во форма на твининг-проекти, работилници или обуки со кои се стекнуваат со искуства и алатки што се користат за собирање податоци од интернет за субјекти што вршат електронска трговија и за обемот на трансакциите.
– Управата за јавни приходи, во согласност со Законот за даночна постапка, врши надворешна контрола кај даночните обврзници за проверка, утврдување и оценување на состојби што се од важност по однос на даноците. Со надворешната контрола се врши проверка на целокупното работење на даночниот обврзник за одреден даночен период, односно се контролираат продажбата и приходите од продажба, независно од начинот на кој се врши продажбата (преку деловна единица – продажно место, онлајн итн.). Тоа значи дека доколку одреден даночен обврзник врши и онлајн продажба, таа се контролира во рамките на контролите на данок на добивка и ДДВ што ги спроведува УЈП. Доколку наплатата за извршената електронска продажба е извршена на друг начин, односно безготовински (електронски на самата веб-страница, со уплата на трансакциска сметка), правното лице што врши продажба нема обврска за издавање фискална сметка – ни изјавија од прес-службата на УЈП.

Постои Стратегија за формализација на неформалната економија во Република Македонија за периодот 2018-2022

До Управата за јавни приходи стигнуваат пријави за неиздадена фискална сметка за извршен готовински промет преку онлајн продажба, по кои Управата постапува во согласност со Законот за регистрирање готовински плаќања. Овие постапки се однесуваат за даночни обврзници што се регистрирани во трговскиот регистар и во регистарот на даночни обврзници во УЈП, а кои вршат електронска продажба и имаат регистриран фискален систем на опрема. По однос на лицата што вршат онлајн продажба што за истото тоа не се регистрирани во соодветен регистар во одредена правна форма се применуваат одредбите од Законот за забрана и спречување на вршење нерегистрирана дејност, во кој се предвидува и изрекување глоби за идентификувана нерегистрирана дејност.
Инспекциски надзор над спроведувањето на одредбите од овој закон вршат органите на државната управа и единиците на локалната самоуправа, и тоа државниот инспекторат за труд, пазарниот инспекторат, санитарниот и здравствениот инспекторат, инспекторатите за градежништво и урбанизам, овластен градежен инспектор и овластен урбанистички инспектор при единиците на локалната самоуправа и други. Инспекторатите што се надлежни да вршат надзор се должни да соработуваат и разменуваат податоци со Министерството за финансии – Управата за јавни приходи, заради утврдување и пресметување на даночните обврски на субјектите што вршат нерегистрирана дејност.
Активностите за формализирањето на сивата економија, вклучувајќи ја и сивата економија во онлајн трговијата, се опфатени и во Стратегијата за формализација на неформалната економија во Република Македонија за периодот 2018-2022 година и Акцискиот план што ги донесе Владата. М.Ј.


Само кон домашните онлајн продавници за тргување се потрошени 65,3 милиони евра во период од три месеци

Според податоците на Народна банка на Македонија, во првиот квартал од 2021 година вредноста на онлајн трансакциите реализирани во земјата и во странство изнесува 86,6 милиони евра, што во споредба со истиот период претходната година, кога се реализирале 49,6 милиони евра, претставува пораст за 74,6 проценти. Овие податоци се врз основа на безготовинските платежни трансакции на виртуелните места на продажба. Бројот на направените трансакции во истиот период во однос на минатата година забележува пораст од 65 отсто, што значи дека вредноста на просечната трансакција е зголемена. Во текот на првите три месеци од 2021 година се реализирани вкупно 3.228.182 онлајн трансакции во земјата и во странство, наспроти 1.954.957 онлајн трансакции во текот на првите три месеци од 2020 година. Во овој начин на тргување се потрошени 65,3 милиони евра во период од три месеци, само кон домашните онлајн продавници.