Со вториот билатерален протокол и прифаќањето на т.н. француски предлог, тежиштето се префрли врз членовите на комисијата, односно од нејзините активности зависи македонскиот напредок во целиот интегративен процес, без одлуките на комисијата не може да се постигне напредок. Доколку се земе предвид тоа,
информирањето за активностите на споменатата комисија е уште позначајно, но последната средба што се одржа во Софија беше покриена со превез за длабока
тајност… Зошто?
Нетранспарентна работна средба на заедничката македонско-бугарска историска комисија во Софија се одржа деновиве
Деновиве се одржа работна средба на заедничката македонско-бугарска историска комисија во Софија. И тоа зад затворени врати. Далеку од очите на јавноста. За средбата, за жал, немаше никакви информации и соопштенија во јавноста.
Со таквиот нетранспарентен начин на работа, доколку внимателно се погледнат последните активности на комисијата, очигледно е дека е нарушен воспоставениот доскорашен принцип за информирање на пошироката јавност преку соопштенија или конкретни изјави, како од членовите на комисијата, така и од соодветните министерства за надворешни работи.
Според наши добро информирани соговорници по ова прашање, отстапувањето од отчетноста/транспарентноста е поврзано со изборот на новата бугарска влада на 6 јуни 2023 година и новите насоки што биле упатени кон бугарското министерство за надворешни работи и бугарските членови на комисијата, односно да се воздржуваат од коментари и соопштенија што се поврзани со работата на комисијата за историски и образовни прашања. Овој принцип, според нашите извори, како ан блок да е прифатен и од македонската страна, а тоа може да се заклучи и по последниот целосен молк од македонското министерство за надворешни работи, кое не информираше за одржувањето на средбата во Софија, велат нашите добро упатени соговорници, истовремено поставувајќи го прашањето дали има причина за тоа.
Мешаната комисија на највисок (одлучувачки) пиедестал?!
Работата на мешаната експертска комисија за историски и образовни прашања во изминативе години се следи со посебен интерес од пошироката јавност, особено од експертската, бидејќи нејзините активности се ставени да бидат „во главната ролја на македонските национални и државни интереси и на чии одлуки треба да се покоруваат и државните функционери“(!?). Дури и натамошните политички одлуки во делот од билатералните односи со Бугарија, кои во моментов најзначајно се рефлектираат во нашите натамошни евроинтегративни процеси и процедури, како што се поставени работите сега, велат нашите соговорници, во голем дел зависат од резултатите на мешаната историска комисија, што навистина претставува една тешка небулоза.
Имено, работата на заедничката комисија доби уште поголемо значење по потпишувањето на вториот билатерален протокол и усвојувањето на т.н. француски предлог од кој зависи почетокот на македонските пристапни преговори со Европската Унија.
– Со вториот билатерален протокол и прифаќањето на т.н. француски предлог, тежиштето се префрли врз членовите на комисијата, односно од нејзините активности зависи македонскиот напредок во целиот интегративен процес, без одлуките на комисијата не може да се постигне напредок. Доколку се земе предвид тоа, информирањето за активностите на споменатата комисија е уште позначајно, но последната средба што се одржа во Софија беше покриена со длабока тајност – велат нашите добро упатени соговорници.
Зајакнување на македонскиот дел од мешаната комисија, но зајакнување и на „дискрецијата и нетранспарентноста на средбите“
Според последните информации што беа споделени од Министерството за надворешни работи, македонскиот тим во мешаната историска комисија доби зајакнување од асистенти, неколку историчари и администратори, кои требало да придонесат за поефективно работење на комисијата.
– Во оваа конотација, министер Бујар Османи соопшти дека е формиран секретаријат на комисијата составен од помошници, кои ќе им помагаат на членовите со свои мислења и познавања на одредена тема, а ќе ги обезбедуваат и потребните материјали. Но кои се членовите на споменатиот секретаријат на комисијата останува енигма – додаваат нашите соговорници.
Досега комисијата за историски и образовни прашања ги усогласи препораките за заедничко одбележување на Св. Кирил и Методиј, Св. Наум Охридски, Св. Климент Охридски и цар Самуил, како и пет препораки за учебниците по историја за петти клас во Бугарија и за шесто одделение во Македонија што се однесуваат на периодот на антиката. Според нашите соговорници, членовите на комисијата имаат одреден напредок по прашањето за местото и улогата на средновековниот владетел Самоил, а се прават и обиди за усогласување околу улогата и значењето на Охридската архиепископија.
– Доколку се земе предвид дека се разговара за значајни личности и институции од историјата на македонскиот народ, а притоа од одлуките на самата комисија зависи македонскиот интегративен напредок, потребна е поголема отчетност и да се напушти мистериозноста што се наметна за нејзините активности, впрочем комисијата ги засега македонските национални и државни интереси – велат нашите соговорници. Р.Н.М.