Фото: Игор Бансколиев

Синдикатите и дел од правните експерти укажуваат дека според нивните анализи и широки консултации, „понуденото законско решение е полошо отколку специјалниот Закон за утврдување на јавен интерес и номинирање стратегиски партнер и членот 12“, кој беше оспорен од пред точно една година, кој строго дефинираше 60-часовна работна недела и падна на Уставниот суд. Според соговорниците, „денес се повикува на национален интерес и стратегиски цели, а никој досега не дефинира што се национален интерес и стратегиски цели“, при што се отвора прашањето „дали животот на работникот дефинитивно се оптоварува вонгабаритно од законски новопропишаните дозволени професионални ангажмани…“

СИНДИКАТОТ И ДЕЛ ОД ПРАВНИТЕ ЕКСПЕРТИ ЗА ИЗМЕНИТЕ ВО ЗАКОНОТ ЗА РАБОТНИ ОДНОСИ

Воведувањето 60-часовна работна недела во Македонија, околу што имаше бурни реакции во јавноста, а беа организирани и масовни работнички протести, станува сѐ поизвесно откако претседателот на државата, Стево Пендаровски, ги потпиша указите за прогласување на петте закони, меѓу кои спаѓа и најоспоруваниот закон за работни односи. Сите пет закони се поврзани со коридорите 8 и 10 Д што треба да ги гради конзорциумот „Бехтел и Енка“. Наспроти тврдењето на претседателот Пендаровски дека законот овој пат не ја содржел формулацијата „60-часовна недела“, која веќе еднаш беше укината од Уставниот суд, синдикалците имаат сосема спротивно мислење и велат дека со новото законско решение се трга горната граница од прекувремени часови, што ќе има крајно негативни последици врз работниците.
Уставниот суд минатата година ја оспори одредбата за воведување 60-часовна недела со укажување дека работната недела во Македонија е дефинирана на 40 часа неделно. И покрај тоа, пратениците во македонското собрание неодамна ги изгласаа измените на законот, меѓу кои и за прекувремена работа над 40 часа неделно, со образложение за олеснување и забрзување на изградбата на коридорите. Зошто изгласувањето на измените на Законот за работни односи синдикалците го нарекоа „црн петок“ за работниците и за државата?
– Во однос на Законот за изменување и дополнување на Законот за работни односи сакам да ја информирам јавноста дека текстот на усвоениот закон не ја содржи оспорената одредба од Уставниот суд, која предвидуваше дека работното време на секој работник може да биде во просек 60 часа неделно во текот на годината. Изминатиот месец дадов неколку јавни изјави дека нема да потпишам указ за прогласување закон кој содржи одредба што претходно е оспорена од Уставен суд и во таа насока новиот текст на законот не ја содржи формулацијата 60-часовна работна недела – изјави Пендаровски.
Претседателот на државата сепак остава простор и за поинакво толкување на законските одредби, нагласувајќи дека иако во законот нема експлицитно кажано 60-часовна работна недела по работник, има друга одредба за тоа колку може да трае прекувремената работа (најмногу осум часа во текот на една недела, најмногу 190 часа годишно), освен за работи што имаат специфичен процес на работа. Токму ваквата формулација – освен за работи што имаат специфичен процес на работа, широко ја отвора вратата за многу поголема работна недела од законски предвидената.
Изградбата на коридорите секако може да се вклопи во работи што имаат специфичен процес на работа, што остава простор за подолга работна недела, предупредуваат и синдикалците и правните експерти.

– Зборуваме за патишта, знаете дека сезоната трае од три до шест месеци максимум – јануари-февруари никој не поставува асфалт, така што на ниво на квартал или година, мое уверување е дека нема да се пробијат законските саати – смета претседателот Пендаровски.
Но нечие субјективно верување или уверување, па макар и на претседателот на државата, нема обврзувачка правна тежина, во споредба со она што е напишано во законот, каде што се остава простор за прекувремена работа.
Според толкувањето на повеќе наши соговорници – правни експерти, спротивно на толкувањето на советниците на претседателот Пендаровски, „со новото законско решение премолчено или на мала врата, практично се легализира експлоатацијата на работниците“. Имено, „за тоа сега нема горна граница и работодавачот може, како што нему му одговара да ги толкува одредбата за дозволена прекувремена работа, за работи што имаат специфичен процес на работа. Логично, за секој работодавач токму неговата работа и дејност имаат специфичен процес на работа“.
Од Синдикатот за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) велат дека овој пат со сигурност може да кажат, без разлика каква одлука ќе донесе Уставниот суд по нивната претставка како синдикат, дека ќе има многу повеќе повреди и жртви на овие градежни активности, бидејќи се трга горната граница од прекувремени часови.
– Не е точно дека ќе се работи редовно 40 часа, па сѐ друго ќе се води како прекувремено, имајќи и досега лошо искуство со огромен број работодавачи, кои го прераспределуваа работното време и воопшто не исплаќаа прекувремена работа. Со едно вакво законско решение само ќе ја легализираме работата за една цена како редовно работно време и ќе го запазиме минимумот одмор на работниците, а тоа е 12-часовен дневен одмор и 24-часовен неделен одмор. Ова е полошо законско решение отколку специјалниот Закон за утврдување на јавен интерес и номинирање стратегиски партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија („Службен весник на Република Северна Македонија“ бр. 163/2021) и членот 12, кој го оспоривме пред точно една година, кој строго дефинираше 60-часовна работна недела. Ова денес се повикува на национален интерес и стратегиски цели, а никој досега не дефинира што се национален интерес и стратегиски цели. Дали животот на работникот дефинитивно го помножија со нула останува на жалост да чекаме и да сведочиме на времето што доаѓа – вели Иван Пешевски, претседател на Синдикат за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП).
Од СГИП, сакајќи да ја нагласат ризичноста од прекувремените ангажмани на градежните работници, издвојуваат еден сигнификантен, наедно и помалку застрашувачки пример, во кој пред неполн месец токму во центарот на Скопје загинал работник на скеле во високоградба во нерегистрирани прекувремени часови работа, а на истиот тој работодавач му била дадена награда за компанија што почитува сѐ од безбедност и здравје при работа.

– За нас секогаш ќе остане нејасно која е цената што нашите владини претставници ја наплаќаат за вакви безмилосни законски решенија по однос на безбедноста, здравјето и животот на работниците. Толку ли лесно заборавија дека поради лоши владини политики не останаа работници во државата и само во секторот градежништво имаме помалку 12.622 работници за помалку од две години – нагласува Пешевски.
Според него, средствата треба да останат тука во домашните компании и работници и повторно да го поткренеме бруто-домашниот производ, зашто во криза единствено овој сектор може да ја подобри целокупната економија.
– Наместо да доградиме нешто што е започнато и да се пофалиме, ние повторно им даваме работа на странски наместо на домашни компании, со што свесно го тонеме секторот градежништво и ги гаснеме домашните компании, а квалификуваниот кадар го бркаме за подобра егзистенција надвор од границите на државата. Го заобиколуваат Законот за јавни набавки и прават договор во четири очи, кој го кријат од сите, а ние работниците и другите граѓани (плаќачите на данок) едноставно треба само да веруваме, да чекаме и да одиме да гласаме, да даваме легитимитет за да ни ја уништуваат државата легитимно пред очи. Со вакви политики далеку се коридорите што ќе нѐ поврзуваат со Европа и светот. Со вакви политики и нивно нестопирање, еден ден само ќе станеме слепи соучесници во криминалите на власта (без разлика која била, која е во моментот и која е следна) и не ќе можеме глава да кренеме од кредити и долгови – порачува Пешевски, додавајќи дека со ваквите измени на Законот за работни односи не на мала врата, туку на голема врата се туркаат туѓи интереси, а не домашни.
Тој нагласува дека како единствени останати репрезентативни претставници на работниците до последен здив ќе се борат да оспорат сѐ што е контрапродуктивно и сѐ што не е во интерес на безбедноста и здравјето на работниците, зашто човечкиот живот не може да се компензира со пари.


Со законските измени 72 часа работа

За читателите на „Нова Македонија“, од Синдикат за градежништво, индустрија и проектирање (СГИП) направија пресметка и симулација колку навистина ќе трае работното време според новите одредби од законот. За тоа колку во пракса максимум ќе може да работи еден работник пресметката е следна:
– Вкупно седум дена во неделата помножени со 24 часа изнесува 168 часа. Кога ќе одземеме 24 часа неделен одмор остануваат 144 часа. Кога ќе одземеме шест помножени 12 часа дневен одмор, односно 72 часа одмор ќе видиме дека ни преостануваат 72 часа работа. Тоа во просек, додека трае проектот и додека овозможуваат временските услови, значи само црно сценарио на градежните работници на терен, како на странските така и на домашните – вели Иван Пешевски, претседател на СГИП.
Тој посочува дека единствено подобро решение ќе биде само двојно зголемен домашен број работници во редовно работно време во пристојни и достоинствени услови за работа, како и достоинствени плати за живот, а не за преживување.