Повеќето политички аналитичари оценуваат дека земјава во следните три месеци ќе биде заложник на партиските суети и дека државата нема да види ништо добро од кохабитацијата во преодната влада. За нив многу попроблематичен е фактот што во очите на меѓународните партнери Македонија се претставува како држава чии институции не се способни да спроведат фер избори, а претендира да биде дел од ЕУ
Започна процедурата за избор на техничка влада
До недела треба да завршат сите законски процедури и рокови околу изборот на третата преодна влада (во медиумите често неправилно именувана како „техничка“), која меѓу граѓаните е попозната како пржинска влада. А ако денот по утрото се познава, ова ќе биде само дополнително потрошено време на политички сплеткарења, опструкции, подметнувања и меѓусебни обвинувања, време што државата можеше поефективно да го искористи, за многу посуштински работи од интерес на граѓаните.
Апсурдноста од ваквото техничко решение, кое на 100 дена пред изборите требаше да овозможи амбиент за фер и демократски изборен процес, се покажа уште со минатата техничка влада, која дури и во ситуација на вонредна состојба во која се најде државата поради пандемијата на коронавирусот, наместо да се погрижи како да се ублажи здравствената закана, повторно времето го трошеше на меѓусебни обвинувања, разрешувања и опструкции од една или од друга страна, што кај јавноста предизвикуваше чувство на недоверба кон институцијата што требаше да го има главниот збор во справувањето со пандемијата, во услови кога Собранието беше распуштено.
И сега, според изјавите што доаѓаат од највисоките политички претставници во земјава, очекувањата од работењето на новата техничка влада се никакви, односно се формира само за да се запази законот, но и да се задоволи меѓупартискиот договор на коалициските партнери од власта, за премиер Албанец во последните 100 дена од мандатот на Владата.
Со преодната влада Македонија остава лош впечаток дека е институционално неспособна да спроведе фер и демократски избори
Професорката Мирјана Најчевска аргументира дека преодната влада е непотребна и дека со инсистирањето за нејзино формирање пред секои избори, Македонија остава лош впечаток дека е институционално неспособна да спроведе фер и демократски избори.
– Бесмислено е постоењето на техничката влада. Дали ние сега се сомневаме дека сите нови избори не би биле фер, ако велиме дека треба да постои техничка влада, што ја нема никаде на свет, тогаш признаваме дека имаме проблем со ДИК, со Уставен суд, со сите институции што треба да ги спроведат изборите – порачува Најчевска.
И универзитетската професорка Билјана Ванковска реагира на формирањето на техничката влада, констатирајќи дека сѐ додека партиите се држат до неуставна техничка влада и Пржино, никој нема Македонија да ја есапи за нормална држава.
Став и на други политиколози и политички аналитичари е дека земјава во следните три месеци ќе биде заложник на партиските суети и дека државата нема да види ништо добро од присилната кохабитација во техничката влада. За нив многу попроблематичен е фактот што во очите на меѓународните партнери Македонија се претставува како држава чии институции не се способни да спроведат фер избори, а претендира да биде дел од ЕУ.
– Сега нештата се променети, така што институциите мораше да ја преземат целата работа околу организирањето квалитетен и доверлив изборен процес. Техничката влада во два наврата се покажа како неефикасна, нема причини и третиот пат да не биде така. Треба да се укине она што е противуставно и земјата да се врати на нормален колосек, наместо непотребно да се губи време – констатираат аналитичарите.
Премиерот Димитар Ковачевски истакна дека министерските места предвидени за опозициската ВМРО-ДПМНЕ треба да останат празни ако оваа партија не ја поддржи техничката влада.
– Сметам дека ВМРО-ДПМНЕ, во согласност со законот, исто како сите други политички партии што се повикани да имаат министри во техничката влада треба да ги даде своите кандидати и да гласа за таа влада. Доколку ВМРО-ДПМНЕ реши да не гласа за таа влада, тогаш сметам дека тие места треба да останат празни, мандатарот да предложи влада во која тие места ќе бидат упразнети. Во моментот кога ВМРО-ДПМНЕ ќе реши да ја поддржи владата, тогаш ќе може мандатарот да предложи и во истиот дена да се изгласаат министрите што им следуваат – изјави Ковачевски.
На иста линија со премиерот е и претседателот на државата Стево Пендаровски, според кого станува збор за политички преседан и некоректен потег некој да биде дел од влада за која не гласал.
– Или се согласувате или не се согласувате на техничка влада. Можете да кажете не сакаме да даваме воопшто луѓе, но не може да го спориш предлогот што според Законот за оваа влада го дава парламентарното мнозинство. Ако тие предложат да биде Талат Џафери, твое е само да кажеш учествувам или не. Не може да го спориш како поединец или како личност – изјави Пендаровски.
Според него, процесот за гласање на новата техничка влада треба да помине мазно, без проблеми од ниедна страна, за да може да се избере влада.
– Таа мора да почне да функционира сто дена пред изборите, односно до 28 јануари, со цел сите институции да функционираат ефикасно и во интерес на граѓаните – посочи претседателот на државата.
Како иден мандатар на техничката влада, Талат Џафери завчера најави дека до Собранието ќе предложи целосен состав на новата влада, доколку од ВМРО-ДПМНЕ до него достават предлози за министри и дополнителни заменик-министри.
– Нема пречка да не бидат. Таков е законот. Која од партиите ќе учествува, ќе бидат предложени и нивните министри – изјави претседателот на Собранието, одговарајќи на новинарски прашања.
Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, пак, смета дека техничката влада е непотребна и дека власта требало да прифати укинување на оваа влада, бидејќи дошло од страна на опозицијата.
– Ако сѐ уште остане техничката влада, која е антиуставен елемент, тогаш повторно ќе имаме разни гимнастики и лупинзи во иднина. Ние затоа имавме чесна намера, од позиција на опозиција, за да не бидеме потоа обвинувани дека од позиција на власт сакаме да ја укинеме пржинската влада, туку еве велиме од позиција на опозиција да го направиме тоа со измена на закон… Ова е влада на конфликти, таму работата нема да биде за машала, секој ден ќе се корнеме за коса, ти вака, јас онака, нема да биде тоа работа каде што ние ќе можеме да зборуваме за нешто што би значело некаква додадена вредност во насока на развојот на државата. Знаеме што ќе биде во таа техничка влада, нема да биде поезија, ќе биде хорор. Имајќи го конфликтното искуство од минатото, понудивме да нема техничка влада – истакна Мицкоски.