Фото: Пиксабеј

Неавтентичните видови организми и морското загадување го менуваат во корен соживотот со другите организми на планетата Земја

Доаѓањето на неавтентичните морски видови и морското загадување (од копното) сериозно ги загрозуваат екосистемите на планетава.
Инвазивните и поотпорни организми сѐ повеќе ја прошируваат територијата на своето живеење, загрозувајќи други видови и менувајќи ги екосистемите.
На пример, на јужната хемисфера многу е очигледно загрозувањето на екосистемите на Антарктикот, покажуваат новите океанографски модели. Претходно, научниците сметаа оти недомородните видови пристигнале на Антарктикот само од оддалечените и ненаселени острови во јужните океани, но ново истражување, објавено неодамна во списанието „Глобал чејнџ биолоџи“, сугерира дека тие пристигнуваат од сите јужни континенти. Научниците предупредуваат дека неавтохтони видови можат да стигнат до Антарктикот со тоа што ќе се најдат врз пловечки објекти, вклучувајќи алги, парчиња дрво, пластика и други предмети.
Коавторот на студијата, Крид Фрејзер, стравува дека ваквата појава би можела потенцијално да му нанесе „удар“ на морскиот екосистем на јужниот континент.
– Ако го колонизираат Антарктикот, морските екосистеми таму би можеле значително да се променат – предупредува Фрејзер.
Научниците го следеле движењето на отпадоци од голем број јужни копнени територии кон Антарктикот, користејќи модели на океанска струја засновани врз основа на податоци од 1997 до 2015 година. Се заклучило дека има постојан наплив на пловечки објекти, вклучувајќи алги или пластика – рече коавторот Адел Морисон.
Повеќето од предметите пристигнуваат во најтоплиот дел на Антарктикот, поради што организмите што пристигнуваат на нив лесно се приспособуваат на новата средина.
А значителното исчезнување на мразот на тој континент дополнително ја олесни нивната „миграција“ од копното.
– Морскиот мраз дејствува како бариера за повеќе неавтохтони видови успешно да се населат околу Антарктикот. Ако продолжи неодамнешното намалување на морскиот мраз на Антарктикот, живите суштества што лебдат на површината или се прикачени на пловечки објекти, полесно би можеле да го колонизираат континентот, што би можело да има големо влијание врз екосистемите – нагласува водечката авторка на студијата, Хана Досон. Р.С.