Она што треба да го прочитаат македонските политичари од пораките на администрацијата на САД е дека националните интереси не треба да се жртвуваат бесмислено, за угодување по секоја цена на нечии историски фрустрации, маскирани во европски и геополитички интереси. Сојузниците не се ценат по беспоговорната послушност, туку по принципиелноста, доследноста и конзистентноста на ставовите, кои се заеднички и втемелени во универзалните вредности, кодекс и принципи, но и по чувањето на својот интегритет и интегритетот на сојузништвото. Македонија на потешкиот начин, со Преспанскиот договор, требаше да научи дека откажувањето од своите национални вредности не е на цена во геополитиката и да не ја повтори истата грешка со уцените од Бугарија за почеток на преговорите со Европската Унија
Поканата на Советот на ЕУ за Босна и Херцеговина да ги започне преговорите за членство во Европската Унија на своевиден начин се толкува како импулс за евроинтегративните процеси на сите земји од Западен Балкан, кои се во различни фази од својот кандидатски статус во Унијата. Секако, за Босна и Херцеговина тоа е значителен исчекор на патот кон ЕУ, осум години откако поднесе апликација за членство и две години по добивањето кандидатски статус, но и понатаму останува резервираната доверба во регионот спрема сериозноста на намерите на ЕУ за проширување, и тоа секоја од шесте земји според сопствените искуства и опструкции со кои се соочува во тој процес. Но она што е карактеристично во евроинтегративните процеси на земјите од Западен Балкан е што брзината или бавноста на нивното пристапување кон ЕУ е условено од исполнување на стандардните критериуми за проширување, вградени во нивните преговарачки рамки. Единствено случајот на Македонија е „специјален“, зашто веќе со децении на земјата ѝ се наметнуваат серија непринципиелни услови од соседите (членки на Унијата), со тежина на уцени, кои дрско ги прекршуваат меѓународното право и универзалните човекови права, како и вредностите вградени во основачките акти на Европската Унија. Македонија и по минатонеделниот самит на ЕУ, сѐ уште е со статус на условено започнати преговори, односно неприфатена преговарачка рамка (т.н. француски предлог), со услов за уставни измени за внесување на Бугарите во уставната преамбула, за отворање на поглавјата во преговорите. Всушност, и понатаму преговарачкиот процес на Македонија, па и на другите земји од Западен Балкан, е на стендбај, во историски миг кога Европската Унија треба итно да спроведува нова геополитичка стратегија.
Со „протекции“ и досега имаше зачленувања кон ЕУ, и тоа без исполнети
услови, а Вашингтон многу добро го знае тоа
На минатогодишниот, декемвриски самит на ЕУ, Украина (во која веќе две години се води војна), Молдавија и Грузија некако „прекуред“, без стандардни и дополнителни процедури, кои со децении ѝ се поставуваат на Македонија (и на другите земји од Западен Балкан), добија покана за почеток на преговори за членство со Унијата. Дури беше најдено и „решение“ за заобиколување на консензусот во одлучувањето за проширување на Унијата, што на Македонија постојано ѝ се „удира од нос“ зошто не може речиси дваесетина години да ги започне преговорите. На Вашингтон му е кристално јасно дека и Романија и Бугарија влегоа во ЕУ без исполнување на принципиелните критериуми на Унијата. И тогаш беше направен „позитивен преседан“, а и сега со Украина, Молдавија и Грузија. Но, со Македонија, САД се свесни дека се прави „негативен преседан над преседаните“!
И сега се очигледни потребата и намерата на ЕУ за прием на источноевропските земји, што бара одредена итна стратегија и за одржување и зацврстување на влијанието на Западен Балкан.
– Во овој историски момент сите геополитички фактори некако брзаат да го зацврстат своето влијание во Западен Балкан. Поради војната во Украина, односно консолидација на ЕУ за поддршка и спротивставување на руското влијание воопшто, потребна ѝ е итна стратегија за зацврстување на своето влијание во Западен Балкан. Во контекст на таа нова итна стратегија е и поканата на Босна и Херцеговина за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Потребата од зацврстувањето на влијанието во Западен Балкан е израз на геополитичката волја на ЕУ за влијание врз исходот на војната во Украина, а сигналите што ги испраќа спрема земјите од Западен Балкан се геополитички потези. Не би го толкувал тоа како забрзување на проширувањето. И понатаму останува актуелна идејата приемот на нови членки да се случи откако ќе завршат реформите на самата Унија – вели поранешниот амбасадор, професорот Јован Донев.
Американско потсетување на ЕУ за европските принципи, порака и до Брисел
и до Скопје
Аналитичарите на геополитичките процеси, во контекстот на потребата од нова итна стратегија на ЕУ за да може да одговори на воените предизвици на нејзините граници, ги гледаат и препораките на САД за Унијата да се врати на своите принципи и да го „регулира“ каприциозното однесување на своите земји членки. Неодамна специјалниот пратеник на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар, при посетата на Приштина, изјави дека „Македонија треба да биде полноправен кандидат и веднаш да стане членка на Европската Унија“, нагласувајќи истовремено дека „земјата е многу цврст партнер, билатерално и во мултилатерални сојузи како НАТО и ОБСЕ“. Во изјавите на Ескобар со порака за итност на статусот на Македонија како „полноправен кандидат“ и „веднаш да стане членка на ЕУ“ веќе се препознава актуелна конзистентност во позицијата на САД, по доставената резолуција во американскиот Сенат, за поддршка на пристапувањето на Македонија во Европската Унија, со нагласување „без дополнителни билатерални услови“. Овие пораки од високи политичари во американската администрација се чини се еднакво упатени и до Брисел, но и до македонските политичари. Пораката до Брисел е во насока на преиспитување на непринципиелните билатерални услови што ѝ ги наметнува на Македонија во преговарачката рамка, само за почеток на преговорите. Она што треба да го прочитаат македонските политичари е дека националните интереси не треба да се жртвуваат бесмислено, за угодување на по секоја цена на нечии историски фрустрации, маскирани во европски и геополитички интереси. Сојузниците не се ценат по беспоговорната послушност, туку по принципиелноста и доследноста во чувањето на својот интегритет. Македонија на потешкиот начин, со Преспанскиот договор, требаше да научи дека откажувањето од своите национални вредности не е на цена во геополитиката и да не ја повтори истата грешка со уцените од Бугарија за почеток на преговорите со Европската Унија.