Во членот 53 од Конвенцијата за односите на државите со меѓународните организации од 1986 година јасно е наведено дека сите договори што се во спротивност со задолжителната норма на општото меѓународно право (јус когенс) се неважечки. Токму Преспанската спогодба е во целосна спротивност со оваа норма
Светската организација целосно ја погази Конвенцијата за односите на државите со
меѓународните организации од 1986 година
Организацијата на Обединетите нации се наоѓа пред сериозен тест што треба да покаже дали ќе остане да биде чувар на меѓународното право или, како што го направи тоа со преседанот со Македонија во далечната 1994 година, ќе им угодува на желбите на моќните земји, спротивно на сето она што е запишано во Повелбата на организацијата.
Имено, при приемот на Македонија во ООН, организацијата го погази основното право на секоја држава самата да одлучи под кое име да аплицира за членство, со што на најфлагрантен начин изврши дискриминација врз македонската држава и нејзиното право на национална идентификација.
Тоа беше само иницијалната каписла по која ООН влегуваше од преседан во преседан, водејќи се исклучиво од желбите и потребите на големите и моќни земји, по што неминовно се наметна прашањето дали ваква ООН воопшто е потребна и дали не е дојден последниот момент кога организацијата треба да се реформира и да почне да функционира како чувар на меѓународното право.
Во исто време се наметнува и дилемата дали и Македонија не треба да иницира враќање на меѓународноправниот инструментариум во рамките на ООН, така што ќе ја потсети организацијата дека Преспанската спогодба е спротивна на нормата јус когенс и дека како таква не смее да предизвикува никакви обврски, а најмалку промена на името и симболите на една држава. А за таквата цел, сите алатки што се во согласност со меѓународното право ѝ стојат на Македонија широко на располагање, почнувајќи од тужба на ОН, до гласање за враќање на името во Генералното собрание на организацијата.
Реформа на ООН или неславен крај
Од тие причини е неопходна итна реформа на ООН за да се врати довербата кон светската организација, оти во спротивно, имајќи го предвид актуелниот развој на настаните низ светот, нејзиното сегашно постоење е целосно излишно.
– Крајно време е за соочување со грдата реалност на војни, природни катастрофи, енормна сиромаштија, нееднаквост и нерамноправност, кршење на меѓународното право, па дури и на јус когенс, практикување на правото на мажите, наместо владеење на правото, жртвување на правдата, етиката и моралот заради профит и моќ – истакна македонската претседателка Гордана Силјановска-Давкова во обраќањето на самитот на иднината во Обединетите нации во Њујорк.
Таа додаде дека се залага за длабоки реформи на ООН, кои, како што вели, мора да се бараат со осмислена решителна акција.
– Храбрите потфати се неможни без длабоки реформи во ООН, зајакнат мултилатеризам во одлучувањето, развиен механизам на спреги и кочници во односите меѓу генералниот секретар, Советот за безбедност и Генералното собрание, поголема инклузивност и транспарентност на процесот на одлучување, како и решителност и ефикасност во справувањето со енормните закани за мирот, одржливиот развој и човековите права – рече Силјановска-Давкова.
Според неа, потребни се структурни, функционални, меритократски, демократски реформи, а треба да се зајакне и улогата на Генералното собрание, како претставничко тело на нациите.
– Меѓународниот суд на правдата мора да добие посилна улога, а неговите пресуди да станат задолжителни за сите. Мора да се воспостават поинтензивна соработка и партнерство со граѓанското општество, да се зголеми транспарентноста на работата на сите органи и тела. Не мислам дека проширувањето на Советот за безбедност со неколку нови постојани членови, со ексклузивно право на вето, само по себе ќе значи поголема гаранција за мирот, за безбедноста иако ми е јасно дека односот на силите на глобалната сцена денес не е оној од 1945 година. Како претставничка на мала држава, верувам дека во овој орган треба да се зголеми учеството на помалите држави за да се заштитат од реалната опасност од поголемите. За таа цел, Советот за безбедност го замислувам како своевидна светска коалициска влада – потенцираше Силјановска-Давкова.
Таа побара да се стави крај, како што нагласи, на непочитувањето, заобиколувањето и селективната примена на повелбата како во македонскиот случај.
Македонија може да ја тужи ООН за дискриминација
Несомнено македонската претседателка ги лоцирала сите нефункционални точки во ООН што доведоа до обезличување на македонскиот народ, а нерешителноста на организацијата да се реформира и да ги исправи сопствените грешки од минатото, во исто време треба да резултира со македонска иницијатива за отфрлање на сето она што ѝ е наметнато низ годините, а е во целосна спротивност на меѓународното право и на повелбата и конвенциите на ОН.
На државата ѝ стојат на располагање повеќе алатки што обезбедуваат примена на меѓународноправната легислатива во насока на заштита на сувереноста на нацијата и државата, како нејзина единствена одбрана од целосно идентитетско бришење на еден народ.
Професорот по меѓународно право на Институтот за политички студии од Белград, Игор Јанев, смета дека Македонија може да ја тужи ООН поради кршење на Конвенцијата за односите на државите со меѓународните организации од 1986 година.
– Националниот идентитет може да се брани со Конвенцијата за односите на државите со меѓународните организации од 1986 година. Ние можеме да ја тужиме ООН врз основа на оваа конвенција поради дискриминација доколку таа ни го промени или се обиде да го промени државното име како елемент за претставување. ООН може да биде тужена од држава (нашата држава) според членот 83 од оваа конвенција – вели професорот Јанев.
Според овој член, во примената на одредбата од оваа конвенција не смее да се прави никаква дискриминација.
– ООН е универзална организација и претставува договорна страна во оваа конвенција. А Повелбата на ООН е меѓународен договор, што наведува јасно на заклучок дека Македонија може да подготви тужба против ООН поради прекршување на сопствената повелба – објаснува Јанев.
Во членот 53 од Конвенцијата за односите на државите со меѓународните организации од 1986 година јасно е наведено дека сите договори што се во спротивност со задолжителната норма на општото меѓународно право (јус когенс) се неважечки.
– Договорот е неважечки ако, во моментот на неговото склучување, тој е во спротивност со навремената општа норма на меѓународното право. За целите на оваа конвенција, задолжителна норма на општото меѓународно право е норма прифатена и признаена од меѓународната заедница на државите како целина, како норма од која не е дозволено отстапување и која може да се измени само со последователна норма на општото меѓународно право со ист карактер – се наведува во овој член.
Сите овие елементи јасно покажуваат дека констатациите на професорот Јанев околу можноста Македонија да ја тужи ООН се во целосна корелација со нормите утврдени во конвенцијата на организацијата и доколку доследно се почитуваат меѓународното право и преземените обврски, Обединетите нации можат слободно да ја прогласат Преспанската спогодба за неважечка бидејќи е целосно спротивна на меѓународното право, а со насилната промена на името на државата, всушност се прави и промена на името на нацијата.
Професорот Јанев и претходно јасно сугерираше дека Преспанската спогодба не е во согласност со меѓународното право и апелираше борбата за враќање на уставното име на државата да се води во Генералното собрание на ОН.