Фото: Маја Јаневска-Илиева

Денес, многу повеќе од некогаш, токму критериумот достоинство е тој што ни овозможува да одлучиме за исправноста на идеите, ставовите или мислењата, кои може, а кои не може да ги прифатиме. А секој предлог што не се совпаѓа со нашето внатрешно или, пак, со колективното достоинство (нам како поединци, но и на народот, односно на нацијата или државата), сигурно во себе содржи никулци на антихуманизам и хегемонија. Последниот случај со наметнување некакви ултиматуми од режимот во Бугарија е силна потврда за тоа. Се покажа дека поединци, режими и држави што експлицитно или имплицитно ги прекршуваат принципите на достоинството се погубни и за себе и за другите. Македонија и Македонците често во своето минато, а особено во поновата историја, се соочувале со недостоинствени предлози однадвор

ВО ПРЕСРЕТ НА НАЈГОЛЕМИОТ ХРИСТИЈАНСКИ ПРАЗНИК ВЕЛИГДЕН

Ни претстои еден од најголемите празници – Велигден. Велигден е празник што ја пренесува радоста за Христовото воскресение, празник на животот, зашто ако нема воскресение, нема победа над смртта и нема вечен живот. Така барем црковните достоинственици ја пренесуваат идејата на празнувањето на претстојниот празник Велигден. Има исклучително голема симболика во тоа. Верата и вербата биле уверување дека постои нешто подобро, нешто што е вредно да се бара. Додека надежта е очекување или некаква сигурност дека тоа нешто што го бараме е навистина таму. Надежта е всушност тоа погонско гориво што, додека трагаме за правдината, ја одржува нашата вера во самиот живот!

Во Велигден да најдеме сила и мотив за индивидуално и заедничко јакнење, зацврстување, национална и духовна кохезија

Токму ваквата метафора, во предвечерјето на Велигден, можеби е нештото што длабоко ќе нѐ инспирира и мотивира сите нас како нација. Во празникот можеби ќе ја најдеме силата да истраеме додека трагаме за правдината, токму по онаа правда што стана жртва во екот на глобалното глорифицирање на неправдата, замижувањето на посилните за понижувањето на послабите, губењето на универзалните вредности, ерозијата на моралот и етиката и безмилосното газење на правните норми, кое стана практика.
Нацијата и државата е неопходно да најдат сила достоинствено да им се спротивстават на понижувањата и предизвиците што ни се наметнати однадвор и со највисока доза на самопочит да манифестираат еден колективен и национален дигнитет, за добивањето, поточно за земањето на она што сметаме дека го заслужуваме.
Имањето национално достоинство ќе ни овозможи да ги пребродиме стравовите од наметнатите притисоци, стравовите дека ќе бидеме исклучени од меѓународната заедница, екскомуницирани, оставени, осиромашени… Веќе сме сето тоа… Да не се осиромашиме само во духот. Можеби токму Велигден е моментот да се преиспитаме.
Да се отфрли секој предлог што не се совпаѓа со нашето внатрешно лично и колективно достоинство

Интересен е фактот дека светот, кој со години се бореше за достоинството на човекот како индивидуа, а со тоа се бореше и за достоинството и правата на колективитетите, за почитување на различните култури, јазици, обичаи, во последно време како да се изгуби. Токму светот или таа толку споменувана „меѓународна заедница“ го изгуби и сопственото достоинство и е неспособна за одржувањето на утврдените морални и етички норми, вградени во меѓународноправните норми, кои се однесуваат на човекот како единка, а се однесуваат и на општоприфатените правни норми за народите, нациите, малцинствата… За издвојување е дека токму ова последноспоменатото е всушност и загарантирано со меѓународното право, односно правни правила и принципи што ги штитат и уважуваат човековите права и правата на колективитетите, а сето тоа се совпаѓа со универзалните принципи на моралот и етиката. Така, постојат и законски одредби, и на внатрешното и на меѓународното право, со кои на поединецот и на нациите им е загарантирано правото на достоинство во најширока смисла на зборот!
Како Македонци, ние безброј пати во нашата историја се соочуваме со понижувања, обиди за делегитимирање и притисоци за автоделегитимирање на сопствената нација, обиди за различни именувања и преименувања, притисоци за менување на симболите со кои се идентификува нашиот народ, менување на националните законодавноправни акти и промена на карактерот на нашата тешко стекната национална држава… Но сето тоа стоички го поднесуваме, не губејќи ги моралот и високите вредности и на Македонецот како поединец и како народ.

Да не паднеме во искушение да се спуштиме на нивното неморално, неправедно и недостоинствено ниво!

Очигледно е дека светот денес станал едно „глобално општество на спектакли“, свет во кој доминира формата над содржината. Веќе не се важни битието и содржината на она што некој го зборува или мисли, туку е важен „начинот, односно формата на која тоа ќе биде кажано“!? Токму затоа, полека но сигурно, исчезнуваат автентичните вредности.
Светот, всушност, отиде и чекор понатаму – благодарение на виртуелниот свет, тој влезе во ерата на симулации! Реалниот живот како веќе како да не постои, постои сѐ повеќе некакво реално шоу, а како последица на тоа исчезнуваат и одговорноста и совесноста, и должностите и обврските… Сега секој си дозволува да си ги гради својот виртуелен идентитет и своето лажно достоинство и сѐ да се темели на некакви ретуширања на вистината, ревизија на историјата и минатото и наметнување на аргументите на посилниот. Во таков филм живее и нашиот источен сосед. Но тоа нема да помине. Можеби сегашноста темелена на лажни вредности и живеењето во ваков свет на испревртени вредности е нивниот момент и сега притискаат и даваат сѐ од себе да надвладеат?! Сепак, тоа нема да им помине.
Пораката во пресрет на најголемиот христијански празник е, всушност, и покрај многуте премрежиња, ние да манифестираме достоинство, самопочит и високи морални вредности, спротивставувајќи им се на тие притисоци! И да не паднеме во искушение да се спуштиме на тоа неморално и недостоинствено ниво! Честит празник и воскресението нека биде наш лајтмотив дека Македонија никогаш нема да исчезне…