Како стојат работите со примената на Преспанскиот договор? Дали Македонија залута на слепа улица, ревносно применувајќи дел по дел од тој договор, додека Грција си гледа сеир и не презема речиси ништо да го спроведе него? До кога македонската страна ќе ја толерира Атина и ќе ламентира на добрите билатерални односи, кога е повеќе од очигледно дека тие се добри само затоа што некој вештачки ја одржува таквата атмосфера. Јасно е – Преспанскиот договор го применува само Македонија, и тоа на нејзина штета. Принципот дека договорите важат за сите (pacta sunt servanda), за Грција не важи.
И, ако Договорот за соработка со Бугарија најдобро е отсликан со реалноста – дека железничката пруга кон Софија завршува во тунел без излез, јасно е дека тоа пријателство може да се продлабочува на штета на македонските интереси, исто како и со Грција. Една од главните причини е што и двата договора не се правени според меѓународниот принцип за реципроцитет – колку тебе толку и мене. Реалноста, пак, сакаше да потврди колку балканската политика отсликана како балканштина ни покажа каде сме, кои сме и што можеме да очекуваме во иднина. Еден настан на кој се промовира културната соработка меѓу Грција и Македонија покажа редица проблеми – научната трибина „Книжевниот и интеркултурниот превод како динамика на премини на границите“. За името на настанот нема да анализираме, иако и тука има простор што да се каже, но… на поканата за тој настан, кој се одржа на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“, се користени бугарски кирилични фонтови, што не остана незабележано. Гостите од Грција се претставени со грчко писмо, и тоа на Факултетот што го носи името на втемелувачот на современиот македонски јазик. Значи, добивме сѐ што се однесува до политиката и состојбите во балканскиот бермудски триаголник меѓу Бугарија, Македонија и Грција – наместо отворен прозорец без предрасуди за културна соработка, многу неизвесности и нова негација на македонизмот.
ШТО СО ОБВРСКИТЕ НА КОИ ЗАБОРАВИ АТИНА?
Останаа многу незавршени обврски за Грција што таа треба да ги спроведе во согласност со Преспанската спогодба, но упорно одбива да го прави тоа. Грчкиот премиер Киријакос Мицотакис дури и јавно кажа дека нема намера да ги ратификува меморандумите и тоа е неговото специјално оружје што го користи. Последици за таквата политика на Атина нема. Неодамна повеќе здруженија на Егејци од Македонија повторно се сретнаа со шефот на македонската дипломатија Тимчо Муцински за да го информираат за проблемите со кои се соочуваат тие. Координаторот на здруженијата Сотир Лукровски за период од неколку месеци повторно се сретна со Муцунски, а како клучен проблем се наведува таканаречената црна листа што Грција ја има за македонски државјани што се по потекло од Егејска Македонија (Северна Грција). По средбата е соопштено дека голем број активисти на овие здруженија имаат забрана за влез во Грција, со што се врши прекршување на нивните човекови права и слободи. Тие во разговорот со министерот побарале поддршка и правни појаснувања за понатамошна соработка со Министерството во постапките пред грчките и европските институции, како и соработка со грчкото претставништво во земјава.
Беше разговарано во соработка со Министерството да се контактираат претставништвата во државава на земјите што во 1949 година ги отворија вратите за илјадниците деца прогонети од Грција, да им се оддаде посебна благодарност за децата што ги одгледаа и школуваа во нивните домови.
– Имавме одличен прием и разбирање од министерот Муцунски, со што продолжува нашата соработка, изразуваме огромна благодарност до него и до оваа влада за помошта, отвореноста и поддршката што ни ги укажуваат во континуитет – изјави координаторот на здруженијата Сотир Лукровски.
Министерот Муцунски по оваа средба замина за Грција на познатиот Економски форум во Делфи, каде што имаше и свое обраќање. Тој на маргините на форумот се сретна со грчкиот колега Јоргос Гераптетридис. Во соопштението од МНР е наведено дека министерот Муцунски упатил искрена благодарност за „промптната медицинска помош што Грција ја обезбеди за дел од повредените во трагедијата во Кочани“, оценувајќи го тој чин како силен гест и одраз на вистинско пријателство меѓу двете соседни земји. Двајцата министри ја нагласија заедничката подготвеност и потребата од понатамошно унапредување на билатералната соработка – преку интензивиран политички дијалог, приоритетно поврзување во сферата на инфраструктурата и енергетиката, како и нова динамика во економијата, културата и туризмот.
Дали во Делфи е зборувано за црната листа на која се наоѓаат, според одредени извори, стотина санкционирани лица, не знаеме. Тоа прашање е можно да е дел од прашањата за кои се разговара зад кулиси и за кои се бара решение надвор од радарите на јавноста и политичките кругови во Грција. Но досегашната пракса покажа дека Атина нема намера да се откаже од своето дискрециско право таа листа ако треба и да ја дополнува со лица за кои смета дека имаат одредени политички активности во Грција, како што се на пример културните настани во Лерин, Солун, Овчарани или на други места каде што живеат етнички Македонци и кои ги негуваат македонската култура и традиции.
Можеби и една анализа на говорот на телото на двајцата министри додека разговараат ја отсликува реалноста – дека постои отворен гард и кај двајцата, дека извесни бариери едноставно не можат да се премостат само со добри реченици. Што е тоа? Од каде таа доза на недоверба?
ЌЕ ИМА ЛИ МАКЕДОНСКИ ДИПЛОМАТСКИ МАНЕВАР ВО ООН?
„Договорите мора да се почитуваат, ова го истакнав на пленарка во НАТО. Верувам дека сите наши сојузници го разбираат ова. Сакаме Северна Македонија да преземе чекори кон европска интеграција, но тоа значи почитување на меѓународното право и на договорите што државата, очигледно, ги има потпишано…“. Со овие зборови лани во јули на јубилејниот самит на НАТО во Вашингтон се закани Мицотакис. Директно до Мицкоски, кој беше таму. НАТО имаше многу поважни прашања за решавање, па заканата и не доби значајно место, но Атина не заборава секаде каде што има можност да направи дипломатски притисок. Тоа е тактички потег затоа што таа на тој начин вешто ги избегнува своите обврски, како што е ратификувањето на меморандумите.
– Ратификувањето на меморандумите во овој момент значи да го предадеме целосно преговарачкото оружје – истакна јавно грчкиот премиер Мицотакис.
И оваа позиција на Атина е забетонирана.
Дали за ова македонската страна евентуално го известила генералниот секретар на ОН, не ни е познато, но останува како отворено прашање, но и отворена можност за дипломатски маневар.
Јасно е дека Грција не направила ниту еден чекор ни кон испишување на сообраќајните табли, ниту, пак, направи некој позначаен чекор кон почитување на малцинските права на Македонците. Во Стразбур стои архивиран случајот што Македонците го добија против државата Грција за Куќата на македонската цивилизација, а исто како и Бугарија, и Атина одлуката на Судот за човекови права не сака да ја спроведе.
Ова само ја потврдува изјавата на еден професор по меѓународно право дека „првата страна“ од Преспанскиот договор само мониторира, а „втората страна“ (Македонија) извршува.
Така, Грција се труди со својата дипломатска вештина и надворешнополитичка стратегија, Преспанската спогодба да ја претвори во еднонасочна улица по која вози само Македонија и која оди во тунел без видлив излез. А таа стратегија Атина продолжува да ја развива, со што всушност и ја крши Спогодбата. Неа ја најави лично Мицотакис, и тоа гордо од Солун – промоција на трговскиот бренд „Македонија е голема“. Ова во суштина е надградена идеја за „мегали Елада“. И токму тој бренд беше повод за сериозен конфликт, пак предизвикан од грчката влада, која ги нападна македонските вина што се пријавија на најголемиот европски вински саем во Дизелдорф што се одржа минатиот месец. Грција бараше да се забранат сите вина со брендот „македонски вина“ или „вина од Македонија“. Таа битка ја загуби, но се најавуваат нови напади против сите компании што ја користат географската одредница Македонија. Јасно е дека Атина тука ги нема аргументите, но ја има силата на ЕУ, ветото, но и други непопуларни мерки, за кои Мицотакис исто така рече дека ќе ги користи.
Сето ова може да оди и на контото на Македонија, која може да собере сериозни докази дека Атина ја прекршува Преспанската спогодба. А тоа ќе значи и нејзин крај.
Кој ја заборавил македонската кирилица?
Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ при Универзитетот „Кирил и Методиј“ во програмата за научна трибина користи бугарски кирилични букви наместо македонски. Ова го објави познатиот автор на македонскиот кириличен фонт Ласко Џуровски. Тој во статус на Фејсбук пишува: „Токму оние од кои треба да учиме како правилно да употребуваме македонска кирилица не го прават тоа. Ова го пишувам со целосна почит кон бугарската кирилица и без никаква забелешка на програмата и учесниците. Сакам само да потенцирам дека оваа институција и сличните на неа треба да бидат први од кои треба да земеме пример и да се угледаме и гордееме со нивната правилна употреба на македонската кирилица. Филолошки факултет ’Блаже Конески’, засрамете се, не го заслужувате името што го носите, наместо да ја промовирате и да се гордеете со македонската кирилица, со ваквите постапки вие ја негирате и ја закопувате! Жално и понижувачки за македонската култура во секој сегмент“.