Уште еден аспект во насока на енергетската стабилност, растот и развојот на Македонија од областа на енергетиката
- Хидроенергијата припаѓа во групата обновливи извори и се вбројува меѓу најчистите форми на производство на електрична енергија. Нејзиниот извор лежи во природниот хидролошки циклус, овозможувајќи постојана обнова на водните ресурси. Водата испарува, се кондензира, паѓа како дожд или снег и повторно се слева во реките. Овој непрекинат циклус ја прави хидроенергијата практично неисцрпен ресурс. Нашата држава воопшто нема недостиг од овој ресурс. Затоа, во продолжение нудиме едно кусо потсетување за тоа колку Македонија може и треба да може да ги менаџира своите водноенергетски потенцијали
Во време на енергетска нестабилност, ценовни шокови и засилени климатски предизвици, прашањето за енергетската иднина на Македонија се инкорпорира во најсуштинските прашања на една долгорочна национална стратегија. Во таа равенка, хидроенергијата не е само уште еден обновлив извор туку таа е еден од столбовите на енергетската сувереност и долгорочната економска стабилност на државата. Хидроенергијата припаѓа на групата обновливи извори и се вбројува меѓу најчистите форми на производство на електрична енергија. Нејзиниот извор лежи во природниот хидролошки циклус, овозможувајќи постојана обнова на водните ресурси. Водата испарува, се кондензира, паѓа како дожд или снег и повторно се слева во реките. Овој непрекинат циклус ја прави хидроенергијата практично неисцрпен ресурс. Нашата држава воопшто нема недостиг од овој ресурс. Затоа, во продолжение едно кусо потсетување за тоа колку Македонија може и треба да може да ги менаџира своите водноенергетски потенцијали.
Македонија – земја со значителен хидропотенцијал
И овој факт е наша конкурентска предност: Македонија не е сиромашна со вода! Напротив, нејзиниот релјеф, речните сливови и постојните акумулации ѝ даваат значителен, а делумно и недоволно искористен потенцијал за производство на електрична енергија од вода. Реките Вардар, Црн Дрим, Треска и Брегалница, како и многубројните планински притоки, претставуваат природна основа за развој на хидроенергетски системи. Постојните капацитети, управувани главно од АД ЕСМ, веќе играат клучна улога во домашното производство на струја. Но експертските процени покажуваат дека техничкиот потенцијал е далеку од целосно искористен. Особено има простор за средни (па и мали) хидроцентрали, како и за модернизација и зголемување на ефикасноста на постојните објекти. Развојот на нови хидрокапацитети не значи само производство на струја. Изградбата на брани и акумулации овозможува контрола на поплави, наводнување на земјоделските површини, стабилно водоснабдување и создавање предуслови за туризам и рекреација. Тоа се повеќенаменски инфраструктурни инвестиции со долгорочен национален ефект.
Економска исплатливост и долгорочна одржливост
Од економски аспект, хидроцентралите се меѓу најисплатливите енергетски инвестиции. Иако нивната изградба бара значителни почетни средства, кога еднаш ќе бидат ставени во функција, тие можат да работат децении, а често и повеќе од еден век. Водата како гориво е бесплатна. Главните трошоци се поврзани со изградба, одржување и модернизација на опремата. Денешната технологија на турбини и генератори е високоефикасна, стабилна и технолошки зрела, што ја намалува оперативната неизвесност. Во услови кога Македонија е значително зависна од увоз на електрична енергија, секој дополнителен мегават од домашен хидрокапацитет значи помал притисок врз државниот буџет, поевтин инпут за домашното стопанство, производство, индустрија, земјоделство, поевтина струја и за граѓаните и генерално подобар трговски биланс. Тоа директно се претвора во повисока енергетска сигурност и пониска изложеност на надворешни шокови.
Не ги избегнуваме ниту глобалните зелени трендови и транзиција
И покрај експанзијата на сончевата и ветерната енергија, хидроцентралите и натаму се најзастапениот извор на електрична енергија од обновливи извори во светот. Според податоците на „Интернешнл хидропауер асосиејшн“, глобалниот инсталиран хидрокапацитет достигна околу 1.412 GW на крајот на 2023 година. Во 2024 година беа додадени дополнителни околу 24,6 GW, од кои значаен дел се однесува на реверзибилни („pumped-storage“) системи. Вкупното производство на електрична енергија од хидроцентрали во 2024 година достигна приближно 4.578 TWh, со раст од околу 10 отсто во однос на претходната година. Овие бројки јасно покажуваат дека, и покрај развојот на други технологии, водата останува носечки столб на глобалната зелена транзиција. Особено е значајна улогата на реверзибилните хидроцентрали, кои овозможуваат складирање електрична енергија и балансирање на системот, нешто што е клучно во услови на нестабилно производство од сонце и ветер. За Македонија, ваквите системи би можеле да претставуваат стратешка алатка за стабилизација на електроенергетската мрежа. Р.Н.М.
Хидроцентралите (браните и акумулациите) и нивниот удар на природната околина
Предупредување за влијание врз биодиверзитетот, локалните екосистеми и микроклимата
Хидроцентралите за време на производството не испуштаат стакленички гасови, што ги прави исклучително важни во борбата против климатските промени. Но нивната изградба, особено големи брани и акумулации, може да влијае врз локалните екосистеми, микроклимата и биодиверзитетот. Затоа, современиот пристап подразбира внимателно планирање, детални студии за влијание врз животната средина и избор на решенија што минимално интервенираат во природата. Во Македонија, каде што биолошката разновидност е значајна, балансот меѓу енергетскиот развој и заштитата на природата мора да биде приоритет. Р.Н.М.
Хидроенергијата како составен дел на сувереноста
Во суштина, прашањето за хидропотенцијалите не е само техничко или економско. Тоа е прашање на државна стратегија. Водните (енергетски) ресурси се наше природно богатство. Нивната контрола значи и менаџирање (и контрола) на нашата енергетска стабилност. Во услови кога енергетиката станува геополитичка алатка, Македонија мора да ги зачува сопственоста и управувањето со своите хидрокапацитети. Продажбата или отстапувањето стратешки хидропотенцијали би значело долгорочно слабеење на енергетската независност и создавање друг тип зависност, која има и политички референци. Хидроенергијата е повеќе од технологија. Таа е гаранција за стабилност, економска исплатливост и за еколошка одржливост. И како што вели еден искусен професор енергетичар: „Додека Сонцето го движи водниот циклус, водата ќе продолжи да тече низ македонските реки. Прашањето е дали ќе знаеме мудро да ја насочиме таа сила во служба на националниот интерес. Ако енергетската иднина навистина треба да биде зелена, сигурна и суверена – тогаш хидроенергијата не е само опција. Таа е стратешка неопходност за Македонија“. Р.Н.М.
































