За само неколку месеци политиката и пораките на редица земји на ЕУ доживеаја невидена трансформација. Од најостри критичари на бугарската политика и нејзините уцени кон Македонија, тие сега се само неми набљудувачи на обидите за асимилација на Македонија, што, пак, е спротивно и на европските вредности, начела и критериуми. За аналитичарите што ги следат околностите во Унијата промената на позицијата на Чешка, сега кога е претседавач со ЕУ, само покажува дека одлуките на земјите-членки се диктирани од еден центар. Сите тие се дел од еден блок што гледа да ги реализира само своите интереси, подготвен да ги жртвува македонскиот народ и држава. Ваквата недоследност на земјите-членки на ЕУ само повеќе го аргументира ставот дека Македонија треба „ан блок“ да го одбие францускиот предлог, категорични се нашите соговорници

РЕКОА, ПА ПОРЕКОА – ПОЛИТИЧКА ТРАНСФОРМАЦИЈА БЕЗ ПРЕСЕДАН ВО ЕВРОПСКАТА УНИЈА

Дисонантноста на претставниците од Чешка (која од 1 јули претседава со Советот на ЕУ) за францускиот предлог за преговарачката рамка на Македонија со ЕУ, навести одредена пукнатина во манифестацијата на заедништво на земјите-членки на Унијата во однос на содржината на предлогот и убедувањето на Македонците да го прифатат истиот тој.
Јана Јузова, истражувачка во чешкиот институт „Еуропеум“, на форумот на скопскиот Институт за европска политика (ЕПИ), првично откри дека „Чешка е многу вознемирена од Франција и Бугарија, зашто за францускиот предлог за кревање на бугарското вето за почеток на пристапните преговори на Македонија со ЕУ не биле направени консултации со другите земји-членки. Франција се консултирала само со Бугарија, а другите земји не знаеле сè додека предлогот не им бил претставен“. Но набрзо по ова „откритие“ на Јузова, се огласи чешкиот амбасадор во Македонија, Јарослав Лудва, и практично ја демантираше чешката „вознемиреност“ и изрази подготвеност на чешкото претседателство со ЕУ „мазно да го спроведува“ францускиот предлог.
– Чешка отсекогаш била силен поддржувач на С. Македонија на нејзиниот пат кон Европската Унија. Како претседателство со Советот на ЕУ, подготвени сме да направиме сѐ што можеме за да придонесеме за мазно спроведување на преговарачката рамка предложена од претходното француско претседателство и да организираме меѓувладина конференција веднаш откако таа ќе биде одобрена од Република С. Македонија – изјави чешкиот амбасадор Лудва.

Она што изненадува е фактот што токму Чешка и Словачка претходно, уште пред да биде обелоденет францускиот предлог, беа најгласни во однос на бугарските уцени кон Македонија и отворено се спротивставуваа на политиките на Софија по низа прашања. Чешка и Словачка, но и редица други земји од ЕУ, исто така бараа исклучиво почитување на Копенхашките критериуми и меѓународното право, и да не се врши фалсификување на историјата и прифаќање на бугарскиот диктат. Но зошто сега истите тие земји од ЕУ молчат на непринципиелноста и уцените кон Македонија?
Ваквата дисонантност на невладините (но влијателни во европските процеси) и владините претставници на чешкото претседателство со ЕУ, создаде одреден впечаток на дипломатско „салтомортале“ на официјалните позиции на Чешка од 2020 година, во однос на бугарските историски уцени, кои освен што ги блокираат македонските евроинтеграции, ги дискредитираат и базичните принципи и вредности на Унијата. Имено, на самитот н ЕУ, на крајот на германското претседателство, Чешка и Словачка со заедничка изјава го блокираа усвојувањето на предлог-преговарачката рамка за Македонија, подготвена од Германија. Причината за таквата реакција на Чешка и на Словачка беше вметнатата формулација „погрешно читање на историјата“, а тогашната позиција на овие две земји беше дека „Унијата нема право да суди за историјата“.
– Промената на позицијата на Чешка, сега кога се претседавач со ЕУ, само покажува дека одлуките на земјите-членки се диктирани од еден центар. На ваквата промена се надоврзува и заклучокот дека земјите-членки на Унијата немаат независна политика и дека 100-процентно го имаат заложено својот суверенитет. Всушност и самата ЕУ нема своја независна надворешна политика, туку повеќе е експонент на САД. За нас во Македонија тоа само покажува дека немаме шанси во принципиелно убедување или доверба со ниту една од земјите-членки на Унијата. Сите тие се дел од еден блок што гледа да ги реализира само своите интереси, подготвен да ги жртвува македонските национални интереси, а ниту многу е засегнат од прекршувањето на декларираните принципи и критериуми на Унијата. Ваквата недоследност на земјите-членки на ЕУ само повеќе го аргументира ставот дека Македонија треба „ан блок“ да го одбие францускиот предлог. Притоа, душегрижниците од ЕУ нека не нѐ лажат дека овој предлог ни е „последната шанса“, како што правеа и за Преспанскиот договор. Веќе не треба да се слуша што ни кажуваат од ЕУ за преговарачката рамка како последна шанса и последна отстапка што се бара од Македонија. Владата не треба ни да помисли самата, нетранспарентно, да потпише каков било документ од францускиот предлог, а особено не – билатералниот протокол со Бугарија, кој е скриена стапица на преговарачката рамка. Со така креираната преговарачка рамка, ако се прифати и потпише, понатаму во преговарачкиот процес, Европската комисија нема да нѐ цени според Копенхашките критериуми, туку според спроведувањето на бугарските услови – вели универзитетската професорка Солза Грчева.

Упатените во бирократските механизми на ЕУ и градењето позиции на земјите-членки сметаат дека променетиот официјален став на Чешка во однос на француско-бугарската преговарачка рамка за Македонија со Унијата се должи на покажување конструктивност во градењето унифициран став со Брисел, како земја-претседавач. Но истите познавачи укажуваат дека францускиот предлог сепак не е „завршена работа“, односно нема простор за вградување на македонските позиции, зашто за него всушност нема одлука на Советот на ЕУ, односно земјите-членки се немаат официјално изјаснето за него. Во заклучоците од самитот на ЕУ под француско претседателство нема одлука за преговарачката рамка за Македонија, со оглед дека тогаш предлогот беше одбиен од македонскиот премиер Ковачевски. Сепак, ЕУ-експертите сметаат дека Унијата не смее да си дозволи бугарските барања да станат европски. На тој начин, ЕУ само покажува дека ја изгубила целта на своето постоење, ако дозволи такви уценувачки историско-националистички наративи да станат дел од нејзините политички одлуки.
– Треба да се запрашаме зошто земјите-членки на ЕУ што ги разоткрија бугарските барања како опасни (бидејќи ревизијата на историјата не треба да биде дел од пристапниот процес) би се откажале од својот принципиелен пристап, затоа што нивната загриженост би се зголемувала по читањето на францускиот предлог.
Наместо тоа, се чини дека притисокот се врши на најслабата точка – Скопје. Наместо да се занимаваме со програми за справување со минатото (DwP) и да се даде црвен картон за непристојно однесување за Бугарија, исходот од француските дипломатски напори е предлог што во голема мера ги инкорпорира бугарските барања и кој бара од македонската страна да прекрши многу обврски, како и повеќе претходни договори за почитување на човековите права и управување со различностите.

Доколку сè е во рацете на македонските политичари, тие треба да го отфрлат францускиот предлог додека не се подготви негова нова верзија во која ќе бидат вградени нивните барања (меѓу тие барања би ги советувала да вклучат и одредба за прифаќање на македонскиот пасош во ЕУ со право на работа и престој во ЕУ, така што Македонците повеќе нема да имаат потреба вештачки да се декларираат како Бугари за да имаат пристап до ЕУ.)
Тоа треба да го направат не само за Македонија туку и за иднината на Европа. ЕУ не треба да им дозволи на своите членки (кои ги поткопуваат одлуките на ЕСЧП, кои не признаваат малцинства и ги мамат Македонците да кажат дека се Бугари преку давање ЕУ-пасоши) да бараат ефективно бескорисни уставни измени како предуслов за почеток на пристапните преговори – пишува во својата анализа Ида Мантон, експертка за меѓународни преговори и медијација.