Надлежните од фирмата „Енергоинвест“ изјавија дека тие се ангажирани за изградба на шест пливачки базени, и тоа во Скопје, Битола, Штип, Кичево, Кисела Вода, Ѓорче Петров… Иако работите на шесте базени што ги гради „Енергоинвест“ се прекинати, договорите за изградба на базените не се прекинати! Според истите тие, базените треба да бидат изградени во рок од четири години од потпишувањето на договорите, а досега е истечен временски рок од 2,5 години. Ќе се стигне ли со изградбата на
базените во рамките на предвидените временски рокови?
Изградбата на затворените базени во државава како повод
Кога станува збор за изградба на затворен базен, Битола нема многу среќа. Иако во изминатите 30 години, во голем број наврати политичарите, особено во предизборието, ветувале изградба на затворен базен, сепак барем досега таков базен во градот под Пелистер не се изгради.
Тоа што во меѓувреме во хотелите „Епинал“ и „Кеопс“ се изградени два затворени 25-метарски базени е слаба утеха за жителите во градот под Пелистер.
Битолските хроничари добро се сеќаваат кога на изборите во 1994 година првпат, не само што беше најавен туку беше поставен и камен-темелник за изградба на затворен базен во дворот на техничкото училиште „Ѓорги Наумов“ и кога на почнувањето на градежните работи присуствуваше буквално целиот државен врв. Но, за жал, базенот не се изгради.
Во меѓувреме уште во неколку наврати беа најавувани изградби на затворен олимписки базен, но, за жал, ништо од тоа не се случи.
Во 2019 година, битолчани добија ново ветување дека во дворот на ОУ „Даме Груев“ ќе се изгради затворен 25-метарски базен, но засега нема ништо и од тоа.
Проектот за изградба на 14 затворени базени во државата, за кои беа издвоени 200 милиони денари, во кој беше вклучена и Битола, е застанат.
Иако реализацијата на проектот на големи ѕвона беше најавен од страна на поранешната градоначалничка Наташа Петровска, сепак по почетокот на градежните работи подоцна работите застанаа.
Компанијата „Енергоинвест“, која требаше да ги изгради базените, престана да работи, а еден од сопствениците завршил во затвор, каде што се наоѓа веќе неколку месеци.
– Општината Битола ќе добие затворен базен во дворот на ОУ „Даме Груев“ во Битола. Базенот ќе биде изграден со средства на Владата и Агенцијата за млади и спорт. Ќе има димензии 25 на 10 метри и при употребата предност ќе имаат учениците од основните и од средни училишта, но ќе можат да го користат и другите граѓани. Овој проект треба да овозможи училишни рекреативни и спортски активности за тренинг, но и за натпревари од локален карактер во спортови на вода. Базенот, пред сѐ, ќе биде корисен за спортско-рекреативни настани во делот на училишниот спорт, каде што предност на користење ќе имаат основните и средните училишта, а во подоцнежните попладневни часови и граѓаните на општината Битола ќе имаат право на користење – рече во февруари 2019 година, поранешната градоначалничка на Битола, Наташа Петровска.
Но, за жал, по почетокот на работите, откако беа поставени темелите, градежните работи прекинаа.
Овој проект, кој беше долго очекуван и требаше да претставува најдобар предизборен проект на претходната власт, стана проект за подбишега не само на политичките партии туку и на граѓаните на Битола.
Откако ги собраа потписите за изборите, членовите на независната листа Поинаку објавија фотографија на која кандидатите за советници седеа на градежните темели на објектот, со ироничен коментар „денес си зедовме за право малку да ‘олабајме’ во новиот базен во Битола“. На сликата е базен каде што има веќе некакви градежни активности за затворен базен, но тој е сепак базен во двор на училиште. Истиот тој беше ветен дека некаде во 2019 г. ќе биде изграден. Откако ги собравме потписите во рекордни неколку часа, ветувањето го покажавме јавно со сликање на местото за да ја потсетиме власта, но и битолчани дека уште немаме базен, изјави во предизборието носителката на советничката листа Поинаку, Габриела Илиевска.
Денес три години од почетокот на градбата нема никакви активности за изградба на базенот каде што градежните работи одамна се прекинати.
Во Агенцијата за млади и спорт ни рекоа дека е точно тоа дека работите на базените се прекинати, но дека тие ќе се изградат, бидејќи фирмата „Енергоинвест“ по проблемите што ги имала излегла од тешкотиите и дека наскоро ќе продолжи со градба.
Инаку, во фирмата „Енергоинвест“, според информациите што ги споделија за „Нова Македонија“, ни рекоа дека тие се ангажирани за изградба на шест пливачки базени во Скопје, Битола, Штип, Кичево, Кисела Вода, Ѓорче Петров.
Договорите за изградба на базените не се прекинати и според истите тие, базените треба да бидат изградени во рок од четири години од потпишувањето на договорите, кои истекуваат по 2,5 години.
– Точно е дека работите на шесте базени што ние ги градиме се прекинати. До прекин на градбите дојде, пред сѐ, поради тешкотиите со кои како компанија се соочивме во изминатиот период. Најпрво во времето на пандемијата едноставно не можевме да работиме, а подоцна нѐ зафатија енергетската и економската криза. Како последица на војната во Украина, градежните материјали енормно поскапеа и искрени да бидеме секојдневно бевме исправени пред огромни проблеми што не можевме да ги решиме.
Сега мислам дека проблемите се надминати и ќе продолжиме со градба на базените – ни изјавија од „Енергоинвест“.
Дали ќе се случи тоа, останува да покаже времето.
Но битолчани веќе се оладија и по толку многу ветувања за изградба на затворен базен во изминатите три децении, ним како да им е сеедно дали ќе го добијат или не.
Тие во овие жешки летни месеци се „капат“ како и досега во пот.