Фото: Игор Бансколиев

Реакциите поради исчезнувањето на целата база на податоци на Собранието од 1991 година наваму, губењето на оригиналот од рамковниот договор, кој 20 години не можеше да се најде, како и пропаѓањето на архивата на МТВ, со сиот историски материјал како фонотека, видеотека и друго, се повод за анализа – дали доволно се грижиме за своето значајно документирано минато, како важен дел од македонската генеза. Дотолку повеќе што токму изминатите години на меѓународен план Македонија грчевито се бори против засилените обиди на соседите за бришење или преиначување на македонската историја и идентитет

КОЛКУ СЕ ГРИЖИМЕ ЗА ЗАШТИТА НА ЦЕЛОКУПНИОТ ДОКУМЕНТИРАН ИСТОРИСКИ МАТЕРИЈАЛ

Додека на меѓународен план Македонија изминативе години грчевито се бори против засилените обиди од соседите за бришење или преиначување на македонската историја, а со тоа и на нашиот идентитет, на домашен терен се соочуваме со серија примери на незаинтересираност и негрижа за заштита на нашето историско и архивско богатство, со што на некој начин самите ги поткопуваме темелите на државата и ги загрозуваме белезите на нашата историја и генеза. Последен показател за ова е предупредувањето за фактичката состојба дека е исчезната целата база на податоци на Собранието од 1991 година наваму.

Небрежност или со нечија умисла?

Од Собранието велат дека во однос на видеоархивата, во тек е набавка на медиасервер и по негово поставување и конвертирање на материјалите во формат што сега е стандард, таа ќе биде достапна на сајтот. Оттаму уште додаваат дека по надградбата на системите, во тек е миграцијата на податоците од стариот систем за е-Парламент во нов, како и реализација на други процеси во насока на понатамошно унапредување на системот.
Во однос на ваквите случувања, Тодор Петров, пратеник во првиот парламентарен состав и претседател на Светскиот македонски конгрес, вели дека во политиката ништо не е случајно, а ако е, тогаш е доста добро организирано.
– Не би рекол дека се работи за негрижа. Напротив, „загрижените“ одродници, врховисти и колаборационисти, бришат систематски и системски сѐ што е македонско и во врска со македонскиот народ и државата Македонија. Постојат центри во Македонија и надвор од неа во координација, со задача да ја избришат колективната меморија на македонскиот народ. Тоа е дел од демонтажата на државноста: Македонија од држава да стане територија без македонски народ и историја чии ментори ќе бидат Атина и Софија. Само наивни може да веруваат дека бришењето на датотеките во разни институции и установи е случајно. Може да бришат дигитални датотеки, ама не ќе можат да го избришат духовното и градителското наследство. Македонија сама по себе е историја во континуитет од пред новата ера до денес! – нагласува Петров.
Според него, Македонија не пати од дефицит на демократија, туку од суфицит на врховизам, а феноменот на врховизмот во Македонија не е етничко, туку геополитичко прашање.
– Врховизмот е сервилност на определена номенклатура, која во отсуство на доверба од сопствениот електорат, мандат за власт во Македонија бара од некоја друга и туѓа метропола: дајте ни нам мандат, ние ќе ги оствариме вашите интереси во Македонија. Во дваесеттиот век тоа беа Белград, Софија и Атина, во дваесет и првиот век тоа се Брисел, Стразбур и Вашингтон – гласно го изнесува во јавноста својот став Петров. Притоа тој остро порачува дека на сите мора да им биде јасно дека „денационализацијата на Македонија и македонскиот народ е поведение што се смета за најтешко кривично дело велепредавство, геноцид врз македонскиот народ и злосторство против човештвото, кое не застарува“ – е ставот на Тодор Петров.

Имаме историја и на губење и на негрижа за значајни историски или архивски документи и материјали

Инаку, проблемот со губење или негрижа за значајни историски или архивски документи и материјали има долга хронологија. Само за потсетување, претходно го изгубивме оригиналниот документ со потписи од рамковниот договор, кој мистериозно исчезна пред 20 години, сѐ додека не беше пронајден во 2021 година. Во медиумите во минатото имаше написи и за поплавени простории во државниот архив каде што се чуваат најзначајните документи од историјата на државата.
Понатаму веќе многу години стручната јавност предупредува за негрижата за заштита на архивите и целокупното документирано минатото, што како видео или аудиозаписи го поседува МТВ како национален сервис.
– Би било жално да дозволиме да исчезне минатото на националниот сервис. Без првите проекти, без почетоците, без првите запаметени мигови нема историја – изјави своевремено Марјан Цветковски, тогашен извршен директор на МРТ.
И Никола Т. Калајџиски, автор на голем број документарни филмови, по повод состојбата во која се наоѓа архивата на неговата матична куќа, на социјалните мрежи објави текст со наслов „Аларм“, во кој предупредува дека аналогните носачи на звук (лентите) се сушат или се веќе исушени, стануваат неупотребливи и со нив исчезнува секојдневно дел од нас, од нашата „национална супстанција“.
На сите овие укажувања од Македонската радио-телевизија велат дека куќата нема доволно пари да го заврши целиот тој проект за заштита и дигитализација на архивскиот материјал. Инаку, основач на Македонската телевизија е Собранието на Македонија. Токму изминатите години Собранието и пратениците беа предмет на разни критики за ненаменски потрошени пари за патни трошоци и други давачки. Тешко е да се замисли дека не може да се најдат средства за една таква мисија како зачувување на архивата на МТВ, која би била од национално значење за државата.

Улогата на Државниот архив

Од Државниот архив велат дека соработуваат со сите државни институции, почнувајќи од кабинетот на претседателот на државата, Собранието, Владата, сите министерства, па сѐ до локалната самоуправа.
– Сите овие институции законски се должни да ги предаваат создадените документи во Државниот архив, со исклучок на оние документи што им се од актуелен оперативен карактер, што важи за МВР, МНР и Министерството за одбрана, што е регулирано со подзаконски акти. Во Државниот архив се наоѓа целосната документација од Собранието, и тоа од 1988 година до 2012 година во оригинална форма и во скенирана форма и таа се чува во нашите депоа, кои се безбедни и заштитени од природни непогоди. Поплава во депоата во Државниот архив никогаш немало, освен што имало прокиснувања во неколку канцеларии пред пет-шест години, кои сега се речиси целосно санирани.
Државниот архив нема никакви ингеренции во врска со документацијата во МТВ, но можам да кажам дека со нив, при подготовките на некои изложби или изданија, имаме коректна соработка – ни изјави Емил Крстески, директор на Државниот архив.
Тој уште вели дека грижата за нашата историја и нашето минато е приоритет на Државниот архив, што го покажуваат и многубројни активности поврзани со одбележување значајни датуми и личности од нашата историја, за што објавуваат и каталози, брошури и книги. Во развиените европски земји се посветува многу големо внимание на зачувување на историското наследство, меѓу кое спаѓаат и архивските материјали. Тој пример треба да го следи и Македонија како кандидат за членство во ЕУ.


Што предвидува Законот за архивски материјал

Употребата, чувањето и заштитата на архивскиот материјал се законски регулирани во нашата држава. Во Законот за архивски материјал се вели дека тоа е целокупниот изворен и репродуциран (пишуван, цртан, печатен, фотографиран, филмуван, аудиовизуелизиран, механографиран, електронски, дигитално, оптички или на друг начин забележан) документарен материјал од трајна вредност што е од значење за Републиката, науката, културата, имателите, како и за други потреби.
Понатаму во законот стои и дека имателот на архивски и документарен материјал е должен да направи план за реконструкција и обнова на податоците во случај на хаварија, како и дека е должен да: го заштитува, чува и одржува архивскиот и документарниот материјал во изворна и безбедна состојба да не се оштети, исчезне или уништи.