Водата е еден од најисплатливите извори на енергија и најзначаен обновлив енергетски извор во Македонија, но експертите посочуваат дека водата мора рационално да се користи и мудро да се чуваат водните резерви…
Според низа соговорници, досега „водата од вештачките езера се користела мошне нерационално“. Доколку се земе предвид дека минатиот зимски период се одликуваше со мали врнежи од снег, а топењето на снегот е од витално значење за вештачките езера, сега, по напливот на водотеците и високиот воден талог во изминативе денови и во периодов што следува, мора рационално, педантно и професионално да се управува со водните ресурси…
Како најцелисходно да се управува со напливот на водите и големиот воден талог периодов
Македонија се соочува со обилни врнежи од дожд. Граѓаните и институциите, секој од свој агол, реагираат на агресивните природни напливи на воден талог. Јасно е дека бујатите води може да значат две страни на медалот, светла и темна, со еднаква шанса двете страни да се завртат кон нас.
Затоа, тој „воден феномен“ е неопходно да се изменаџира плански и да се управува со сите можни сили за да се извлече најдоброто од она што во моментов ни го нуди природата.
Во една ваква ситуација, неопходно е да потсетиме дека едната спомената страна на медалот на „бујатите води“ е – бенефитна, односно тоа е кога умееме да се справиме со предизвикот преземајќи мерки и активности на ефикасно управување со водните маси, на високопрофесионален начин и нивно „чување и искористување како енергетски потенцијал за во блиска иднина“.
Втората страна на медалот, пак, е онаа темната, каде што препуштајќи се на стихијно, неодговорно и непланско управување со водните ресурси, ќе дозволиме тие да ни истечат енергетски неискористени, или во истиот контекст, поради премногу воден талог, истите тие дополнително негативно да се одразат на некои стопански гранки, како на пример во процесот на одгледување и производство на овошје и зеленчук, но и во сточарството.
За потсетување, климатските услови и конфигурацијата на теренот во Македонија даваат многу можности за искористување на проточните реки и вештачките езера, а во ситуација како оваа, кога има голем наплив на водотеците и висок водостој на езерата, треба да се биде високоподготвен за планска и брза реакција, а државата да профитира од укажаната шанса.
Увид на теренот
Деновиве, „Нова Македонија“ направи обиколка на вештачките езерата во републикава, а се разбира и на водотеците што ги полнат нив. Ги посетивме браните и хидроцентралите за да направиме непосреден увид на водостојот во сезона што донесе изненадувачки воден потенцијал, а од друга страна енергетскиот дефицит виси како Дамоклов меч над задржувањето на енергетската стабилност на државата. Увидот на нивото на вештачките езера и водостојот покажуваат дека езерата се преполни, како што е зголемен и водостојот на реките и другите дотеци што ги полнат акумулациите.
Универзитетските професори и експертите со кои се консултиравме како соговорници посочуваат дека искористувањето на хидропотенцијалот е значајно за задоволување на потребите на граѓаните, но и за стабилна партиципација во својот дел на вкупната македонска енергетска стабилност, односно стопанство и економија.
Генерално, познавачите исто така велат дека Македонија треба да воведе ефикасни задолжителни механизми за менаџирање со сопственото базично производство на електрична енергија бидејќи нѐ чека нов тежок предизвик на крајот на годината и натаму. Доколку не обрнеме внимание на сопствените ресурси и тука да го ставиме тежиштето за двотретинското домашно производство на струја, вклучувајќи еден помал дел, но стабилен, и на хидроенергијата, тогаш повторно можеме да се соочиме со висока цена на електричната енергија, што може уште потешко и негативно да се одрази врз стопанството, индустријата и граѓаните. Според соговорниците, енергетската ситуација е сложена, но е можен излез, без да бидат целосно и тотално загрозени и стопанството и граѓаните. Ако државата успее да го изменаџира овој предизвик ќе се добие цена на електричната енергија со која, во ваква ситуација и околности, би можеле да преживеат и граѓаните и стопанството.
Македонија има голем хидропотенцијал
Експертите издвојуваат информација дека во светот има неколку држави што најголем дел од електричната енергија ја добиваат од хидроенергијата, а меѓу нив најзначајни се јужноамериканската држава Бразил, како и Швајцарија во Европа. Споменатите држави своите потреби ги задоволуваат преку создавање вештачки езера, односно преку преградување на реките и изградба на хидроцентрали. Струјата во вештачките езера се добива со помош на хидротурбини што ја претвораат хидроенергијата во електрична енергија.
Македонија има голем хидропотенцијал што е само делумно искористен. Според достапните податоци, со постојната изграденост на хидроенергетските извори во Македонија, од технички потенцијал се користат само 26,6 отсто. Во оваа конотација, Вардар како слив има теоретски потенцијал 6,66 киловат-часа или скратено кВтч, технички потенцијал 4.559,3 кВтч, а искористен потенцијал од 1.150,0 кВтч. Слична е состојбата и со сливот Црн Дрим, кој има теориски потенцијал од 2.203 кВтч, а искористеност од 583,0 кВтч.
Македонија има неколку вештачки езера со потенцијал за производство на електрична енергија и наводнување на земјоделските култури. Меѓу нив се Струговско Езеро, Липковско Езеро, Глобочица, Крушевско Езеро, Дебарско Езеро, Беровско Езеро, Матка, Прилепско Езеро, Калиманци, Козјак, Мавровско Езеро и Тиквешко Езеро. Акумулацијата Козјак е најголемо вештачко езеро по површина, длабочина и по должина во Македонија, пред сѐ по вкупното количество вода во него. Од друга страна, мавровскиот хидроенергетски систем со трите електроцентрали: ХЕЦ „Вруток“, ХЕЦ „Равен“, ХЕЦ „Врбен“ и со вкупна акумулација од 275.000.000 кубни метри вода e еден од најголемите и најсложени во македонскиот електроенергетски систем.
Покрај хидропотенцијалот, споменатите вештачки езера имаат и богат рибен фонд. Тука може да се спомнат Крушевското, Струговското и Липковското, како и Дебарско Езеро, кое е најбогатото езеро со вода од сите вештачки езера во Македонија.
Водата од вештачките езера најмудро е да се чува
Водата е еден од најисплатливите извори на енергија и најзначаен обновлив енергетски извор во Македонија, но експертите посочуваат дека водата мора рационално да се користи и мудро да се чуваат водните резерви, притоа да се внимава и на живиот свет во реките.
Професорот Константин Димитров вели дека досега водата од вештачките езера се користеше нерационално. Доколку се земе предвид дека минатиот зимски период се одликуваше со мали врнежи на снег, а топењето на снегот е од витално значење за вештачките езера, мора мудро да се чуваат водните резерви, вели Димитров. Според него, мора да се земе предвид дека некои од вештачките езера се користат за наводнување на земјоделските површини, како што е Калиманци, а од друга страна минимум вода мора да се пушти во реките за живиот свет, како што се рибите, како и за соседните држави бидејќи сме обврзани со меѓународни договори, посочува професорот Димитров. Тој исто така вели дека треба да се направи историска пресметка, да се чуваат водните ресурси и да се наполнат езерата. Доколку има вишок, може да се користи, но најмудро е да се чува, бидејќи со вишокот вода може да се балансира и да се интервенира по потреба.
– Треба разумно да се користат за оние периоди кога најмногу се троши електрична енергија, а тоа е зимскиот период. Хидроенергијата треба да ја чуваме, бидејќи во зимскиот период нема врнежи на дожд. Да се акумулира хидроенергијата, да се запре производството на хидроенергија во ноќниот период и со вишокот да им се помогне на македонската економија, на македонските фирми и компании – рече универзитетскиот професор Константин Димитров.
Во енергетиката нема брзи краткорочни решенија. Земајќи го предвид енергетскиот биланс на Македонија, каде што повеќе од 30 отсто од клучната индустрија е на слободниот пазар, а сето домашно производство оди за граѓаните и за лесната индустрија, која во принцип работи за споменатата клучна индустрија (која е на слободен пазар), очигледно е дека Македонија мора да направи некаква комбинаторика што се однесува до потрошувачката и распределбата на струјата.
Професорот Константин Димитров потврдува дека Македонија со години своите потреби за струја ги задоволува до 70 отсто, а остатокот е од увоз. Но тој рационално предлага распределување на домашно произведената енергија, за граѓаните да ја користат како поевтина, но и дел од неа да се пренасочи кон поголемите индустриски капацитети за да работат.
– Со сегашната енергетска политика се задоволуваат потребите на домаќинствата и помалите потрошувачи од стопанството, но затоа поголемите потрошувачи се оставени на милост и немилост на трговците со струја, кои заработуваат на сметка на производствените компании. Излез од оваа состојба постои, но ако се сака да се најде решение. Едното е да се произведе повеќе домашна енергија, но за тоа недостига јаглен, или преку ангажирањето на „ТЕ-ТО“ за потребите на големите потрошувачи. Доколку домашната енергија се користи порационално и се изврши порамномерна распределба на сите потрошувачи, може да се „ослободи“ дел од домашната струја и таа да се пренамени за потребите на индустријата. Тоа може да се направи и преку усогласување на цените за домаќинствата и за фирмите. Ако им се објасни на граѓаните дека со мало покачување на сметките за струја, тие може да добијат пониски цени на производите што им се потребни за живот и, секако, со зачувување на нивните работни места – рече Димитров.
Според предлозите на повеќе експерти, Македонија треба да воведе ефикасни задолжителни механизми за менаџирање со електричната енергија, со прецизни критериуми и услови. Постојат и посмели опции, каде што поради уште поголемото усложнување на енергетската ситуација се предлага и работење на индустријата, таму каде што се работи во три смени, таа да работи во две смени, имено втора и трета. Или, пак, одредено време и кај граѓаните во домаќинствата да се воведат рестрикции во ноќното време, поради фактот за „ослободување“ дел од поевтината енергија и пренасочување кон стопанството, за тоа да опстане, а со тоа да се задржи континуитетот на работење на претпријатијата, а вработените да останат на своите работни места. Енергетичарите велат дека енергетската ситуација е сложена, но додаваат дека решенија постојат и дека е можен излезот, без да бидат целосно и тотално загрозени и стопанството и граѓаните. Ако државата успее да го изменаџира овој предизвик ќе се добие цена на електричната енергија со која, во ваква ситуација и околности, би можеле да преживеат и граѓаните и стопанството. Д.Ст.