Ако народот беше развит, то би ми воздигнал (не се срамја да го река)
монумент!
Од протесното писмо до митрополитот Натаниел и охридските
старешини, 26. 10. 1875 г.
Григор Прличев (1830–1903) е еден од најбогатите трезори на македонскиот креативен дух. Поим за силен духовен двигател, кој со својот живот и дело му служеше на македонскиот народ. Токму во Охрид, илјада години по Светите Кирил и Методиј, ќе се роди, ќе твори и ќе дејствува, тој – Григор Прличев, најобразованиот и најталентиран писател и поет на македонскиот 19 век. Секако и есеист, мемоарист и публицист. Најсјајна поетска ѕвезда од тоа време. Вистински македонски поетски бисер, култна личност на нашата литература. А за поезијата, тој е нејзин апсолутен врв, литерален Монт Еверест.
Тој е вториот Хомер, голем љубител на ученоста и прв македонски модерен писател со светски углед и современ моралист. Пред сѐ и над сѐ е голем патриот и доблесен граѓанин на Македонија, кој им рече едно одлучно и големо НЕ на Грците во обидот да го погрчат. Овде во една реченица ќе го претставам целото поетско, преродбенско и револуционерно дело на Прличев, од него лично искажана: „Јас го оставив таму (во Атина) сиот украс на својот живот и тргнав во својата татковина да и служам даром, да умрам заедно со сограѓаните кои умираат, да им го покажам правиот пат кон напредокот, да го искорнам елинскиот јазик од цркви и училишта по четири века варваризам, да го поведам звучниот словенизам, да го воведам звучниот словенизам и за народниот напредок и одмаздата за смртта на своите учители (Димитрија и Константин Миладиновци) да претрпам неискажани маки“.
Кога го читаме Прличев не можеме, а да не забележиме дека тој како врвен и голем уметник, безмалку секогаш ја афирмира и истакнува позитивноста на животот, ја прославува слободата, и на единката и на колективот, а со крајна омраза ја жигосува социјалната неправда, се гнаси од невистината, неправдата, лагата, нечесноста. Токму таков е Прличев уметникот, кој ги воспева борците предвесници за слобода – Кузман и Скендербеј. Највеличествен е кога ги опишува страдањата на сиромасите и онеправданите, меѓу нив и на својата мајка и сограѓаните охриѓани, кои биле експлоатирани од охридските чорбаџии и локални чауши. Не се двоуми и да му се спротивстави на верскиот силник, владиката Натаниел, откако ќе го согледа неговиот негативен лик.
Својата татковина, Македонија, тој метафорички ја нарече „плачевна долина“. Но тоа не е само метафора, како што не е само метафора и констатацијата „поприште немав“. Овие мисли, овие крици се тага и плач за суровата стварност во која се наоѓала Македонија во негово време. Ете зошто тој е творец и деец кому Македонија му е љубов и судба и болка и очај и неопходност и неизбежност и насмевка и солза и навреда и бессоница и гордост и тага и лулка и гроб. Најизвишената духовна вертикала на македонскиот 19 век (Гане Тодоровски). Може само да се заклучи: го жртвуваше во себе поетот, заради борецот за слободата и напредокот на својот народ. Пример што ќе стане показ на една висока самосвест за себе и својата улога. Како таков ќе биде пренесен низ идните поколенија како завет и како морална обврска, ама и препознаен во блескотните револуционерни определби на Коста Рацин, Коле Неделковски, Никола Вапцаров, Кузман Јосифовски и уште многу други знајни и незнајни синови на Македонија, кои се бореа за слободата и на крајот ја изборија.
Насловната страница на „Сердарот“ од Григор Прличев
Прличев дефинитивно не е само поет, писател и борец за народен јазик. Тој е и човек со голема општа култура и широка ерудица од областа на историјата, филозофијата и литературата. Бил човек со дарба за критика и полемика. Никогаш не бил национално заспан и се носел со тежината и големината на своето време. Ја проучувал грчката историја, филозофија и литература. Ги откривал недостатоците во нив, со цел да го урне лажниот култ кон нив. Аргументирано докажува дека Филип и Александар биле Македонци, дека на овие простори никогаш немало Грци. Исто така, тој многу добро го разбрал значењето на кирилометодиевскиот култ и на Климент Охридски, и за нив организирал прослави и беседи во Охрид – во црквите каде што во неделите одржувал пламени и возбудливи слова, со кои ги маѓепсувал своите сограѓани. Преку тие проповеди го одржувал пулсот на преродбата – „разбудвејнето наше“, за кое Константин Миладинов велел „нашето новородвение“. Ова се одлики на врвен моралист, а богами бил и мултилингвист – знаел турски, грчки, француски.
Значајна е неговата социолошка студија за Охрид и Охридско во втората половина на 19 век, во која ја насликал потресната слика на суровата вистина за положбата на македонскиот народ под двојното ропство (отоманско и патријархијско). Во своите записи напишал дека и кучињата биле позаштитени од македонскиот народ, па го воскликнува својот протест: смртта е подобра од животот на Македонецот и отворено повикува на борба за социјална правда и слобода (Архива за Г. Прличев пронајдена во Охрид во 1950 г., која се наоѓа дел во МАНУ, дел во Архивот на Македонија.).
Службата на Прличев на својот народ, на човекот и животот воопшто, е служба на еден голем човек и врвен уметник. Успеа преку својата поезија и општествен ангажман да внесе во поимските категории – татковина, народ, јазик, традиција, минато – разјаснувачко толкување. Тоа го направи со силата на својата дарба за убоит збор и красноречивост, со магијата на својата проникливост во суштините на општомакедонските состојби. Таа негова посветеност на националната и социјална неправда кон Македонецот, преку неговите епохални дела даде врвни резултати и остави длабоки, неизбришливи траги, кои се присутни и видливи и денес, а се немерливо инспиративни, како за нас така и за нашите идни поколенија. И покрај неговите повремени двојствености и инклинации во врска со националното чувство (од панелинист прерасна во најголем македонски панславист, правејќи обид да создаде јазик за сите словенски народи), тој беше, е и останува синоним на својот македонски народ и творец на неговата култура и литература. Очигледно е дека Прличев бил Македонец и останал Македонец, зашто сѐ што направил, направил за Македонија. Таков, дај боже сиот свет да го присвојува (Георги Сталев).
Непобитен е фактот дека неговите ставови, погледи и идеи се еден вид предуслови за диференцирање на идеите на македонистите Ѓорги Пулевски и Крсте Петков Мисирков – дедото и таткото на македонството и македонистиката.
Автор е на епохалното дело „Сердарот“ (1960 г., прва награда за најдобра поема), „Скендербеј“ (1861 г.), „Автобиографијата“ (1985 г.) и преведувач на Хомеровите „Илијада“ и „Одисеја“. И, секако, син на мајка Македонија, кој на народот македонски му порача: „Спознај се себеси! Чувај се себеси!“, „Чувај ја татковината и љуби ја неа појќе од все!“ и „Учи мајкин јазик, заштото е лесен и ќе те просветит в мало време“. А неговата мисла „Ние молчиме, затоа тргаме!“ (изречена во 1866 г.) и денес опоменува.
Сотир Костов