Договорите важат за сите без исклучок и ова е неприкосновен меѓународен принцип, зашто во спротивно светскиот меѓународен поредок не би бил возможен
Сѐ појасно е дека со Преспанскиот договор ништо не било решено
Кога се кршат меѓународните принципи гледаме што се случува – од војни до државни удари, странски интервенции…. Свесни сме под кои услови (притисоци, уцени, ултиматуми…) се постигна и како се потпиша Преспанската спогодба, но дури сега откриваме зошто неа ја почитува само Македонија. Имено, „втората страна“, односно ние, како „држава што си го смени името“, сега не смееме воопшто да ѝ противречиме на Грција, која си дозволува на својот сосед да му се заканува и да му испраќа пораки, кои ги слушаме веќе триесетина години – ќе ви ставиме вето за во ЕУ!
А веќе имаме бугарско вето. Дали договорот ѝ дозволува таква положба на Грција?
Ако внимателно се прочита целиот билатерален документ заверен со потпис на ОН, јасно е дека тој иако е асиметричен и ја става Македонија во нерамноправна положба, сепак нема клаузула со која ѝ се дава некакво ексклузивно право на Грција таа да се однесува како апсолутен надреден и супервизор, како што таа наметнува и се претставува.
Премиерот на Грција, Мицотакис, ја кажа стратегијата на Атина
Од оваа временска дистанца, Преспанската спогодба веќе покажа гнилост однатре. Таа скапува сѐ повеќе и Атина недвосмислено и сѐ поинтензивно придонесува за тоа сиве овие изминати години. Сега спогодбата се чини е отворена, не само со потегот при што македонската претседателка „се заколнала без да ја каже клучната преспанска одредница – северна“ туку повеќе со тоа што Грција еднострано перманентно го газела договорот, а за тоа не ја известила Македонија, ниту, пак, ОН. Па Атина дури отиде и понатаму и рече дека непотпишаните три меморандуми ќе ги чува како тајно оружје за блокирање на членството на Македонија во ЕУ. (?!)
Со умисла или од небрежност, на тој начин премиерот на Грција, Мицотакис, откри една ноторна вистина за тоа како ја третира Македонија и ја кажа суштината на стратегијата на Атина!
Никола Димитров сѐ уште ја брани Спогодбата од Нивици
Како потписникот на Договорот во Нивици, тогашниот македонски министер за надворешни работи Никола Димитров, ја брани Спогодбата од Нивици: „Договорот од Преспа е добредојдена реалност, дури и меѓу неговите противници, бидејќи повторното отворање на спорот би било многу полошо. Лидерите во двете земји треба да се соочат со реалноста и да престанат да си играат ситна политика со ова прашање“.
Новата реалност, се покажа, воопшто не е добредојдена за „договорот“.
Стратегијата на Скопје за тоа како ќе се однесува кон Преспанскиот договор сѐ уште не е позната, но може да се насети.
Во медиумите, експерти велат дека е неопходно да се направи исчекор и Македонија по дипломатски пат да ја извести Грција дека излегува од договорот. Потоа би имало една година период да се седне и да се разговара што понатаму, оти е очигледно дека и на двете страни им е тесна спогодбата, секоја страна од свои причини.
Што се случува во Грција?
Лидерот на СИРИЗА, Стефанос Каселакис, чија влада го постигна договорот, му се обрати на Мицотакис дека ако смета оти Преспа е предавничка, „еве ви шанса да го поништите, но нема да го сторите тоа, бидејќи договорот е она што го посакувавте како партија“.
За време на предизборниот митинг во Солун во пресрет на европските избори на 9 јуни, Каселакис говореше за сите актуелни теми во Грција, но и за прашањата во грчката надворешна политика, осврнувајќи се и на Договорот од Преспа.
– Испраќам јасна и едноставна порака до премиерот. Договорот од Преспа е билатерален. Ако продолжувате да сметате дека е предавнички, постои само еден начин. Да го сторите она што го кажуваа вашите претставници, а многумина од нив сè уште го кажуваат: „Ако ВМРО ни даде шанса, ќе го поништиме договорот“. Ова го кажуваа. Истото го посакуваат и т.н. „борци за Македонија“ што ги вадевте на улица и се ваши гласачи: Да го поништите. Па, еве го Скопје, отидете. Да видиме. Но нема да го сторите тоа. И знаете зошто нема да го сторите тоа? Бидејќи Договорот од Преспа е тоа што го сакавте како партија, но тогаш Груевски во никој случај не прифаќаше да направи толку отстапки, како што направија пред Владата на СИРИЗА, пред Алексис Ципрас и Никос Коѕијас – истакна Каселакис.
Јасно е дека Грција повторно го отвора „македонското прашање“, јасно е дека со Преспанскиот договор тоа не е затворено. Затоа, пак, е јасно дека со договорот со Бугарија тоа би можело да се затвори на штета на Македонија како држава и за Македонците како нација. Х.И.