ЕУ има многу алатки за европската перспектива, но не ги користи, посочи поранешниот премиер Зоран Заев на неговото учество на годинешната конференција на „Економист“ во Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
На панел дискусијата посветена на „Продлабочување на солидарноста: како може Европа да излезе посилна од сегашните геополитички превирања?“, Заев се осврна на војната во Украина, ситуацијата во Израел, а се задржа и на регионот, односно на ЕУ перспективата, на иницијативата Отворен Балкан, но акцентот го стави на Договорот од Преспа, како модел за решавање на споровите, истакнувајќи ја важноста на дијалогот и дипломатијата.
Порача дека дијалогот, дипломатијата, прифаќањето на аргументите на другите и компромисот остануваат единствените средства за решавање на конфликтите, нешто што политичарите им го должат на граѓаните за одржување на мирот.
– Успехот не е гарантиран, но она што е најважно во овие ситуации е да се задржи волјата за постигнување решение преку дијалог во моментите кога се чини дека има целосно различни погледи. На овој начин тогаш дејствувавме јас и Алексис Ципрас. Прифативме дека нема да ги избегнеме, туку ќе се соочиме со тешките прашања и ќе најдеме решенија и тоа се случи – посочи Заев истакнувајќи дека решението беше најдено преку дијалог, взаемно разбирање и компромис од двете страни.
Потенцираше дека „за постигнување договори што носат мир и стабилност потребна е јасна визија и верба дека проблемите можат да се решат, но исто така потребни се и издржливост и упорност“.
Истакна дека Македонија по Договорот од Преспа стана членка на НАТО, но и стигна чекор поблиску до ЕУ, каде што Грција е силен поддржувач.
– Грција не само што не нѐ блокира туку и ја помага нашата интеграција во Европската Унија, како најсилен партнер. Во име на тоа пријателство, би сакал исто така да ја искористам приликата да му се заблагодарам на премиерот Мицотакис кој прифати дека Договорот од Преспа е завршен и кој со неговата Влада претставува исклучителен фактор на стабилност во регионот – рече поранешниот премиер.
За европската перспектива, Заев потенцираше дека „ЕУ имам многу алатки да искористи, но не ги користи“ иако сите знаат дека не постои алтернатива за земјите од Западен Балкан.
Истакна дека има недостиг на лидерство, а „во еден период имаше непостоечка дипломатија во Европската Унија“.
– Сите знаеме дека Европската Унија, европските земји се многу силни, имаат многу алатки како да дејствуваат, а недостигот на дејствување предизвикува идни конфликти. На пример, не беше лесно тогаш за грчките граѓани, за грчките политичари, особено за граѓаните кои живеат во грчката Македонија да сфатат дека постои и друга Македонија, Северна Македонија, но и за нас да го смениме Уставот, бидејќи го сменивме името на земјата, но тоа носи пријатели и спречува идни конфликти – објасни Заев.
Додаде дека решението со Бугарија е на маса, „но потребен е поголем дијалог во внатрешноста на земјата, бидејќи опозицијата ја блокира собраниската одлука на нашиот пат кон ЕУ“.
Се осврна и на инцијативата „Отворен Балкан“, објаснувајќи дека намерата е „регионот да се трансформира од зона на конфликт во зона на пријателство и соработка“, а се задржа и на руското влијание во регионот, односно како што рече „специјалната хибридна војна на влијание во некои региони“.
– Западен Балкан е еден од тие региони на специјален интерес на Москва, но и покрај сите обиди, поддржани од силни финансиски и други средства, нашиот регион покажа континуиран отпор кон ова влијание – посочи Заев.
На панел дискусијата, заедно со поранешниот премиер на Македонија, учествуваа и премиерот на Косово Албин Курти, поранешната премиерка на Украина Јулија Тимошенко, поранешниот претседател и премиер на Ерменија Армен Сакисиан, како и поранешната шефица на грчката дипломатија и актуелна пратеничка Дора Бакојани, а преку видео порака на присутните им се обрати почесната спикерка на Претставничкиот дом на САД Нанси Пелози.