Преспанскиот договор сам по себе како воопшто да не е пишуван како договор меѓу две суверени земји во 21 век. Но според континуираните изјави на грчкиот премиер во последниов период и пораките за декларативно откажување од именките – Македонија, Македонец и придавката македонски до новоизбраното македонско државно водство, се чини дека Мицотакис очекува(л) од Преспанскиот договор да ги легитимира и меѓународно да ги легализира анахроните експанзионистичко-шовинистички амбиции на грчката држава
Враќањето на голема врата на Преспанскиот договор на грчката политичка сцена
Враќањето на Преспанскиот договор на грчката политичка сцена, иако се чини со „употребна вредност“ првенствено за интересите на тамошниот премиер Мицотакис во контекст на европските избори, разоткри „нови перспективи“ на апсурдноста на неговата асиметрија. Поставен целосно асиметрично според стандардите на современото меѓународно право со игнорирање на принципот јус когенс (за неприкосновеноста на човековите права за слобода на изразување и самоопределување), погазувајќи ја смислата на билатералните договори за рамноправност и еднакви обврски за двете договорни страни, Преспанскиот договор сам по себе како воопшто да не е пишуван како договор меѓу две суверени земји во 21 век. Но според континуираните изјави во последниов период на грчкиот премиер и пораките за декларативно откажување од именките – Македонија, Македонец и придавката македонски до новоизбраното македонско државно водство, се чини дека Мицотакис очекува(л) од Преспанскиот договор да ги легитимира и меѓународно да ги легализира анахроните експанзионистичко-шовинистички амбиции на грчката држава. Па така, во контекст на современите меѓународни односи и партнерства, Мицотакис очекува овој асиметричен политички договор постојано да ја држи Македонија во нерамноправна потчинета позиција секаде и секогаш, почнувајќи од НАТО.
– Договорот од Преспа и едното име С. Македонија, ерга омнес, за сите, беше основниот предуслов С. Македонија да влезе во НАТО. Сметам дека е несфатливо С. Македонија дека може да дојде на своето прво учество со новото раководство и да го доведе во прашање Договорот од Преспа во однос на името – изјави Мицотакис во едно од многубројните интервјуа за грчките медиуми во изминатите три седмици, потсетувајќи дека „токму името беше и причината што земјата толку години не влезе во НАТО“.
Повикувајќи се на Договорот од Преспа, кој не му се допаѓал зашто со него на „соседната земја, Грција ѝ дала име на нацијата и јазик“ (?!), Мицотакис и понатаму продолжува со побарувања, кои се нелегитимни дури и според односниот договор, со дрско дерогирање на меѓународното право и Универзалната декларација за човекови права на Обединетите нации. Грчкиот премиер си дозволува да очекува од мандатарот за состав на влада во Македонија, Христијан Мицкоски, да го погази своето човеково право и да не се нарекува Македонец.
– Кога некој е избран за премиер, не постои индивидуален статус на премиер. Премиерот е институционално тело. Говори претставувајќи ја неговата земја. Значи, не е замисливо да вели дека „индивидуално се идентификувам како Македонец и ќе ја користам оваа терминологија, но официјално името на мојата земја е С. Македонија“. Тоа не се сериозни работи. Ги очекувам официјалните изјави на премиерот – изјави Мицотакис за некој од грчките медиуми, со порака недвосмислено упатена до идниот македонски премиер.
Со ваквите изјави, грчкиот премиер всушност без никакво воздржување покажува дека веројатно воопшто не го ни читал Преспанскиот договор (или барем она што не му се допаѓа), зашто и според него на Македонците од Република Македонија им е „дозволена“ употреба на термините „Македонија“ и „македонски“. Тргнувајќи од „логиката“ на Мицотакис дека не е логично некој да е Македонец од С. Македонија, може да се изведе и заклучокот дека наметнатата географска одредница во името на државата, со Преспанскиот договор, сепак е понелогична состојба.
– Најголемиот проблем на грчката политика, одразен и во Преспанскиот договор, е што постојано и континуирано го оспорува постоењето на македонскиот народ на историската сцена. Грчките политичари, вклучувајќи го и грчкиот премиер Мицотакис, за Македонија и Македонците користат политичка формулација од 19 век. Идејата за признавање на постоењето на македонскиот народ едноставно беше во контрадикторност со надворешната експанзија на грчката држава од 19 век.
Експанзијата беше насочена спрема териториите на Османлиската Империја, во која тогаш влегуваа Македонија и Македонците, а со можноста за освојување на тие територии, грчката држава се одлучи да го „заташка“ постоењето на македонскиот народ, политика, која, еве, го одржува својот континуитет до денес. И во Преспанскиот договор (иако е од 21 век) е силно изразена таа грчка „перспектива“ на погазување на именскиот, историски и идентитетски суверенитет на македонскиот народ. Сето она што ни го упатуваат нам Грците, дека биле „повредени“ што со Преспанскиот договор ни „дале име на народот и на јазикот“ (македонски), всушност е израз на шовинизам. Не е иста агонијата на болката кога ти го негираат и поништуваат постоењето како народ со автентичност и историски континуитет со „повреденоста“ од замислена загуба. Но нам, Македонците, ни останува да се бориме за рамноправен статус на современ меѓународен план и редно е да се каже дека македонскиот народ сам преку своја народна борба ја создаде македонската држава – вели историчарката Наташа Котлар-Трајкова.