Фото: Игор Бансколиев

Сѐ почестите индикатори дека се развива една системска лажна демократија упатуваат на неопходни не само козметички корекции туку и длабоки системски резови. Граѓаните се со сѐ посилно уверување дека живеат во „лажна демократија“. Притоа не станува збор за сомнежите на граѓаните во, условно речено, помалку демократските земји, туку на оние најразвиените, во секоја смисла

СЀ ПОВЕЌЕ ИСТРАЖУВАЊА И АНАЛИЗИ ВО СВЕТОТ ВОДАТ КОН ПОРАЗИТЕЛЕН ЗАКЛУЧОК

Додека светот се менува со зачудувачка брзина, а кризите се преклопуваат една со друга, вообичаените политички решенија како да даваат сѐ послаби резултати. Поради тоа, се добива впечаток дека голем број демократски механизми или од разни причини не се доволно искористени или, пак, дури и кога се користат, не ги даваат посакуваните ефекти. Затоа, сѐ почестите преиспитувања за демократијата или, пак, поточно, за детектирање на лажната демократија, искривувана од поединци (носители на јавни функции), или искривувана од колективитетите и интересните заедници (како што се на пример политичките партии), треба да бидат во функција на демаскирања на метастазираната квазидемократија, која некои западни теоретичари веќе ја преименуваа во „постдемократија“.
Но сѐ почестите индикатори дека се развива една системска лажна демократија упатуваат на неопходни не само козметички корекции туку и длабоки резови. Граѓаните се со сѐ посилно уверување дека живеат во „лажна демократија“. Притоа не станува збор за сомнежите на граѓаните на, условно речено, помалку демократските земји, туку на оние најразвиените, во секоја смисла.

Германците, Французите, Британците… сѐ понезадоволни од демократијата

Во Германија, на пример, неодамнешното истражување на институтот „Аленсбах“ покажало дека дури една третина од Германците веруваат дека живеат во лажна демократија, во која граѓаните за ништо не се прашуваат. Интересно е што тоа го мислат 28 проценти од анкетираните во западна Германија и дури 45 отсто на истокот од државата. Во Франција, во една анкета од јануари, дури 57 проценти од испитаниците изразиле уверување дека во нивната земја демократијата не функционира како што треба, а 34 проценти од анкетираните во Обединетото Кралство кажале дека „апсолутно за ништо не ги прашуваат“ кога станува збор за донесувањето одлуки битни за граѓаните и за државата. Трите анкети, иако спроведени со различни цели, според многумина, упатуваат на еден ист заклучок – дека граѓаните се незадоволни од демократијата.
– Заклучокот што може да се извлече од резултатите на спомнатите анкети не е само дека демократијата сѐ повеќе се отфрла како начин на уредување на државата и на владеењето, туку и на целокупниот систем на вредности – оценил притоа Александер Герлах, кој како соработник на повеќе реномирани европски универзитети, меѓу другото, се занимава и со проблематиката поврзана со иднината на демократијата.
А колку влијаат збунувачки ваквите истражувања и констатации, дополнети со слики од сѐ почестите улични нереди предизвикани од незадоволството од изборните резултати, како што беше пред некој ден во Франција, револтот од одредени постапки на властите каков што беше изразуван низ повеќето западноевропски градови во периодите на засилувањето на антиковид-мерките, нередите во Вашингтон при последната смена на претседателската функција…, на граѓаните на Македонија и на неа сличните држави, за кои може да се каже оти сѐ уште ги прележуваат детските болести на демократијата?

„Хибриден режим“ или „несигурна демократија“

Уште повеќе што во рок од само два месеца две мошне цитирани глобални истражувања излегоа со различни оцени во однос на состојбата на демократијата во Македонија.
Имено, на почетокот на февруари годинава, во извештајот за индексот на демократија за 2021 година, што редовно го објавува британскиот весник „Економист“, се тврдеше дека Македонија повеќе не била во категоријата на држави во кои владее „хибриден режим“ туку скокнала на скалата погоре и сега, односно во истражуваниот период, била во групата на „несигурни демократии“. Во споредба со 2020 кога била рангирана на 78-то место од 167 земји, за 2021 година земјава направила скок од пет места и била рангирана на 73-то место.
Овој индекс на демократија се оценува според функционирањето на Владата, демократската политичка култура и граѓанските слободи, политичко учество на граѓаните и спроведениот изборен процес и плурализам, а се дели во четири групи: „целосни демократии“, во која се рангирани 21 држава; „недоволни демократии“ – 53 држави; „хибридни режими“ – 34 држави и „авторитарни режими“ – 59 држави.
И само нешто повеќе од два месеца потоа, пред приближно една недела, Македонија повторно се најде во категоријата „хибриден режим“, според извештајот „Држави во транзиција“, кој го изработува „Фридом хаус“. Со оценка 3,82, на скалата, каде што 7 е најдобра, а 1 најлоша демократија, земјава немаше ниту подобрување ниту назадување во споредба со минатата година.
Инаку, просечната оценка на Македонија, според „Фридом хаус“, постојано паѓаше од 2012 до 2017 година, додека од 2017 до 2021 година имаше мало зголемување, а последниве две години имаше демократска стагнација. Овој извештај опфаќа 22 посткомунистички држави од Централна и од Источна Европа. Само шест од овие земји се сметаат за „консолидирани демократии“, четири се „полуконсолидирани демократии“, осум се „консолидирани авторитарни режими“ и единаесет, меѓу кои и Македонија, се во категоријата „хибриден режим“.

На македонскиот начин на практикување на демократијата еднакво недоволно му веруваат сите етнички ентитети

Иако на прв поглед сето тоа збунува, она што може да се заклучи е дека, сепак, станува збор за разлики во детали и дека заедничкото во двете рангирања е константно лошиот пласман на Македонија на листите на меѓународните истражувачи. Слично мислење имаат и граѓаните во земјава, кои одговориле на анкетата на „Нова Македонија“. Дури околу две третини од нив, на прашањето за тоа колку се исполнети нивните очекувања од демократијата во Македонија, одговориле дека воопшто не се исполнети, околу една петтина кажале дека само делумно се исполнети, а само на нешто помалку од десет отсто очекувањата им биле целосно исполнети.
Со ова се согласни дури и некои од оние што, безмалку, во текот на целите три децении плурализам во Македонија, биле присутни и мошне активни во политиката.
– Секако дека оцените на граѓаните за нивната (не)доверба во демократијата се оправдани. Единственото добро во целата работа е што во македонскиот начин на практикување на демократијата еднакво недоволно веруваат и Македонците и Албанците, така што нема опасност од префрлување на вината – оцени поранешниот претседател на Собранието и пратеник во повеќе парламентарни состави, Стојан Андов.

Партиите го сведуваат целиот проблем, па и минималните поместувања на листите, на „нашите“ и на „нивните“

Но повеќето овдешни експерти, наместо да ја согледаат суштината, за која веќе се зборува низ повеќето земји, во објаснувањата пред јавноста, целиот проблем, па и минималните поместувања на листите, со години го сведуваат, едноставно, на мандатите на „нашите“ и на „нивните“.
Ретки се, но сепак постојат и оние што малку пошироко гледаат на работата.
– Добивам впечаток дека сме постојано „градилиште“ кога станува збор за демократијата. Нешто ново се прави, нешто ново се урива, а она што останува е шутот, кој на крајот некој треба да го изнесе. Тој „шут“ на градењето на демократијата на плеќи го носат граѓаните и во тој контекст секогаш има место за подобро и повеќе – оцени професорката од Правниот факултет, Неда Здравева, во еден од своите неодамнешни настапи.
А она што, според неа, е карактеристично за Македонија е што во годините на градењето на демократија не бил воспоставен системот на контрола, каде што трите власти, извршната, судската и законодавната, меѓусебно независно се контролираат, како ни системот на одговорност.
– Имам личен впечаток дека луѓето со текот на времето престанаа да бидат одговорни за своите постапки. Се чекаше некаква наредба од некого, никој не преземаше никаква иницијатива, а онаму каде што иницијативите се преземаа се преземаа по директива од „горе“ – објасни таа.

Светот станува сѐ повеќе нееднаков и бесен

Сепак, треба да се знае дека тоа не е ексклузивитет само на Македонија или на некои од до неа блиските земји. Кризата на демократијата сѐ поочигледно се манифестира во повеќето етаблирани демократии, но нивните лидери, за разлика од овдешните, не го негираат проблемот, туку се обидуваат да разговараат за него, така што во изминативе години обидите за преиспитување на демократијата како модел на владеење веќе не се табу-тема. Тоа го прават и теоретичарите и креаторите на политиките.
– Обновениот фокус не е добра вест. Тоа е одраз на ерозијата на демократијата и почитувањето на човековите права во последниве години. „Фридом хаус“ известува дека помалку од 20 отсто од светската популација сега живее во она што го категоризира како целосно слободни општества, најнискиот удел во повеќе од четвртина век. Многу држави постојано се приближуваат кон авторитаризам – констатира неодамна Марк Малок-Браун, поранешен британски дипломат и заменик-генерален секретар на Обединетите нации, а сега претседател на фондацијата „Отворено општество“.
Светот, според него, постојано станува сѐ повеќе нееднаков и бесен.
– Овој бес го зголемуваат и го подгреваат платформите на социјалните медиуми каде што поларизацијата, злоупотребата и лагите ја поткопуваат довербата во институциите. Технологијата, за која многумина пред само неколку години сметаа дека ќе овозможи унапредување на човековите права, во многу случаи стана средство за манипулација на умот и за затворање на општествата – објасни тој.
Решението, како што вели Малок-Браун, е во тоа работата со човековите права да стане политичка: посилна и попаметна во нападите на нејзините угнетувачи и појасна дека е на страната на угнетените.
– Треба да се осврнеме на предизвиците со кои луѓето фактички се соочуваат, гледајќи подалеку од тесните политички права, за да зборуваме за длабоките причини за економска и социјална исклученост – сугерира тој.

Можат ли граѓаните да се свртат кон „униформите“?

Освен тоа, многубројни се укажувања на неопходноста од суштински промени во начинот на владеењето и во критичкото согледување на демократијата, при што уште повеќебројни се предупредувања дека тоа не би смеело да се сведе само на формално преименување на демократијата во постдемократија, како што веќе се случува во некои западни земји.
Во спротивно, како што објаснуваат теоретичарите, недовербата во политичарите и во институциите што тие ги раководат, многу лесно, како што веќе и потврдија многубројните истражувања, може да се компензира со довербата во „униформите“, поточно во војската и во свештениците, што повторно води кон нешто сосема спротивно од демократијата. Д.М.М.