Бугарски „Клуб 3“ за спорот помеѓу Македонија и Бугарија
Најекстремните бугарски националисти можат да негираат дека добрите односи со Македонија се од интерес за Бугарија, а тие можат да бидат добри само во политичка и економска заедница каква што е Европската Унија, пишува бугарската новинарка Капка Тодорова за „Клуб 3“, додавајќи дека брзиот влез на Македонија во ЕУ е од огромно значење за Бугарија и ќе донесе само придобивки.
Таа истакнува дека македонското прашање во последните години е предадено на псевдонационалисти во Бугарија, кои го уништиле добриот тон со Скопје, како и голем дел од постигнатото во односите на Софија со Македонците.
– Обичните граѓани на Бугарија и Северна Македонија се жртви на некој копнеж за големо минато од националистите од двете страни на границата – наведува Тодорова, нагласувајќи дека новата Влада во Бугарија се соочува со голем предизвик да ги врати добрите односи со Македонија.