Гордана Силјановска-Давкова на инаугуративна седница во Собранието даде свечена изјава за стапување на функцијата претседател на Република Македонија во мандатниот период 2024-2029, како шести претседател и прва жена на оваа позиција од осамостојувањето на државата. Со давањето свечена изјава во Собранието на Република Македонија, таа вчера и официјално беше инаугурирана како претседателка на државата, откако победи во вториот круг претседателски избори на 8 мај.
По свечената заклетва, Силјановска имаше обраќање пред пратениците и високите гости на свеченоста. Таа во својот говор се обврза дека должноста ќе ја извршува совесно и одговорно, ќе ги почитува Уставот и законите, ќе ги штити суверенитетот, територијалниот интегритет и независноста Република Македонија. Нејзиниот говор беше проследен со бурни аплаузи од дел од пратениците, како и од присутните гости. Единствено грчката амбасадорка Софија Филипиду, која заедно со колегите амбасадори дојде да ја проследи инаугурацијата, ја напушти пленарната сала во знак на протест поради тоа што Силјановска-Давкова, при давањето на свечената заклетва, не ја користеше додавката Северна туку единствено Република Македонија.
По свеченоста во Собранието, во Кабинетот на претседателот се одржа официјална церемонија на примопредавање на функцијата претседател со највисоки државни и воени почести. По церемонијата, новоизбраната претседателката Гордана Силјановска-Давкова и довчерашниот претседател Стево Пендаровски, кој беше и нејзин противкандидат во трката за шеф на државата, имаа тет-а-тет средба.
Претходно, Државната изборна комисија констатира дека за претседател е избрана професорката Гордана Силјановска-Давкова со мнозинство од гласовите, односно 561.000, додека нејзиниот опонент, професорот Стево Пендаровски освои 251.899 гласа. Записникот за конечност на резултатите од гласањето беше едногласно усвоен на седницата.
По инаугурацијата на Силјановска-Давкова, во согласност со новиот собраниски деловник, новоизбраниот парламентарен состав треба да ја одржи конститутивната седница најдоцна до 28 мај. Мандатот на пратениците почнува да тече од конститутивната седница на законодавниот дом. Според одредбите од Уставот, новоизбраното собрание се состанува на конститутивна седница најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница, како и вчерашната за инаугурација на новоизбраниот претседател на државата, ја свикува сѐ уште актуелниот претседател на Собранието Јован Митрески. Доколку тој не го стори тоа, на 21-от ден по изборите седницата ќе ја свика најстариот пратеник и ќе претседава со седницата до изборот на нов спикер. Претседател на новиот парламентарен состав се очекува да биде избран најдоцна на 1 јуни.
Претседателката Силјановска-Давкова потоа во рок од десет дена од конституирањето на Собранието, мандатот за состав на Владата треба да му го довери на кандидат на партијата, односно партиите што имаат мнозинство во парламентот. Мандаторот, пак, во рок од 20 дена од денот на доверувањето на мандатот, на Собранието му поднесува програма и го предлага составот на Владата. Владата, на предлог на мандаторот и врз основа на програмата, ја избира Собранието со мнозинство гласови од вкупниот број пратеници. До изборот на новиот владин состав, продолжува мандатот на техничката влада, кој стартуваше 100 дена пред изборите во согласност со т.н. пржински договор, за надминување на политичката криза од 2015 година. Функцијата на техничката влада беше да обезбеди фер и демократски избори. Р.Н.М.
За првата претседателка на Македонија
Гордана Силјановска-Давкова е родена на 11 мај 1953 година во Охрид. Основно и средно образование завршила во Скопје, а дипломирала на Правниот факултет во Скопје во 1978 година, каде што и магистрирала. Докторирала пред комисија предводена од проф. Франц Град со највисока оценка кум лауде на Правниот факултет во Љубљана, на темата „Локалната самоуправа – помеѓу нормите и реалноста“ (Local Selfgovernment – between Norms and Reality) во 1994 година. Силјановска-Давкова била избрана за асистентка по предметот Политички систем на Правниот факултет во Скопје во 1989 година, за доцентка по уставно право и политички систем во 1994 година, а потоа и за редовна професорка во 2004 година. Била членка на Уставната комисија на Собранието во период од 1990 до 1992 година, а потоа и министерка во Владата од 1992 до 1994 година.
Таа е експертка за избори на ООН и потпретседателка на групата Независни експерти за локална самоуправа при Советот на Европа, а исто така членка е и на Венецијанската комисија.
Авторка е на стотина научни труда за уставното право и политичкиот систем.
На парламентарните избори во 2020 година Силјановска беше носителка на кандидатскиот список за пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во првата изборна единица, а од август 2020 година таа е пратеничка во македонското собрание.