И Александар Македонски за народите во Азија и во Африка бил божество. И двајцата великани со своите дела се надживеале себеси и оставиле траен белег кај народите. И двајцата великани биле космополити и во служба на државата без да прават разлика меѓу народите – Александар не само што не ги задушувал обичаите, религијата итн. туку ја поддржувал културата на покорените народи, а за Гоце светот бил поле за културно натпреварување меѓу народите. Затоа со право може да се каже дека Гоце Делчев е модерниот Александар Македонски. И затоа и двајцата великани се дел од културното наследство на целото човештво
Во историјата на човештвото има личности што го обележалe не само нивното време туку и цели епохи значајни за историјата на човештвото. Такви се двајцата великани изникнати и израснати на македонско тло – Гоце Делчев, роден на 4 февруари 1871 г. во Кукуш, и Александар Македонски, роден 21/22 јули 356 г. ст. ера во Пела, кои оставиле неизбришливи траги не само кај народот што ги изнедрил туку нивната големина и значење ги надминуваат границите на земјата од каде што потекнуваат. И двајцата уште додека биле живи станале легенди, а нивниот спомен до ден-денес е жив во свеста на народот што ги изнедрил, дури и пошироко.
Веројатно затоа многумина, мислејќи дека ќе можат да се закитат со нивната слава, со сите сили се трудат да докажат дека им припаѓаат само ним – едните дури успеале да ја присвојат родната грутка на двајцата македонски великани – и двајцата се родени и израснати во егејскиот дел на Македонија (Кукуш и Постол/Пела). Но ако земјата може и да се присвои, споменот за нивните достигнувања никој не може да го избрише, особено не од свеста на народот кому му припаѓаат.
Александар Велики е едно од ретките нематеријални наследства што го споделува речиси целото човештво, ама нашиот јужен сосед не само што го прикажува како исклучиво грчки туку им го забранува на современите Македонци. Достигнувањата на Александар Македонски се тема на научни собири во целиот свет, зашто Александар Македонски не само што ја преобразил класичната епоха туку со неговите дела зацртал и отпочнал нова ера во светската историја, т.н. македонски период, почесто нарекуван хеленистички поради хеленскиот јазик на кој се разбирале разнородните народи во неговата империја што се протегала на три континенти: Европа – од Средоземно до Црно Море, Азија сѐ до Петоречјето во Индија и Египет во Африка.
Легендите за него до ден-денес се живи кај народите од Индија и Јапонија на исток до Ирска и Атлантски Океан на запад. Гоце Делчев, пак, e револуционер со левичарски сфаќања, кој иако учел во бугарски школи ја одбележал ерата на непокор и непоштедна борба на македонскиот, а не на бугарскиот народ за национално самоопределување и за создавање национална држава, и е најопеаниот херој во целокупното македонско народно творештво.
Оваа 2023 година, во Македонија се обележуваат двe колективни и две индивидуални годишнини. Тоа се 120 години од убиството на Гоце Делчев и од појавата на книгата „За македонцките работи“ од Крсте Петков Мисирков“, 120 од Илинденско востание и 130 години од формирањето на ВМРО. Во светот, пак, се одбележува и една лажна „годишнина“ – заминувањето на Александар Македонски од овој свет (323 г. ст. ера), што во научниот свет се нарекува „Година на Александар 2023“, како што е насловен и еден научен собир во Барселона, Шпанија.
На денешен ден во 1903 г. во с. Баница, Егејска Македонија, денес Грција, од турскиот аскер бил убиен Гоце Делчев, учител, хуманист, идеолог, организатор и раководител на револуционерното движење за слободна и независна Македонија, војвода, стратег. Во 1896-та учествувал на Солунскиот конгрес, со Ѓорче Петров ги изработил нацрт-уставот и правилникот на ВМРО, бил член на Централниот комитет и до 1901 г. задграничен претставник на ВМРО во Софија. Гоце бил огорчен противник на бугарските монархисти, кои со помош на врховистите го користеле македонското национално-револуционерно движење за свои династички интереси и за присвојување на Македонија.
Во текот на животниот пат, крстосувајќи низ цела Македонија, Гоце ги сврзувал вардарскиот, егејскиот и пиринскиот крај и насетувајќи ги плановите за распарчување на Македонија се борел за нејзината целовитост. Гоце бил против кревање востание во 1903-та, зашто како главен надзорник на четите и на револуционерните окрузи, кои постојано ги обиколувал, им давал упатства и создавал револуционерен кадар, многу добро знаел дека едно такво востание е преурането, но не успеал да го спречи – бил убиен во с. Баница каде што бил и погребан.
Во 1906 г. неговите останки биле тајно откопани и сместени во сандаче под олтарниот престол на селската црква „Св. Никола“. Оттаму биле тајно пренесувани и чувани сѐ до 2 август 1923 г., кога по повод 20-годишнината од Илинденското востание, урна со неговите мошти на чија предна страна била врежана заклетвата за македонските генерации да ги пренесат коските на Гоце во престолнината на идната македонска држава, била изложена во црквата „Св. Недела“ во Софија, за оддавање почит. По извесно време урната била преземена од Илинденската организација и чувана во Илинденскиот дом во Софија сѐ до 1946 г. кога македонската и бугарската влада се договориле моштите на Гоце да бидат пренесени во Скопје.
За таа цел било изработено дрвено сандаче – остотека од македонскиот копаничар Нестор Алексиев Мирчевски, украсено со македонски мотиви и со грбовите на Македонија и Југославија. На 6 и 7 октомври 1946-та, сандачето било изложено во Македонскиот народен дом во Софија, каде што му била оддавана почит; на 7 октомври бил потпишан протокол за примопредавање, по што во придружба на илинденци и почесна воена единица на ЈНА сандачето било однесено во Народниот театар на Софија. На свеченото собрание говор одржал штипјанецот Тодор Павлов, при што прочитал и песна за Гоце напишана од Венко Марковски. Утредента, поворката со сандачето, покриено со македонско и југословенско знаме поставено на топовски лафет придружено од две делегации: бугарска дури од 32 члена, македонска и од војници на ЈНА, предводена од генералот Кирил Михајловски-Груица, тргнала од Софија за Скопје.
Минувајќи низ Пиринска Македонија преку Горна Џумаја / Благоевград, Св. Врач / Сандански, Петрич, каде што преноќила, поворката стигнала во Струмица, поминала крај Радовиш, преноќила во Штип и преку Велес на 10 октомври, во 13 часот, пристигнала во Скопје, каде што со почесен плутон, сандачето со моштите на Гоце било положено во камениот саркофаг во дворот на црквата „Св. Спас“. Секаде на патот, поворката со моштите на Гоце била пречекувана од месните жители, исто како и кочијата со балсамираното тело на Александар Македонски на патот од Бабилон за Македонија, во 321 г. ст. ера. Но за разлика од Гоце, Александар „не се вратил“ во родната Македонија, зашто телото било грабнато (и закопано во Александрија), како што до ден-денес се приграбува неговата слава.
Гоце се борел против тиранијата на султанот и угнетувањето на народните маси. Како народен трибун ја проповедал идејата за слободна и независна Македонија, надахнувал, предизвикувал полет и занес и затоа уште за животот добил херојски ореол. И како што забележал неговиот биограф Пејо Јаворов (Ајдучки копнежи), Гоце бил обоготворен при што го нарекува „ајдучко божество“.
И Александар Македонски за народите во Азија и во Африка бил божество. И двајцата великани со своите дела се надживеале себеси и оставиле траен белег кај народите. И двајцата великани биле космополити и во служба на државата без да прават разлика меѓу народите – Александар не само што не ги задушувал обичаите, религијата итн. туку ја поддржувал културата на покорените народи, а за Гоце светот бил поле за културно натпреварување меѓу народите. Затоа со право може да се каже дека Гоце Делчев е модерниот Александар Македонски. И затоа и двајцата великани се дел од културното наследство на целото човештво.