Болцано, Италија: Одгласи од Конгресот на Федералната унија на европски националности (ФУЕН)
- Македонското друштво „Илинден“ од Тирана, како член на Федералната унија на европски националности (ФУЕН) и дел од Работната група на словенските малцинства при ФУЕН, активно учествуваше во работата на конгресот на организацијата одржан од 23 до 26 октомври во Болцано, Италија
Во современа Европа, каде што принципите на демократија и човекови права се темел на заедничкиот идентитет, прашањето за положбата на националните малцинства останува суштинско. Македонците во Албанија, како автохтона заедница со длабоки историски корени, се дел од оваа поширока европска приказна за признавање, афирмација и заштита на културниот и националниот идентитет. Конгресот на Федералната унија на европските националности (ФУЕН), одржан од 23 до 26 октомври во Болцано, Италија, претставува значаен чекор во континуираниот процес за афирмација на правата на Македонците во Албанија. Конгресот на ФУЕН во Болцано во 2025 година претставува уште една потврда дека афирмацијата на човековите и малцинските права на Македонците во Албанија е процес што добива сè поголема европска видливост. Преку културна промоција, институционални средби и активно учество во европските мрежи, Македонците од Албанија ја зацврстуваат својата позиција како признаена и почитувана заедница. Овој процес не е само прашање на културна афирмација туку и на демократска зрелост на Европа, која преку вакви форуми ја потврдува својата посветеност на плурализмот, различноста и еднаквоста.
Македонското друштво „Илинден“ – Тирана со свој штанд ја претстави
македонската култура
Македонското друштво „Илинден“ – Тирана со свој штанд се претстави на 69. конгрес на ФУЕН одржан во италијанскиот град Болцано, запознавајќи ги присутните поблиску со македонската култура.
– Во рамките на активностите на овој значаен собир, со свој штанд се претстави и нашето друштво. Имавме македонска домашна ракија, ајвар, лепче, потоа пропаганден материјал на кој се претставени македонските носии, убавините на областите каде што живеат Македонците, како и примероци од весникот „Илинден“. Да бидам искрен, штандот побуди голем интерес кај учесниците, кои го посетија во голем број – изјави Никола Ѓурѓај, претседател на друштвото „Илинден“ – Тирана, кој беше учесник на конгресот.
Претседателот на ФУЕН и пратеник во Европскиот парламент, Лорант Винце, и комесарот на Сојузната влада на Германија за прашања поврзани со етничките германски преселници и националните малцинства, Бернд Фабритиус, го посетија штандот на македонското друштво „Илинден“ – Тирана на конгресот на ФУЕН во Болцано, претставен меѓу штандовите на другите малцинства во Европа.
– Присуството на македонското друштво „Илинден“ – Тирана на конгресот е повеќе од симболично. Со свој штанд, друштвото ја претстави македонската култура преку традиционални производи, носии, печатени материјали и весникот „Илинден“. Овој настап не само што предизвика интерес кај учесниците, туку и ја потврди улогата на друштвото како активен промотор на македонскиот идентитет во Албанија и пошироко – рече Ѓурѓај.
Претседателот на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, во рамките на конгресот во Болцано, учествуваше на работен состанок со Работната група на словенските малцинства (АГСМ) при ФУЕН.
– Освен активното учество на конгресот што се одржа во Болцано, учествував и на состанок на Работната група на словенските малцинства при ФУЕН. Разговаравме за проблемите на словенските малцинства во Европа. Учеството на состаноците на Работната група на словенските малцинства овозможи размена на искуства и заедничко разгледување на предизвиците со кои се соочуваат словенските заедници во Европа. Македонците од Албанија, преку своите претставници, имаа можност да ги изложат своите проблеми и да бараат поддршка во рамките на пошироката словенска и европска солидарност – нагласи Никола Ѓурѓај.
Средби со повеќемина истакнати претставници на европските малцинства
Во името на македонското друштво „Илинден“ – Тирана и во името на македонското национално малцинство во Република Албанија, Ѓурѓај му ја предаде на претседателот на ФУЕН, Лорант Винце, наградата „Илинден“ доделена годинава на ФУЕН.
– Доделувањето на наградата „Илинден“ на ФУЕН е чин на благодарност, но и порака дека македонската заедница во Албанија е активен чинител во европската мрежа на малцинства – рече Ѓурѓај.
Претседателот на македонското друштво „Илинден“ – Тирана, Никола Ѓурѓај, за време на конгресот оствари средби и со потпретседателот на ФУЕН, Наби Ибраимтзик, претседателот на АГСМ, Хартмунт Липнер, како и со претставникот на населението што говори германски од францускиот регион Алзас Јеан Фаивре, со директорот на Заедницата на Црногорците во Албанија, Дејан Чулафиќ, и со претседателката на Естонскиот сојуз на национални малцинства, Наталиа Ермаков. Д.Ст.


































