Ниту 20 дена по парадирањето на бугарскиот државен врв во Битола за време на отворањето на бугарскиот културен клуб, именуван по докажаниот соработник на фашистичка Германија Ванчо Михајлов, Европската комисија не најде за потребно ниту да ја опомене Бугарија дека величањето фашистички ликови е спротивно на идејата на самата Европа, премолчувајќи нешто за што требаше остро да реагира
Европа го слави Денот на победата
Европа денеска го слави 9 Мај, Денот на победата над фашизмот, кога на овој датум во 1945 година Германија потпиша безусловна капитулација, со што беше означен крајот на Втората светска војна. Истовремено, денеска е и Денот на Европа, воспоставен како ден на сеќавање на Декларацијата на францускиот министер за надворешни работи Роберт Шуман во 1950 година, што се смета за прв важен чекор во настанувањето на ЕУ. Но 77 години подоцна, веќе не е јасно кого победила Европа во Втората светска војна и што воопшто слави, ако се има предвид дека духот на фашизмот на европско тло е сè уште жив, а официјален Брисел молчаливо го одобрува.
Ниту 20 дена по парадирањето на бугарскиот државен врв во Битола за време на отворањето на бугарскиот културен клуб, именуван по докажаниот соработник на фашистичка Германија Ванчо Михајлов, Европската комисија не најде за потребно ниту да ја опомене Бугарија дека величањето фашистички ликови е спротивно на идејата на самата Европа, премолчувајќи нешто за што требаше остро да реагира.
– Одблиску ги следиме настаните, како и одговорите на настаните. Свесни сме дека отворањето на бугарскиот културен клуб во Битола именуван по фигура што е перципирана како висококонтроверзна во С Македонија, предизвика силни реакции кај граѓаните – порачаа кратко од ЕК.
Несомнено, немањето реакција од страна на Европа говори дека таа на некој начин го одобрува она што го прави Бугарија во Македонија, промовирајќи клубови именувани според соработник на фашистите. Лицемерно е денеска да се слави Денот на победата ако истата таа Европа заборавила против кого се борела во Втората светска војна, за сега да дозволува повторно воскреснување на фашизмот од страна на некои земји-членки на Европската Унија и воопшто да не реагира.
За Александар Кржаловски, прв извршен директор на Македонскиот центар за меѓународна соработка, молкот на Брисел е резултат на неговиот толерантен однос кон сопствените членки, дури и кога се однесуваат надвор од европските традиции и практики.
– ЕУ е внимателна во вакви ситуации и ретко се изјаснува со ставови или толкувања за личности од историја, особено, пак, кога се работи за не толку познати (во ЕУ) и контроверзни ликови како Ванчо Михајлов, а особено не кога притоа треба да се изјасни против земја-членка на ЕУ наспроти земја-кандидат. Затоа и не изненадува многу што нема реакција, став, осуда од официјални лица од Европската Унија (или Комисијата, или, пак, ЕУ-делегацијата кај нас) – вели Кржаловски.
Тој потсетува дека односот на Европа околу фашизмот и немањето реакции од Брисел се отсликува и преку други примери што се случуваат на европско тло, а токму на Денот на победата над фашизмот ја загатнуваат дилемата дали фашизмот навистина е победен.
– Слично, нема особена реакција и во однос на ситуација во Украина во однос, на пример, на „тамошниот Ванчо Михајлов – Степан Бандера“, а пропо руските наводи за „денацификација“ како оправдување на воената интервенција (колку и да се апсурдни тие наводи), туку изјавите главно се задржуваат на еврејското потекло на претседателот Зеленски – појаснува Кржаловски.
Според него, Македонија не треба да очекува поддршка од ЕУ и некаква осуда кон Бугарија околу промовирањето фашистички соработници во земјава, иако тоа ќе беше добар гест од Брисел.
– Во таа смисла, не треба да очекуваме поддршка од ЕУ за нешто такво конкретно, иако, секако, ќе беше добро да се чуе и некој официјален став по тоа прашање. Внимателноста е и од причина што токму разликите околу толкувањето на историските настани и личности се еден од главните елементи на спорот меѓу Македонија и Бугарија. Конечно, прашање е какво е мислењето на ЕУ за Ванчо Михајлов, со оглед на тоа што тој долги години по Втората светска војна живееше, дочека длабока старост и почина во Рим, токму во Европската Унија, без никакви последици од неговото евентуално учество во операциите на нацистите во Македонија или каде и да е во текот на војната – заклучува Кржаловски.
Деветти мај – Денот на победата над фашизмот
Светот денеска го одбележува Денот на победата над фашизмот. На 9 мај 1945 година, со потпишувањето безусловна капитулација на нацистичка Германија, официјално беше ставен крај на Втората светска војна, во која учествуваа 61 земја, со вкупно 2,1 милијарди жители, или 96 отсто од светското население, и која однесе повеќе од 50 милиони животи.
Безусловната капитулација на Третиот рајх е потпишана во разурнатиот Берлин, само неколку минути по полноќ, на 9 мај. Капитулацијата во име на Врховната германска команда ја потпишаа фелдмаршалот Вилхелм Кајтел, генералот Ханс Јирген Штумпф и адмиралот Ханс Георг фон Фридебург. Од страна на сојузниците, договорот го потпишаа рускиот маршал Георги Жуков и британскиот генерал Артур Тедер.
Од над 50-те милиони жртви, 20 милиони беа од тогашниот Советски Сојуз, а повеќе од 30 милиони беа цивили. Во нацистичките логори беа убиени околу 12,5 милиони луѓе, од нив шест милиони Евреи. Материјалната штета од Втората светска војна само во Европа беше проценета на околу 260 милијарди американски долари.
Македонија за време на Втората светска војна беше на страната на антифашистичката коалиција. Во борбите против фашистичките окупатори, според процените на историчарите, во Македонија загинале 33.000 луѓе, вклучувајќи и над 7.000 македонски Евреи, кои беа депортирани во концентрациониот логор Треблинка.