Евроамбасадорот се обрати пред Националниот совет за евроинтеграции во Собранието
За Македонија, фокусот во 2023 година мора да биде на реформи. Реформи што пред сѐ и над сѐ ќе бидат по барање на граѓаните и на нивните интереси. Патот напред, темпото на тие реформи и напредокот кон ЕУ сега зависат од вас, порача евроамбасадорот Дејвид Гир, обраќајќи се пред Националниот совет за евроинтеграции во Собранието, на кој шведската амбасадорка во земјава Ами Ларсон Јаин ги претстави приоритетите на претседавањето на нејзината држава со Советот на ЕУ.
Според зборовите на Гир, 2023 година ќе биде решавачка за ЕУ, за Западен Балкан и за Македонија.
– Од клучна и највисока важност е владеењето на правото. Ова беше особен фокус и загриженост од страна на граѓаните минатата година. ЕУ, земјите-членки и други држави партнери потрошија милиони во овој сектор, така што праведно е да се очекува да има и одредени резултати. Македонија има потреба од професионален и од независен правосуден сектор, вклучувајќи и обвинителство, луѓе што дејствуваат со интегритет, ослободени од политички притисок или финансиски поттик. Главен приоритет треба да биде и борбата против организираниот криминал и корупција. Таа борба треба да има дополнителна енергија, бидејќи ЕУ одблиску ќе го следи развојот на настаните во овој дел – во делот темелници од првиот до последниот дел од преговарачкиот процес. Владата секако го води тој процес, но и Парламентот е во срцевината – порача Гир.
Евроамбасадорот уште еднаш повтори дека патот кон членството во ЕУ нема да биде лесен и дека е потребна посветена работа.
Тој уште еднаш се осврна на стравувањата дека низ преговарачкиот процес со ЕУ постои опасност да се загрози македонскиот национален идентитет. С.Т.