Претседателот на Собранието Африм Гаши денеска изјави дека интерпелацијата за него не е политички издржана. Осврнувајќи се на неколкуте забелешки и медиумски написи за него во изминатиот период, но и тврдењата во самото барање за интерпелација, рече дека не направил никаква повреда на секуларноста, како и дека не побарал од никого да бидат прекршени меѓународните или домашните закони.
– Од никого никогаш не сум барал да прекрши закон – изјави Гаши на првиот брифинг со новинарите по преземањето на фукцијата претседател на Собранието, одговарајќи на новинарски прашања во врска со случајот со косовската претседателка Вјоса Османи и со неговото приватно патување со службени возила на свадба во Косово.
Гаши зборуваше и за уставните измени, за активностите на Собранието, но и за тоа дека коалицијата „Вреди“ треба да прерасне во една политичка партија.