Во изминатите дваесетина години, во ДУИ се навикнаа да ги модифицираат воспоставените демократски стандарди во свој интерес – секогаш да бидат дел од власта, наметнувајќи етнизација на изборниот процес и етнички клуч за институционалната „функционалност“ во Македонија. Сега на масата се силни аргументи за одговор на прашањето – дали ова е можност конечно да се стави крај на етнизацијата на изборниот процес и воопшто на сите процеси во државата? Ќе добие ли државата шанса конечно да почнат да се градат политички односи и влади врз основа на идеолошка и заедничка програмска платформа, која ќе овозможи стабилно функционирање на Владата наместо да се креира дуализам во државата и во институциите?
Почетокот на крајот на етнизацијата на изборните и воопшто на општествените процеси
Резултатите од неодамна одржаните парламентарни избори повторно ги подгреаја „аргументите“ на ДУИ дека нивното учество во новата влада (со 19 пратенички мандати во Собранието) треба да биде „неприкосновено“, актуализирајќи го за своја потреба принципот „победник со победник“. Иако самите веќе еднаш го погазија без никаква демократска логика и основа од нив воспоставениот „принцип“, сега од ДУИ најавуваат дека ако ги нема нив како коалициски партнер во Владата што треба да ја составува ВМРО-ДПМНЕ (според доминантно освоените гласови и 58 пратенички мандати на парламентарните избори), тоа би можело да води кон дестабилизација на државата и политичка криза.
Фактите од парламентарните избори, одржани на 8 мај во Македонија, се дека тоа беше еден изборен процес што заврши со еден победник, а тој победник ја составува Владата. Принципите и практиката на демократијата во светот го говорат тоа, но во изминатите дваесетина години, во ДУИ некако се навикнаа да ги моделираат воспоставените демократски стандарди единствено во свој интерес – секогаш да бидат дел од власта, наметнувајќи етнизација на изборниот процес и етнички клучеви на институционалната функционалност во Македонија. Убедливоста на резултатската победа на ВМРО-ДПМНЕ, од друга страна, исто така создава аргументи за прашањето – дали ова е можност конечно да се стави крај на етнизацијата на изборниот процес и воопшто на сите процеси во државата? Ќе добие ли државата шанса конечно да почнат да се градат политички односи и влади врз основа на идеолошка и заедничка програмска платформа што ќе овозможи стабилно функционирање на Владата наместо да се креира дуализам во земјата?
– Секако дека е време, а можеби веќе е и пречекорено времето да се прекине со етнизација на изборните процеси во Македонија. Етнизацијата, воопшто, на политичките процеси во државата нѐ доведе до овој степен на дисфункционалност на државниот систем и поделеност на општеството. Одамна требаше да се прекине таа практика на делба на власта и носење одлуки по етнички клуч, но не беше направено. Ова е последен момент да се прекине со таквата пракса и секое попуштање на уцени и закани од етнички карактер, при формирање на Владата би ги уништило сите шанси за градење на Македонија како демократска, современа, унитарна држава – вели универзитетскиот професор и филозоф Љубомир Цуцуловски.
Од дведецениското континуирано учество на ДУИ во владејачките структури во Македонија е познато дека во оваа партија не се воздржуваат да се повикаат на своето милитантно минато и да се заканат со „враќање на чизмите и оружјето“ доколку не бидат земени предвид за делба на извршната власт, како победници во својот етнички кампус. Сега, кога Македонија е членка на НАТО (Алијанса во која од ДУИ се „колнат“ дека најдоследно ги почитуваат принципите) ваквите закани за дестабилизација на државата со оружена агресија може сериозно да ја нарушат перцепцијата за нив кај Алијансата, како „клуч за стабилноста“ на државата и на регионот. Во сличен контекст на самоувереност дека на ДУИ секогаш му припаѓа учеството во власта, во предизборниот период оттаму ја истакнаа и иницијативата (од која веројатно и не се откажале) претседателот на државата да се избира во Собранието, како пореална опција за етнизација и на овој изборен процес, односно етнички Албанец да стане претседател на државата. Во интерес на таквата своја етничко-политичка амбиција, политичарите од ДУИ спроведоа и своевиден неофицијален бојкот на вториот круг на претседателските избори.
– Сѐ уште е рано да се каже во која насока ќе се одвиваат работите и односите во процесот на формирање на извршната власт по изборите. Меѓутоа она што со сигурност може да се каже по завршувањето на претседателските избори е дека веќе не постои никаква смисла, ниту теоретска, ниту практична, претседателот на државата да се избира во Собранието. Граѓаните на Македонија покажаа свесност и демократски капацитет непосредно да го употребат своето право на глас и да изберат претседател на државата. Со избирање на претседателот на државата во Собранието (како што имаше барања од албанските партии во предизборната кампања) работите би се усложниле, а ќе има и уназадување на демократијата во државата, враќајќи ја состојбата од непосредна во посредна демократија. И што е најважно, се покажа дека нема никаква потреба од менување на Уставот за да се избира претседател на државата во Собранието – вели филозофот Љубомир Цуцуловски.