Анализа на новинската агенција „Ројтерс“
Формалниот статус на државите што се надеваат на прием во Европската Унија (ЕУ), меѓу кои е и Македонија, е предмет на анализа на британската новинска агенција „Ројтерс“, која се осврнува на напредокот на десетте земји на патот за исполнување на неопходните критериуми, по повод објавениот извештај на Европската комисија за напредокот на кандидатите за членство во ЕУ. „Ројтерс“ притоа истакнува дека пристапните преговори може да траат една деценија или подолго. А при објаснувањето за статусот на Македонија и на Албанија се истакнува дека почнувањето преговори со ЕУ е закочено од страна на Бугарија. Во продолжение се списокот на земји што се надеваат дека еден ден ќе станат членки на ЕУ и нивниот формален статус.
Држави со кандидатски статус
Македонија (кандидат од 2005 година)
Земјата е на пат кон ЕУ од 2003 година и има Договор за стабилизација и асоцијација – индивидуално приспособена рамка за односите од 2004 година. Аплицираше за членство во ЕУ во март 2004 година. Стана земја кандидат во декември 2005 година и отвори преговори за членство во март 2022 година откако го смени името во Северна Македонија за да ги задоволи грчките барања. Но, преговорите допрва треба да започнат сериозно, поради приговорите од соседна Бугарија за историјата и јазикот.
Украина (од 2022 година)
Украина поднесе барање за членство во ЕУ неколку дена откако беше нападната од Русија во февруари 2022 година, а во јуни истата година ѝ беше доделен статус на кандидат. Во декември 2023 година лидерите на ЕУ одлучија да започнат пристапни преговори со Украина, а преговорите за членство беа отворени во јуни годинава.
Односите меѓу ЕУ и Украина датираат 30 години – ЕУ потпиша Договор за партнерство и соработка со Украина во 1994 година, кој стапи во сила во 1998 година. Во 2004 година Украина стана приоритетен партнер на ЕУ откако Портокаловата револуција против изборната измама и корупцијата сигнализираше дека е на пат кон интеграција во ЕУ.
Во 2014 година прорускиот претседател Виктор Јанукович одби да потпише договор за асоцијација и трговија со ЕУ, што ја поттикна популарната Мајданска револуција, по што следуваше руската анексија на Крим. Договорот за асоцијација и трговија со ЕУ стапи во сила во 2017 година.
Украина ја засили својата кандидатура за членство во ЕУ по избивањето на војната со Русија во февруари 2022 година.
Молдавија (од јуни 2022 година)
ЕУ има договор за асоцијација со Молдавија, вклучувајќи и длабока и сеопфатна зона за слободна трговија, од 2016 година. Земјата аплицираше за членство во ЕУ во март 2022 година. За напредок кон почетокот на пристапните преговори, Европската комисија побара од Молдавија да го реформира своето судство, сузбивање на митото и организираниот криминал, ослободување од олигарсите, реформирање на јавната администрација и финансии, вклучување на граѓанското општество и зајакнување на заштитата на човековите права. Лидерите на ЕУ одлучија да започнат пристапни преговори со Молдавија во декември 2023 година, а преговорите за членство започнаа во јуни годинава.
Турција (од 1999 година)
Додека беше официјално земја кандидат, Турција ги замрзна преговорите за пристап пред многу години, главно поради загриженоста за човековите права и државното управување. Влезот во ЕУ за Турција, земја со 85 милиони жители, во моментов не е дел од политичката дебата. Таа аплицираше за членство во ЕУ во април 1987 година и стана земја кандидат во декември 1999 година. Преговорите за членство беа отворени во октомври 2005 година.
Црна Гора (од 2010 година)
Малата јадранска земја аплицираше за членство во ЕУ во декември 2008 година. Преговорите за пристап започнаа во јуни 2012 година и оттогаш 33 од вкупно 35 поглавја – области во кои кандидатот треба да ги имитира законите на ЕУ – се отворени и три од тие се привремено завршени.
Србија (од 2010 година)
Најголемата нација од Западен Балкан беше идентификувана како потенцијален кандидат во 2003 година и има Договор за стабилизација и асоцијација со ЕУ од 2013 година.
Таа аплицираше за членство во ЕУ во декември 2008 година и стана земја кандидат во декември 2010 година.
Албанија (од јуни 2014 година)
Земјата од Западен Балкан беше идентификувана како потенцијален кандидат во 2003 година и аплицираше во април 2009 година за да стане членка на ЕУ. Албанија доби кандидатски статус во 2014 година.
Преговорите за пристап формално започнаа во јули 2022 година, откако Албанија ги исполни условите за промени во судството, борбата против корупцијата и организираниот криминал, разузнавачките служби и јавната администрација. Но нејзините разговори допрва треба да започнат сериозно, бидејќи ЕУ ја спои кандидатурата за членство на Албанија со онаа на Македонија, што всушност значи дека и двете се задржани од Бугарија.
Босна и Херцеговина (од декември 2022 година)
Босна и Херцеговина беше идентификувана како потенцијален кандидат во 2003 година и има Договор за стабилизација и асоцијација со ЕУ од 2015 година. Таа аплицираше за членство во ЕУ во февруари 2016 година.
За да ги започне пристапните преговори, Босна мора да спроведе 14 приоритети поставени од Комисијата во 2019 година, кои се фокусираат на демократијата и функционалноста на државата, владеењето на правото, основните права и реформите на јавната администрација.
Во декември 2023 година лидерите на ЕУ одлучија дека ќе ги отворат пристапните преговори со Босна и Херцеговина откако ќе се постигне потребниот степен на усогласеност со критериумите за членство, односно ќе го проверат тоа во март годинава.
Грузија (од декември 2023 година)
Грузија поднесе барање за членство во ЕУ во март 2022 година. Владите на ЕУ ѝ доделија на Грузија кандидатски статус во декември 2023 година. Од 2016 година ЕУ и Грузија имаат Договор за асоцијација што ја покрива трговијата.
Очекува кандидатски статус
Косово (аплицираше за членство во ЕУ во декември 2022 година):
Брисел ја одржува ЕУ-перспективата за Косово од 2005 година, дури и пред прогласувањето на независноста на земјата од Србија во 2008 година. Но не сите земји на ЕУ го признаваат Косово како независна држава. Од 2016 година ЕУ има Договор за стабилизација и асоцијација со Косово што служи како основа за пристапниот пат.