Филозоф и музичар меѓу македонските комити

Како приврзаник на левичарските и демократските идеи, властите му забраниле да учителствува во Бугарија. Набрзо потоа стапил во контакт со претставниците на Македонската револуционерна организација (МРО) и заминал во Македонија. Со посредство на организацијата бил назначен за професор во Битолската гимназија, а потоа станал и активен член на македонското револуционерно движење. Освен што предавал музика во Битолската гимназија, Цветков станал и домашен учител на децата на рускиот конзул во Битола А.А. Ростковски. Се зближил со рускиот конзул и нивното другарување го користел за врска меѓу Ростковски и Битолскиот окружен комитет на Македонската револуционерна организација)

Повод: 121 година од херојската смрт на војводата Парашкев Цветков

Денеска, 21 мај, се одбележуваат 121 година од херојската смрт на војводата Парашкев Цветков, човекот што во македонската историографија и македонската национална свест останува запаметен како револуционер за слободата на македонскиот народ и Македонија. Тој го користел револуционерниот псевдоним Пролетин, а одржувал и добри односи со Александар Аркадјевич Ростковски, руски конзул во Битола. Бил еден од секретарите на Смилевскиот конгрес, кога била донесена одлуката за востание во Битолскиот револуционерен округ. Како предан борец на македонската револуционерна идеја загинува во борба со османлискиот аскер во битолското село Могила.

Кој е Парашкев Цветков

Роден е на 20 мај 1875 година во Плевен. Се школува во родното место, каде што учи до третиот клас, а потоа во Софија. Пред да продолжи со високото образование, до 1897 година работи како учител, потоа заминува во Прага, каде што учи филозофија, а подоцна оди во Дрезден, каде што завршува конзерваториум со одличен успех. По дипломирањето се враќа во родниот град Плевен, каде што работи како учител по музика во тамошната гимназија. Активно се вклучува во општествениот живот, диригира со хорот и жичениот оркестар, а го редактира и весникот „Нова струја“, весник што се одликува со антимонархистичка, левичарска и слободарска уредувачка политика.
Како приврзаник на левичарските и демократските идеи, бугарските власти му забраниле да учителствува. Набрзо потоа стапил во контакт со претставниците на Македонската револуционерна организација (МРО) и заминал во Македонија. Со посредство на организацијата бил назначен за професор во Битолската гимназија, а потоа станал и активен член на македонското револуционерно движење. Освен што предавал музика во Битолската гимназија, Цветков станал и домашен учител на децата на рускиот конзул во Битола А.А. Ростковски. Тој се зближил со рускиот конзул и нивното другарување го користел за врска меѓу Ростковски и Битолскиот окружен комитет на Македонската револуционерна организација.

Со дозвола на Даме Груев и Гоце Делчев, бил назначен за реонски војвода на МРО, а во својство на инструктор по воена обука раководел со организациските чети во Битолскиот револуционерен округ. Како делегат на битолскиот реон, Парашкев Цветков на почетокот на мај учествувал заедно со Ѓорѓи Сугарев и Никола Русински на Смилевскиот конгрес, каде што бил избран за еден од секретарите. По предлог на Борис Сарафов, за претседател бил избран Даме Груев, а за секретари биле посочени и прифатени Георги Поп Христов и Парашкев Цветков.

Извадок од весникот „Нова струја“

На конгресот била конечна одлуката за востание, како и конкретни решенија во таа насока, односно Битолскиот револуционерен округ бил поделен на десет востанички реони, а за секој реон бил избран востанички горски штаб. Парашкев Цветков бил назначен за член на Горското началство на смилевскиот реон. Во предвечерието на Илинденското востание, Парашкев Цветков раководел со една од револуционерните чети, во која биле дедо Андреј Петров и Димитар Филдишев од Охрид, секретар на четата. Четата заминала во Битолско за да се подготви за претстојното востание.
На 20 мај 1903 година четата од 20 луѓе, предводени од војводата Цветков, пристигнала во битолското село Могила. Четата била предадена и во утринските часови на 21 мај била опколена од 300 османлиски војници. По 36 часа борба, Парашкев Цветков бил тешко ранет и за да не биде заробен се самоубил. Покрај него, во борбата со турскиот аскер биле убиени дедо Андреј Петров, Димитар Филдишев, Кочо Песнаџиев и уште осуммина востаници, додека другите се спасиле. Османлиите загубиле 80 војници. Подоцна Ѓорѓи Сугарев го убива својот роднина Ристе од селото Секирани, за кого се сметало дека ја предал четата на Парашкев Цветков. Д.Ст.


Македонска народна песна за војводата Цветков

Парашкев Цветков, човекот што се жртвуваше за слободата на Македонија, никогаш не беше заборавен од македонскиот народ. Не случајно тој е опеан во една од најубавите патриотски песни, песни што и денес се пеат во битолскиот крај.
„Ај кажи, кажи, мајска природо. Кажи народе, денес што имаш долу во полето, село Могила. Таму се бие, Цветко војвода, со неговата верна дружина. Бие се бие и негова дружина и со него беше дедо Андреа. Бие се бие, со турска војска, во Могила Цветко мртов падна заради братство и за слобода, лежи спокоен, славен јунак, славен јунак Цветко војвода“.