На Бело Море има полно плажи каде што еднаш или повеќепати во годината доаѓаат граѓани од разни дестинации, од балканските простори, од Европа, ги има и од матичната земја, дојдени од помали градови што немаат допир и излез на море. Со почетокот на летото плева од раздвижени туристи, кои доаѓаат со авион, со воз или со сопствено возило, итаат кон ладовината од морињата и океаните, како малите желчиња, кои, кога тукушто излегуваат од топлиот песок се упатуваат кон студените бранови од океанот, свесни и управувани од инстинктот за опстојба, кој ги води во светот на водата каде што ќе го продолжат нивниот долг живот.
Бидејќи и ние луѓето сме дел од природата, исто во даден период од годината чопоративно се упатуваме кон водите на морето или океанот. Одиме во потрага по ладовина и дебела сенка со кои благодати, барем за кратко, ќе ги заборавиме грдите нешта од животот, се разбира тоа важи само за тие што можат да си го дозволат тој комодитет. Целта на сите овие современи номади, кои доаѓаат на топлите плажи, е да се одморат (или изморат) исто така посакуваат да видат нови простори, да воспостават средби со граѓани, личности, кои доаѓаат од други земја и различни географски предели.
Малото прибежиште во кое решив оваа година да ги зацврстам коските се наоѓа покрај Бело Море. Плажата е мала, но доволно голема да ги прими сите добронамерни и љубопитни туристи какви што сме сите во одреден период од годината.
Оваа година помалку се забележуваат дојденци од подалечните земји, нема туристи од Русија, нема од Украина, исто нема, или многу ретко можат да се видат, такви што решиле спокојот да го најдат покрај морето граѓани од Германија, Холандија, Унгарија или од Австрија! Порано имаше дојденци од Романија, Бугарија и од Украина и во тоа време и сега се прашував, зошто овие, кои имаат свое море, го имаат Црно, доаѓаат овде да одморат снаги покрај Бело Море. Но тоа е нивна работа и не треба да си дозволиме да се мешаме во внатрешните работи на современите номади.
Покрај тие земји што ги споменавме, на блажените плажи од Егејот, во пристоен број ги има од нашата земја, и можеме да заклучиме дека на овој ограничен рекреативен простор тие што владеат сме ние, дојдени од Скопје, Тетово, Битола, ги има и такви што изворот им е од помали гратчиња од нашата земја и тоа не треба да биде за замерка туку за пофалба што покрај морето се присутни наши граѓани што одлучиле од тегобите или неспокојот да се ослободат и мачнината да ја растурат покрај водите од морето.
Во вакви хармонични туристички услови, контактите меѓу едни и други не одат толку лесно. Првите разменети зборови со кого било од присутните дојденци во морскиот „сарај“ се прават спонтано, ненаметливо, со мерка. На пример, ако едниот дојденец каже, добар ден, другиот треба да се надоврзе со, денес е добар, ама утре да биде подобар. И тоа е сосема доволно за пречката да биде разбиена, по што би требало тој вториот, со име Мице, кој доаѓа од Куманово, кога ќе влезе во својата туристичка соба, на сопругата, со име Мира, да ѝ соопшти дека скршил муабет од неколку збора со тој од Битола, со име Трајче, со што туристичкото познанство се проширува.
На тоа госпоѓа Мира ќе додаде, тој Трајче утре ќе ги собере тие од Тетово, со имиња Шабан и Цветко, тие од Тетово ќе ги поканат оние од Скопје, со име, Рада и Васил, со што ќе се добие комплетно друштво за убав разговор, дури може да стокмите и еден европски бриџ, без присуство на поубавиот пол.
Таа Мира, сопругата на Мице, како да е видовита, сѐ што кажа така и се случи. Наредниот ден, тој Трајче ги повика тие од Тетово, со имиња Шабан и Цветко, од Тетово веста стаса до Скопје, кај тие со имиња Рада и Васил и како договорени седиштата на плажата ги поставија едни до други, со што се случи некаков непишан номадски сојуз или договор на плажа, во кое прибежиште, како што пред малку споменавме, нашите граѓани се влијателни, да не кажам дека се доминантни. Така блиски еден до друг се чинеше како државата да се преселила овде на една од плажите од Бело Море.
Првиот потег беше влегување во море, кратко капење во плитко, и по брцкањето во водата и играње со брановите следуваше оптегнување на лежалките и сончање, се разбира претходно добро намачкани со кремови за сончање, за не дај боже некој да изгори како црвено ракче. Музиката што излегуваше од морските бранови ја чинеше туристичката атмосфера божествена.
Како знак на добрососедство меѓу разните фамилии дојдени од разни страни од нашата земја и сместени во купче овде на убавата и топла песок на Бело Море, по предлог на Васил, неговата сопруга Рада направи кафе за сите наши присутни во купче. Кафето на Рада создаде дополнителна пријателска атмосфера, со што се отвори простор за почеток на содржаен разговор.
Пиејќи го кафето, Цветко прв изусти паметен збор велејќи: Ние тука уживаме, но не знаеме што се случува во земјава. Дали таму работите ќе почнат да одат на подобро или, пак, ќе биде по старо, јас само прашувам?
На размислувањата на Цветко се надоврза Васил. Не може само кај нас да се случуваат лоши работи, во последните години, кај нас се истури сѐ што можеше да се истури, нѐ паплосаа само лоши работи, кои и сега не можеме да ги решиме и да се ослободиме од нив. Од невработеноста, од немаштијата, од напуштање на земјава, не мислам напуштање како нас туристички, туку бегање надвор од земјава за навек. Ќе се согласите дека тоа не чини. Ти Шабан што и како мислиш, заклучи Васил?
Видете, работите не се толку едноставни, ни текна да направиме држава и одма сакаме да биде успешна, просперитетна, демократска и уште не знам што! Тоа не оди така. Видите што се случува во големите земји од Европа, Германија, Франција, Италија, таму, пријатели мои, победуваат екстремните партии. Ние сакаме да влеземе во ЕУ до 2030 година, некои од тие земји велат кога со 27 не можеме да функционираме, како ќе успееме со 35? Тоа значи дека влегувањето наше во ЕУ е ставено во фиока до некое време, ако по некој случај не дојде некој и го извади од таму, рече Шабан.
Разговорот одма доби во топлина, на што Трајче прискокна. Вие пријатели ми изгледате како да сте биле во редовите на партиите што до вчера беа на власт. Сѐ нешто не ви чини, проблеми домашни, нетрпение надворешно, а сакате уште да бидете на власт! За корупцијата што ја правевте сакате сега да се заборави, како да не било ништо, како да не се случило. Тоа не може така. Секој што згрешил треба да одговара, тоа ни го велат и тие однадвор.
Цветко, помалку нервозен, го зема мобилниот од торбата за плажа, завртува нешто на мобилниот и крекнува. Ти пријателе Трајче сакаш да ми кажеш дека секој оној што грешел треба и да одговара. И јас сум за тоа, ама вие треба први да одговарате. Можеш да ми кажеш колку сте украле кога сте биле на власт? Вашите деца во странство ги испративте да студираат, се уфрли Шабан. Ама тоа се само оговарања, скокна Васил. Не знам зошто кога лажете и едните и другите не лажете со мера, извика Цветко. Васил, што, јас немам мера? Шабан, ако не ти, кој, јас? Васил, сите претерувате! Трајче, ха,ха, ха сите само ти не!?
Разговорот не можеа да го слушаат Мира и Рада, кои се вметнаа со нивните размислувања, па Мира рече: Море големи мажи, вистина е, кога владеете, и едните и другите, државата ја правите попара. На власт треба да дојдеме ние жените и ќе ја оправиме државата. Ти Рада што мислиш, праша Мира? И јас го мислам истото, зашепоти Рада. Разговорот стивна, а морето стана кротко и рамно како тепсија.