Илустрација: „Нова Македонија“

Проактивната кампања за објаснување на македонските аргументи почнува да ги дава првите резултати (2)

  • Повеќе извори од Европскиот парламент наведуваат дека „големо мнозинство од европските парламентарци е подготвено да поддржи документ со кој ќе се потврди посебноста на македонскиот идентитет и јазик како одговор на бугарското оспорување и негации“!
  • Она за што брифираат извори од Стразбур е дека „најновиот извештај за напредокот на Македонија кон ЕУ што треба да биде усвоен во јули ќе содржи признавање на македонскиот идентитет и јазик на четири места“. На тој начин, ова би било второ законодавно тело во Европа со таков документ по германскиот Бундестаг, кој донесе одлука за македонскиот јазик на 15 јуни 2023 година

Проактивноста што ја покажа македонскиот државен врв изминатиот период во објаснувањето на македонската позиција во врска со уставните измени и стравувањата дека тоа нема да биде последниот услов за земјава на нејзиниот евроинтегративен пат, очигледно даде плод и сега веќе и Европа работи на механизми за откочување на овој процес.
Неодамна за време на посетата на Скопје тоа го потврди и високата претставничка на ЕУ за безбедност и надворешна политика Каја Калас, која рече дека се разгледуваат некакви механизми за надминување на пречките.
Заменик-министерката во Министерството за европски прашања, Викторија Трајков, завчера истакна дека земјава им ги соопштила можните решенија и на претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, како и на Каја Калас, кои и самите оцениле дека понудените идеи имаат потенцијал.
– Досега тие беа децидни и тврди во нивните ставови, не отстапуваме и ние, така што можеби ќе се најдеме некаде на средина. Она што е важно за нас како влада е да инсистираме добрососедските односи и понатаму да се негуваат како што треба – вели Трајков.
Таа додаде дека ние не отстапуваме од она што веќе е изјавено од страна на премиерот Христијан Мицкоски и претседателката Гордана Силјановска-Давкова.
– Се радувам што госпоѓата Калас навистина внимателно нè сослуша во однос на тоа кои се нашите ставови и позиции. Имаме неколку сценарија што ги понудивме. Оставете малку време на времето. Мислам дека сме посветени на тоа да го решиме проблемот и да покажеме позитивен сигнал како добри соседи. Периодов ќе работиме на ова прашање посветено – рече Трајков, појаснувајќи дека разговорите се двонасочна улица и дека и другата страна треба да покаже иницијатива и да понуди решенија.
Од своја страна претседателката на државата, Гордана Силјановска-Давкова, истакна дека Македонија постојано продуцира решенија и нуди идеи за можни начини за излез од ќор-сокакот, кои ги претставува насекаде, притоа напомнувајќи дека дел од решението може да бидат и актите на некои европски институции како Европскиот парламент и Европскиот совет.

ЕП конечно подготвен да ја потврди посебноста на македонскиот идентитет

Извори од Европскиот парламент наведуваат дека големо мнозинство од европските парламентарци е подготвено да поддржи документ со кој ќе се потврди посебноста на македонскиот идентитет и јазик како одговор на бугарското оспорување и негации.
Она за што брифираат извори од Стразбур е дека најновиот извештај за напредокот на Македонија кон ЕУ што треба да биде усвоен во јули ќе содржи признавање на македонскиот идентитет и јазик на четири места. Ова ќе биде второто законодавно тело со таков документ во Европа по германскиот Бундестаг, кој донесе одлука за македонскиот јазик на 15 јуни 2023 година.
Токму Европскиот парламент е институцијата што ја спомена претседателката Силјановска-Давкова, како можен генератор на креативни решенија за надминување на бугарската блокада. Очигледно таканаречената креативна дипломатија и инсистирањето на решенија што нема да го загрозуваат македонското достоинство даваат резултати.
Извештајот за напредокот на Македонија ќе го поднесе европратеникот и известувач за земјава Томас Вајц, Австриец, чија земја веќе отворено се понуди да биде еден вид посредник во изнаоѓањето креативни решенија за одблокирање на македонските евроинтеграции и со која Македонија има исклучително блиски и пријателски односи. Тука треба да се бараат и причините за честите посети и лобирања од страна на македонските претставници токму во Австрија. Она што е особено важно за Македонија во овој извештај е отсуството на бугарските резерви во однос на македонскиот јазик, со што Европскиот парламент уште еднаш јасно потврдува дека Европа во 21 век не смее да дозволи загрозување на нечие суверено право за самоидентификација.
И претходно Европскиот парламент беше место каде што не поминуваа бугарските аргументи со кои се објаснуваше ветото за Македонија, па голем број европратеници бараа итно и безусловно започнување на преговорите со земјава. За мнозинството европратеници дискусиите и блокадите инспирирани од идентитетски, историски и јазични прашања се надвор од секаква логика.

Националните интереси се бранат со цврст став и достоинство

Дел од домашните аналитичари се согласни дека има силна дипломатска активност од страна на целиот државен врв да се најде решение за блокадата во евроинтеграциите, а тоа може да се забележи и од изјавите што доаѓаат од Европа.
– Кога како земја ќе покажеме цврст став и доследност, односно кога ќе инсистираме да преговараме според критериумите од Копенхаген, а не според билатерални критериуми, тогаш ЕУ нема аргументи да одговори поинаку освен да нѐ сослуша и да слушне од прва рака што предлагаме ние. Добро е што државниот врв покажа максимална проактивност и ги кажува македонските аргументи секаде без никаква задршка и страв дека можеби Бугарија ќе се навреди ако така зборуваме наоколу. Сега зборуваме отворено и тоа очигледно се цени. Точно е дека повторуваат дека треба да ги направиме уставните измени, но ги слушаат и пораките од Софија дека тоа нема да биде последен услов, па сега и ЕУ бара механизми и креативни решенија како да се минимизираат нашите стравувања. Германскиот Бундестаг пред две години изгласа резолуција со која искажа почит кон македонскиот идентитет, јазик, историја и култура. Сега истото го подготвува и Европскиот парламент во најновиот извештај. Не е исклучено и Европскиот совет да донесе некаков сличен документ и на тој начин да се дадат потребните гаранции што би го отвориле патот за уставните измени – велат аналитичарите.
Според нив, проактивноста во надворешната политика и изнесувањето сопствени ставови и идеи покажува дека тоа е најдобриот начин една земја да се избори за сопствените интереси.
– Ова само покажува дека ништо немаше да се случи и ако поранешните власти го одбиеја францускиот предлог. Напротив, требаше да се одбие лошиот предлог, а потоа да се постигне политички консензус и заеднички да се започне дипломатска офанзива со која ќе се објаснеше зошто за нас е неприфатлив францускиот предлог. За три-четири месеца, можеби и порано, ќе дојдеше нов предлог и веројатно сега ќе отворавме и ќе затворавме преговарачки поглавја наместо да ја трошиме енергијата на непотребни блокади наметнати токму поради претходната слепа послушност кон Брисел и сето она што доаѓаше од таму. Ние сме го одредиле членството во ЕУ како наша стратешка цел и ќе се движиме во тој правец, но под услови што важат за сите. Кога како држава ќе покажеме карактер, тогаш сите повеќе ќе нѐ ценат – заклучуваат аналитичарите.