Фото : МИА

Во пресрет на прославата на 120 години од Илинденското востание во Крушево и 79 години од Првото заседание на АСНОМ во 1944 година, кои претставуваат два носечки историски столба на македонската државност, „Нова Македонија“ им постави прашање на политичките субјекти во државата, како и на носителите на научната мисла, особено од областа на историјата: Какво е значењето на Илинден, од денешна перспектива, за современата македонска држава, за Македонците и за нашата европска перспектива?

Анкета: Во пресрет на Илинден

Социјалдемократски сојуз на Македонија

– СДСМ поднесе декларација до Собранието за најголемиот македонски државен празник Илинден. Декларацијата е предложена во пресрет на 120 години од Илинденското востание и создавањето на Крушевската Република и 79 години од Првото заседание на АСНОМ и формирањето на првата македонската држава, како настани што имаат големо значење за македонската историја и за борбата на македонскиот народ за слобода и сопствена држава.
Во неа ѝ се оддава почит на пожртвуваноста на борците за слобода и демократија, а идеалите на илинденците, македонските партизани и сите оние што се бореа за слободна и демократска Македонија и за рамноправност и соживот на сите нејзини граѓани, без разлика на нивната верска, етничка или идеолошка припадност, треба да служат како основна водилка за сегашните и идните генерации за слободна, демократска и просперитетна Република Северна Македонија.
Македонскиот народ, заедно со припадниците на другите народи што живеат во неа, и денес ја продолжува борбата за демократија и просперитет, воден од принципите на прогласите на Крушевската Република и декларацијата за основните права на граѓанинот на демократска Македонија усвоени на Првото заседание на АСНОМ, кои денес се преточени во преамбулата на Уставот на Северна Македонија, се наведува во декларацијата што наскоро ќе се најде пред пратениците.

ВМРО-ДПМНЕ

– Илинден е столбот на македонскиот непокор, столбот на македонскиот стремеж за слобода и посебност. Илинден не е само Илинденското востание во 1903 г., илинденските идеали се пресликани и на заседанието на АСНОМ, беа стремеж и за референдумот за независност.
Не случајно и Владата на Македонија е на адресата булевар Илинден.
На Илинден може да се гледа и како на корен на македонската историја и идентитетот на македонскиот народ. Токму затоа ниедна влада не смее толку лесно да се откажува или воопшто да седне на маса да преговара за Илинден. Но исто така Илинден не смее да биде каков било услов или да биде дел од услов за македонската европска иднина.
Актуелните состојби во кои без размислување влетаа ДУИ и СДС водат токму кон тоа, Македонија и македонскиот народ да бидат доведени во позиција да избираат меѓу Илинден или европска иднина. Тоа е недозволиво и е на рамниште на национално предавство.
Македонскиот народ бара иднина во европското семејство како достоинствен народ, посебен, со свои јазични културни и историски посебности, и еднаков со сите други народи во тоа семејство.
Секое негирање или обезличување на Илинден значи негирање и обезличување на македонскиот народ.
Тоа Македонија и народот го знаат, препознаваат, чувствуваат и токму затоа е овој недвосмислен отпор кон актуелните предизвици, уставни измени, бугарски диктати пред европската иднина.
Македонскиот народ заслужува европска иднина достоинствен и горд, како што е горд на Илинден!

Левица

– Втори август несомнено е најважниот државен празник на Република Македонија, но исто така и најважен датум од историјата на македонскиот народ. Со самото тоа што на овој датум се одбележуваат двете најсветли точки од политичката историја на македонскиот народ и неговата борба за слобода – Илинденското востание од 1903 година и Првото заседание на АСНОМ од 1944 година – самиот празник го прави непобитен доказ за континуитетот и непокорот во борбата на македонскиот народ за слобода и остварување на иманентната цел од историјата на еден народ – сопствена држава.
Иако Македонците низ историјата претрпеа голем број порази, идејата за слободна Македонија никогаш не згасна и токму со АСНОМ таа идеја стана реалност. Затоа АСНОМ, како резултат на многубројните претходни обиди за државност преку Крушевската Република, е темелот на македонката државност. Денес, кога живееме во полупротекторат и заробена држава, кога истите луѓе што го избришаа АСНОМ од Уставот и сите социјални придобивки, сега, лицемерно го „чествуваат“ и се поклонуваат на илинденските споменици на Мечкин Камен и Пелинце, ние од Левица велиме дека борбата не застанува тука. Потребен е Трет Илинден во борбата на македонскиот народ преку кој ќе се спастри Републиката и повторно ќе се воспостават асномските идеали на државата! Интеграцијата во ЕУ е само средство за подобрување на животот на македонскиот народ и зацврстување на македонската култура и идентитет како еднаква и признаена пред сите народи. Оттука, државноста на македонскиот народ, неговиот идентитет и култура во ниеден случај не може да бидат жртва за интеграцијата во која било меѓународна организација, вклучувајќи ја и ЕУ – ни изјави Димитар Апасиев, претседател на Левица.

Демократска партија на Србите во Македонија

– Промената на преамбулата на Уставот, во 2019 година, со бришење на одлуките на АСНОМ во неа, значеше промена на суштината на самото ткиво на македонската држава. Тогаш, со усвојувањето на Преспанскиот договор, кога беше променето името на државата Македонија, се направи и таа промена на преамбулата на Уставот, што денес се покажува дека има многу подалекосежни последици отколку само „мала техничка корекција“. Двата Илиндена, Крушевското востание од 1903 и АСНОМ од 1944 година, се срцевината и темелите на македонската држава и нивното редуцирање во наративот на преамбулата практично остави простор за други процеси, со кои се деградираат аргументите на македонската државотворност. И тогаш велев, а денес, за жал се повторуваат моите гледишта, дека кога се гласаше за Преспанскиот договор, не требаше да се чепка во преамбулата – ни изјави Иван Стоилковиќ, претседател на Демократската партија на Србите во Македонија.

Глас за Македонија

– Илинден е секако најважниот празник за Македонија како држава и за Македонците како државотворен народ. Првиот Илинден од 1903 година ја дава дефиницијата на македонскиот народ како државотворен, кој се бори за правото да има своја држава. Вториот Илинден, од 1944-та, кој заврши успешно со формирање македонска држава, Македонија во рамките на југословенската федерација, која е запишана во Обединетите нации, а наедно и македонскиот јазик. Илинден е идеја водилка на македонската државотворност и единствена одбранбена линија од нападите со кои сме соочени денес, како Македонци, со кои се оспоруваат македонскиот народ и неговата волја и право на самоопределување. Двете котви Илинден се двете котви на македонското современо национално постоење, одбрана од сите напади однадвор, преку обиди за фалсификување на македонската историја, на македонската борба за своја држава, одбрана на националниот идентитет. Илинден никој не може да им го оспори на Македонците, а силата на неговите аргументи е во рацете на Македонците, во нашиот степен на сплотеност. Ако самите не го релативизираме, никој не може да ни го оспори. Во тој контекст, лицемерна релативизација е кога политичарите положуваат цвеќе и се редат да се фотографираат на Илинден пред илинденските споменици, а потоа го бришат АСНОМ од Уставот или се бришат сведоштва од спомениците на антифашистичкото востание на Македонија, кое ја прави суштинската историска разлика со Бугарија. Живееме во неизвесност дали сите овие значења на Илинден ќе бидат избришани или релативизирани во историските учебници во македонското образование. Одговорноста е наша, на Македонците, да го чуваме Илинден. Секако дека можеме да се потпреме на државните темели што ни ги оставија двата Илиндена, пред предизвиците што ни се поставуваат за нашата европска иднина, ако самите сакаме да се потпреме на нив и да ги зачуваме – истакна лидерката Солза Грчева.

Демократски сојуз

– Несомнено, Илинден (двата Илиндена, од 1903 и 1944 година) е темел за изградба на современата македонска држава. Илинден и други празници и значајни личности и институции од историјата (како Гоце Делчев, Охридската Архиепископија…) значат континуитет во историскиот развој на македонскиот народ и треба да се негуваат, но и преку нив да се гради националната свест кај младите генерации, кои се иднината на Македонија, да се зачуваат корените на македонското постоење. Денес, наспроти одбележувањето 120 години од Илинденското востание од 1903 година, легитимно во јавноста се поставува прашањето дали нашата генерација (на)прави доволно за зачувување и негување на македонските корени. Процесите што започнаа по потпишувањето на Договорот за добрососедство со Бугарија, во кој се наведува дека имаме „заедничка историја“, не одат во прилог на очекувањата од современата македонска држава да се грижи за корените на македонскиот народ. Напротив, тој договор, преку мешаната историска комисија, сега се користи за оспорување на посебноста на македонскиот национален идентитет. Деградирањето на македонскиот идентитет од бугарска страна постојано ескалира, со злоупотреба на европските институции, преку повеќе декларации на бугарското собрание (најновата за некаков бугарски карактер на Илинденско-преображенско востание), но и додавање во Уставот на Бугарија дека Кирил и Методиј се бугарски просветители, кои му дале писменост на словенскиот свет… Ние во Македонија мораме поинтензивно и појасно да го декларираме и заштитиме она на што се потпира континуитетот на нашата македонска национална посебност. Соочени сме со ситуација во која отворено ни се кажува: Ако немате историја, немате иднина! Одбележувањето на Илинден и другите македонски национални празници и историски личности е важен императив за Македонија и Македонците – ни изјави Павле Трајанов, лидер на Демократскиот сојуз.

Наде Проева, историчарка

– Илинден 1903, Илинден 1944 – два најсветли датума од историјата на македонскиот народ. А за секој Македонец СВЕТИ датуми – и затоа нема потреба да се објаснува значењето на овие настани, освен за одродените Македонци, какви што, за жал, ги има во сегашнава власт како никогаш досега. Но прашање е дали одродените не го знаат значењето. Јас се сомневам и не верувам дека не го знаат, туку дека свесно играат по туѓи ноти за лична корист. Затоа ја окупираа државата. И мислат дека со изместување на местото на настанот – калето, коешто е симбол на туѓата власт против која се бореле Македонците во минатото, а сега симбол на окупираноста на македонската држава од светскиот џандар, мислат дека така ќе го одмакедончат народот, но, за среќа, тоа тешко им оди.
Со потценување на овие историски настани одродените Македонци и немакедонците по род се обидуваат овие светли датуми да ги избришат од сеќавањето на народот. Светогрдие е за значењето на Илинден да зборува политичар што кренал оружје против овој народ и оваа држава! Светогрдие е да зборува токму на местото што е симбол на македонскиот непокор и борба за слобода, на славниот Мечкин Камен – македонските Термопили, над коските на оние што го дале својот живот за оваа земја! И по третпат, со големи букви, СВЕТОГРДИЕ Е… Толку…