Осврт на неколку понови актуелни состојби за ЕУ и наши ставови, мислења и заблуди
Дали со тезите дека младите си заминуваат во ЕУ бидејќи таму има владеење на правото, социјална правда, владеење на демократија итн., високите носители на јавната власт прават вербален (политички) гаф и практично го признаваат сопствениот неуспех во раководењето со државата и нередот што ни се случува во речиси сите области, почнувајќи од случувањата со онкологија, аномалиите во образованието, колапсот во економијата, социјалата итн. Имено, бранејќи ја тезата за тридецениското стагнирање, а особено осврнувајќи се на прашањето за потребата за уставни измени и убедувајќи ја јавноста за тоа, тие ја поткрепуваат тезата со тоа дека „младите заминуваат од Македонија и одат во земјите од ЕУ бидејќи таму имало владеење на правото, демократија, економски просперитет итн.“
Но клучното прашање е што ги спречува нив или што досега ги спречувало и зошто не успеале, како владејачка структура, да овозможат и во Македонија да има владеење на правото, социјална правда, демократија и економски просперитет.
Патем, во врска со последноспоменатата теза, на мнозинството граѓани им е нејасно како уставните измени ќе донесат владеење на првото, демократија, социјална правда и економски просперитет, за младите да не заминуваат од државата?!
Нејасно е и како внесувањето на Бугарите во Уставот ќе создаде од Македонија економско чудо, ќе ги зголеми платите и пензиите, ќе ја намали инфлацијата, ќе ја искорени корупцијата итн.?!
По собраниската седница за уставни измени на 18 август, која се одложи на неодредено време поради немањето мнозинство гласови, претставниците на владејачките партии неодамна ја почнаа кампањата „Ние сме Европа“, со цел да се разубедат граѓаните и јавноста за потребата од уставни измени и придобивките што ќе следуваат потоа со евентуално идно членство во ЕУ. Така, бранејќи ја тезата за уставни измени гласноговорниците од власта порачуваат дека младите заминуваат од Македонија и одат во земјите од ЕУ бидејќи таму имало владеење на правото, демократија, економски просперитет итн.
– Сите членови на парламентот имаат обврска да го поддржат европското движење на државата затоа што младите заминуваат од државата во земји од ЕУ бидејќи таму има економски просперитет, владеење на правото, социјална правда и владеење на демократија. Тоа го сакаат нашите граѓани и тоа го сакаме и ние – изјави деновиве премиерот Ковачевски, по презентацијата на новата програма ИПАРД 3.
И министерот за надворешни работи Бујар Османи и вицепремиерот за евроинтеграции Бојан Маричиќ ги нагласуваат придобивките од интеграцијата во ЕУ, без да погледнат прво во сопствениот двор и да објаснат што ги спречува нив како владејачка структура да овозможат и во Македонија да има владеење на правото, социјална правда, демократија и економски просперитет.
– Европската Унија е и економски проект, велат економско чудо. Да ги задржиме нашите млади луѓе тука, да им ги отвориме овие можности дома, да го создадеме нашето економско чудо тука – порачува вицепремиерот Маричиќ.
Патем, за мнозинството граѓани нејасно е како уставните измени ќе донесат владеење на правото, демократија, социјална правда и економски просперитет, за младите да не заминуваат од државата. Нејасно е и како внесувањето на Бугарите во Уставот ќе создаде од Македонија економско чудо, ќе ги зголеми платите и пензиите, ќе ја намали инфлацијата, ќе ја искорени корупцијата итн. Дали со ваквите свои тези, дека младите заминуваат во ЕУ бидејќи таму има владеење на правото, социјална правда, владеење на демократија итн. и оваа владејачка гарнитура практично ги признава сопствениот неуспех во раководењето со државата и аномалиите што ни се случуваат во речиси сите области, почнувајќи од случувањата со онкологија, образованието, колапсот во економијата, социјалата итн.
Одговорност на домашните политичари и партии е да обезбедат просперитет и
благосостојба за своите граѓани, а не постојано да бараат алиби за својот неуспех
– Префрлајќи ја топката кон ЕУ, власта практично се самоматира и се идентификува како најголем и единствен виновник и за иселувањето на младите, за невладеење на правото, социјалната неправда, економската бесперспективност и сите други проблеми со кои се соочуваме. Одговорност на домашните политичари и партии е да обезбедат просперитет и благосостојба за своите граѓани, а не постојано да бараат алиби за својот неуспех. Со тоа практично власта отворено признава – зошто ние НЕ сме Европа, и одговорноста за тоа не може да се бара на друго место – тврдат аналитичарите.
Со ова практично е решена и „енигмата“ за масовното иселување на младите од државата. Тие не одат во Европа зашто таму има правда и демократија, туку затоа што тука во нивната татковина го нема тоа. А зошто го нема? Затоа што политиката одамна има замешано прсти во сите сфери во државата. Политизацијата на сѐ и сешто, лошата кадровска политика и неспособноста да се менаџира со институциите и со државата во интерес на граѓаните се канцерот што ја убива иднината на оваа држава. Тезите дека, наводно, ЕУ ќе ни ги реши проблемите се сосема погрешни и во најмала рака антиевропски. Кој ќе ве прими со толку многу коруптивни скандали колку што има Македонија, можеби и најмногу во цела Европа. Унијата има и премногу свои проблеми, за да се занимава со нашите, велат соговорниците.
Впрочем, самата Европска Унија уште одамна има зацртано стратегија дека нема да увезува сиромаштија и туѓи проблеми во сопствените редови.
Не е воопшто енигма кој е единствениот и најсигурен начин за евроинтеграција
Особено по приемот на Бугарија и Романија, Унијата ја увиде таа своја стратегиска грешка и сфати дека овие нови членки се само баласт и оптоварување за Унијата, бидејќи само земаат, а речиси ништо не придонесуваат за Унијата. Сега токму Бугарија ја држи во заложништво целата ЕУ, со своите антиевропски и асимилаторски политики кон Македонија.
За економистите нема сомнение дека доколку Македонија сака вистински да исчекори и да се приближи кон ЕУ мора првенствено да ги подобри своите економски перформанси и драстично да ги зголеми растот на економијата и растот на БДП. Тоа е единствениот и најсигурен начин за евроинтеграција, заедно со владеење на правото и борбата против корупцијата. Со силна домашна економија, секако, ќе се спречи и иселувањето на младите.
И претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески, вели дека во ЕУ се оди со јасна цел, со кадар и со пари, а не како што мислат од Владата, со уништен приватен сектор, партиски кадри и моментални партиски интереси.
Според најновите податоци на „Евростат“, Македонија е трета на листата најсиромашни земји, а посиромашни од нас се само жителите на Албанија и на Босна и Херцеговина. Македонија има БДП по жител што е 65 отсто под европскиот просек.
Колку за илустрација, бруто-домашниот производ (БДП) на шесте држави од Западен Балкан со нивните околу 17 милиони жители е помал дури и од оној на Словачка со 5,5 милиони жители. Со вакви економски перформанси, ниту Македонија ниту другите земји од Балканот не можат да се надеваат на членство во ЕУ на долги рокови, категорични се економистите.
Впрочем, илузиите дека ЕУ е подготвена да ги отвори вратите и пак да прогледа низ прсти уште одамна ги разбија и самите Европејци.
– Нашата цел е силни национални држави во рамките на подобрениот сојуз. Европа што ги штити луѓето и идентитетот, а исто така помага да се создаде богатство. Време е да ги отфрламе лажните претстави дека „добрите Европејци“ секогаш имаат потреба од сѐ повеќе и повеќе Европа во секое време и насекаде. Ова е лага. Ние ја сакаме Европа и затоа сакаме да започнеме вистинска дискусија за одговорноста што лежи со неа и со националните држави. Секоја земја мора да го признае владеењето на правото како основен услов за нејзино членство во Европската Унија. Сакам да кажам отворено: недемократските земји немаат место во ЕУ – порача уште пред неколку години Манфред Вебер, претседател на Европската народна партија.
Истата оваа порака и денес ја повторуваат редица врвни европски политичари и дипломати.
Како по ваквите јасни пораки, македонските политичари, кои патем отворено признаваат дека кај нас нема ниту демократија ниту владеење на правото, мислат да нѐ приближат до ЕУ, е крајно нејасно. Или можеби мислат дека уставните измени ќе ги покријат сите овие домашни слабости и скандали, во што веќе никој не верува.
На македонските граѓани, пак, им е доста од лажни и празни ветувања и сакаат подобар живот сега и веднаш. Никој нема да ни го донесе тоа однадвор, туку мора самите да се избориме. Дури тогаш, кога според растот на економијата, животниот стандард, растот на БДП, владеењето на правото ќе се приближиме до просекот на ЕУ, може да кажеме дека и Ние сме Европа. Сѐ дотогаш ЕУ за Македонија е сето она што ние го немаме.