Потврда дека се притиска за нов компромис неодамна стигна од високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, а на тоа се надоврза и Сузане Шуц, директорка за земјите од Западен Балкан при Министерството за надворешни работи на Германија, која откако претходно беше во Софија, дојде во Скопје да види какво е тукашното расположение за отстапки. Таа јасно стави до знаење дека ако земјава сака да преговара со ЕУ, тогаш „некои компромиси ќе бидат неопходни“, а тешкото прашање е „колку далеку да се оди со компромисот“
Евроемисарите oчекуваат модус за нови отстапки од македонска страна
Конфликтот во Украина и сè погласните меѓународни пораки за можно дестабилизирање на Балканот повторно го вратија Балканот во фокусот на Брисел. ЕУ сакајќи да ја смири безбедносната невралгичност што се појави во регионов, предизвикана од руско-украинскиот конфликт, испраќа сигнали и пораки до балканските земји дека не се откажала од нив и дека процесот на проширување ќе продолжи. Со тоа, Унијата се надева дека некако ќе ја смири тензичната атмосфера што сѐ повеќе се прелева од Украина. Во такви околности, во фокусот на Брисел се враќа и спорот меѓу Македонија и Бугарија, кој притиска земјава да направи нови компромиси и отстапки за да може да ги почне пристапните преговори…
Дали некој некого подготвува за нови компромиси?
И повторно сето тоа би можело да се скрши врз грбот на Македонија, над која се врши суптилен притисок и напипување на пулсот до каде е подготвена да оди со прифаќањето нови, компромиси бидејќи ЕУ засега се носи со впечатокот дека само на тој начин официјална Софија би можела да го откочи почетокот на преговорите.
Потврда дека се притиска за нов компромис неодамна стигна од високиот претставник за надворешна политика и безбедност на ЕУ, Жозеп Борел, а на тоа се надоврза и Сузане Шуц, директорка за земјите од Западен Балкан при Министерството за надворешни работи на Германија, која откако претходно беше во Софија, дојде во Скопје да види какво е тукашното расположение за некакви отстапки. Шуц јасно стави до знаење дека ако земјава сака да преговара со ЕУ, тогаш „некои компромиси ќе бидат неопходни“, а тешкото прашање е „колку далеку да се оди со компромисот“.
Ако се знае дека Бугарија не отстапува од декларацијата донесена во нивното Народно собрание во 2019 година, а во која јасно е наведено дека тие не прифаќаат македонски јазик и македонски идентитет, тогаш нема никаква дилема дека за нив компромисот треба да се бара во прифаќањето некакви модулации за толкувањето на идентитетот и јазикот, секако во нивна полза.
Од друга страна, за Македонија е целосно неприфатливо да прави какви било компромиси за идентитетот и јазикот, а овој свој став го запечати и со резолуција во македонското собрание, поддржана и изгласана од сите политички партии.
Сето ова наведува на заклучокот дека без оглед на повеќето пораки што стигнуваат од разни меѓународни емисари, земјава повеќе нема простор да прави никакви компромиси, а најмалку ако тие се однесуваат на идентитетот на македонскиот народ и неговиот јазик. Таков компромис дефинитивно ќе ја запечати судбината на македонската нација и држава.
Исцрпени сите можности за какви било компромиси
За Солза Грчева, политичка аналитичарка, нема никаква дилема дека Македонија ги исцрпела сите можности за какви било компромиси.
– Ние апсолутно немаме никаков простор за правење некакви компромиси и тие преговори со Бугарија се само обична лакрдија. Тоа е само купување време, особено сега, откако ЕУ изјави дека нејзин приоритет е безбедноста, а не проширувањето. Разговорите со Бугарија треба да ги прекинеме и да ги замрзнеме на неодредено време, особено поради тоа што нема за што да преговараме – вели Грчева.
Според неа, тоа што доаѓаат разни емисари во земјава и го напипуваат пулсот за можен нов компромис во преговорите со Бугарија не е ништо друго туку ново залажување на народот.
– Се инсистира да направиме некакви компромиси, но тоа не е ништо друго освен ново залажување. Ние одиме со очите ширум затворени. Доаѓаа емисари и кога го менувавме името, ветуваа дека ќе добиеме експресно датум за ЕУ, но не се случи тоа. Никој не им верува повеќе на тие луѓе. За жал, само го засилија евроскептицизмот кај населението – нагласува Грчева.
Таа додава дека војната во Украина покажала дека Европа и светот се редизајнираат и дека Македонија треба навреме да се позиционира за полесно да се справи со последиците од кризата што ќе го погоди европскиот континент, а не да се занимава со правење компромиси со Бугарија.
– Европа и светот се редизајнираат поради оваа војна во Украина. Треба малку да подзапреме во тој процес на правење компромиси за ништо. Наместо да се губи енергија за некакви компромиси, треба да се бараат решенија за кризата што ќе следува, да се бараат нови пазари за македонските производи, да се најде решение за снабдувањето со енергенти, да се адаптираме на новите ситуации и новите услови, едноставно да ги подготвиме државата и населението за да може подобро да се амортизира ударот на кризата. Од друга страна, ние и натаму се занимаваме со Бугарија. Навистина е дегутантно – посочува Грчева.
Дипломатот Драган Јањатов смета дека постојаното навестување на потребата за некаков компромис, всушност, значи дека компромисот со Бугарија веќе е направен.
– Се плашам дека компромисот е веќе направен, агендата е договорена, сега е прашање како сето тоа да се протне кај народот со помалку тензии и со помалку реакции. Затоа тоа се чува во строга тајност. Тие повикувања на нашите челници во Брисел секој трет ден не се бадијала. Мислам дека некоја формула е најдена, ама сега треба да го голтнеме тоа – вели Јањатов.
Според него, дали сега е погоден моментот за постигнување компромиси со оглед на војната во Украина и кризата што претстои или, пак, не е, тоа не го знае ниту самата ЕУ.
– Има потенцијални жаришта на Балканот што можат да ѝ донесат големи проблеми и на Европа, но и нам. Лично мислам дека македонската и бугарската страна нешто се договориле, работата е решена, единствено што немам никакви сомневања дека тој компромис повторно го направила само Македонија – категоричен е Јањатов.