Фото: Маја Јаневска-Илиева

Настапите на политичарите за застапеноста на етничката припадност пред објавувањето на официјалните податоци се паушални и се насочени за политички цели и со намера да се искомпромитираат официјалните податоци, кои ќе бидат објавени за еден месец, предупредуваат статистичарите

Во март почнува одбројувањето на рокот за објавување на резултатите од пописот на населението во Македонија, а некои од политичките партии и здруженија на граѓани со етнички предзнак веќе почнаа да прават ранг-листи за бројноста на етничките задници. Индикатори за искажана најголема загриженост во јавноста за тоа каква би била етничката карта во земјата се припадниците на албанските политички партии, кои и пред почетокот на пописот излегуваа со сопствени очекувања за бројноста на Албанците. Во најновата сезона на лицитирање, повторно се вклучи и претседателот на ДПА, Мендух Тачи, кој, повикувајќи се на негови извори, тврди дека најмногубројни во Македонија се Македонците, па следуваат Албанците, а на трето место ги стави Бугарите!? Ова е првпат некој од албанските политички партии, освен за албанското малцинство, дополнително да се изјасни за бројноста на бугарското малцинство во Македонија, што, само по себе, предизвика и многу прашања околу мотивите зошто се излегува со „неофицијални“ податоци од пописот. На овој начин, повторно се врати темата за ставање на тежиштето врз етничката димензија на правењето на пописот на населението, на што во повеќе случаи се огласуваа и политичари од Бугарија. Тоа се толкува и како притисок врз Државниот завод за статистика на Република Македонија, во пресрет на објавувањето на официјалните податоци.
Дончо Герасимовски, поранешен директор на Државниот завод за статистика, нагласува дека пописот не служи за етничко пребројување во една држава и додава дека и во сите други држави, пописот на населението треба да се сфати како статистичка операција што служи за планирање и за креирање на развојните политики во разни области.

– Настапите на политичарите за застапеноста на етничката припадност пред објавувањето на официјалните податоци се паушални и се насочени за политички цели и со намера да се искомпромитираат официјалните податоци, кои ќе бидат објавени за еден месец. Тоа на што треба да се посвети поголемо внимание, а што не се прави од политичарите, е каква ни е социообразовната и старосната структура на населението. Овој попис треба да го покаже кадровскиот потенцијал на Македонија и како тој е распореден во земјата. Ако е вистина дека постојат зголемен број напуштени села, како ние ќе го развиваме земјоделскиот сектор, за кој мислиме дека постои голем потенцијал за економски развој? Ако во руралните подрачја нема младо население, кое постојано се иселува, како ќе го унапредуваме земјоделскиот сектор! Или ако на последниот попис сме имале 200 доктори на науки, а сега се покаже дека имаме неколкукратно повеќе, ќе треба да видиме на што се должи оваа „продукција“ на научници, односно дали е тоа последица на лесната достапност до високообразовните институции и, на крајот, колку од тие доктори на науки се искористени во развојот на земјата. Сето тоа може да дава лажна слика за економските потенцијали на Македонија и потребни се сериозни анализи – појаснува Герасимовски.
Во лицитацијата со бројките за одредена етничка заедница, Герасимовски гледа политички мотиви од тие што ги пласираат, како и стравот од вистинските податоци за етничката припадност.

– Нас најмалку треба да нѐ загрижува етничката структура на населението во Македонија. Давањето предвремени процени за етничката застапеност е политичка игра и можеби се даваат во прилог на најавените уставни промени. Кога сме веќе околу бројноста на Бугарите во Македонија, нивниот број на последниот попис беше меѓу 1.500 и 1.600 лица. Не може сега на овој попис да има сто илјади! Поседувањето пасош на земја-членка на Европската Унија носи економски предности за тој што го поседува и тоа не треба да се поистоветува и со неговата национална припадност – нагласува Герасимовски.
Според Зоран Ивановски, професорот по економски науки, пописот на населението претставува основна статистичка операција од која се добиваат важни економски параметри врз кои секоја влада ги креира развојните политики на една земја.
– Не би сакал да навлегувам во политичките опсервации на поединци и партии. Би се задржал на економското значење од добивањето на официјалните податоци од последниот попис во Македонија. Овие податоци треба да дадат релевантни информации за креирањето на политиките на макро и микрониво на стопанските субјекти – вели Ивановски.
Досега како официјален податок е дека во земјава на пописот во 2021 година се попишале вкупно 1.832.696 граѓани, 873.255 живеалишта, 568.175 домаќинства и 534.503 згради. Во дијаспората се попишале 204.850 лица.


Симевски: Статистиката не се занимава со теории на заговор

Државниот завод за статистика до крајот на март ќе ги соопшти резултатите од пописот. Тие сѐ уште се предмет на обработка, изјави директорот Апостол Симевски, како одговор на најновите шпекулации за пописните резултати.
– Во однос на лицитациите, не можеме никого да спречиме „да игра весела математика“, од проста причина што сѐ уште траат обработките и податоците ќе бидат објавени во предвидениот рок. Пописот е статистичка операција и ние максимално се трудиме таква и да остане. За жал, во нашата држава на пописите на населението отсекогаш се гледало како на алатка за политички препукувања, на што ние не можеме да влијаеме. Единственото нешто што можеме да го направиме и максимално се трудиме за да го постигнеме тоа е да ги затвориме вратите за влез на политиката во институцијата и најпрофесионално да си ја вршиме статистичката дејност. Заводот стои зад податоците што ги произведува и објавува и зад секој податок има методологија и процедури како е произведен тој податок. Со теории на заговор не се занимаваме, бидејќи Државниот завод за статистика е професионална и независна статистичка институција, која работи според строго утврдени стандарди и процедури – изјави директорот Апостол Симевски.