Се продлабочи јазот на пазарните приходи, лавовскиот дел од фрагментацијата на пазарот им припадна на однапред поконкурентните. Историјата сведочи дека пазарните сили често директно ги поткопуваат автохтоните културни вредности, што како општествен феномен низ глобализацијата очигледно се препознава. Се истенчи, па дури и ја снемува идеолошката поделба на десни и леви политички ориентации, за сметка на отворената конфронтација меѓу два главни светски концепта: оној што е завртен кон нацијата и ги брани националниот интегритет и суверенитет и оној на т.н. мондијалисти, односно глобално ориентирани, чиј интерес е во полза на наднационалните структури и создавање заедници или унии во кои главен збор би имале поконкурентните и сега водечки држави, односно елити.
Како да се постават и насочат нашата нација и држава кон овој, пред нас, историски крстопат?

Тренд или пресвртница во еден историски процес: Климакс на глобализацијата?

Светот се соочува со колосални предизвици од своето постоење. Сето она што досега беше, повеќе или помалку, прифатено како принцип на функционирање, еродира токму пред нашите очи. Во исто време, сведоци сме на перипетија: со актуелните тектонски превирања во досегашниот светски поредок, гледаме некои најави за воспоставување едни нови односи?! Имено, факт е дека глобализмот досега покажа карактер на силен унилатеризам со тежиште кон моќните, и тоа на сите полиња: економија, финансии, бизнис, ресурси, геостратегија. Но факт е и контрареакцијата од страна на земјите и нациите во развој, како и на третиот свет. Растечкиот тренд на реакцијата на таквиот карактер на глобализмот за вестернизација е очигледен. Затоа што се продлабочи јазот на пазарните приходи, лавовскиот дел од фрагментацијата на пазарот им припадна на однапред поконкурентните. А историјата покажува дека пазарните сили често директно ги поткопуваат автохтоните културни вредности, што како општествен феномен и сега се препознава.
Понатаму, се истенчи, па дури и ја снемува идеолошката поделба на десни и леви политички ориентации, за сметка на отворената конфронтација меѓу двата главни светски концепта: оној што е завртен кон нацијата и ги брани националниот интегритет и суверенитетот и оној на т.н. мондијалисти, односно глобално ориентирани, чиј интерес е различен од гореспоменатиот, а се идентификува со бришење на нациите во полза на наднационалните структури и создавање заедници или унии во кои главен збор би имале поконкурентните и сега водечки држави, односно елити. Но влегувањето под тој чадор исто така значи отстапување на помалите земји на дел од својот интегритет. Во ваков концепт, малите земји би можеле на подолг рок да ги изгубат своите атрибути и белези, или едноставно да се претопат ако отстапат од она што значи сувереност и нација.

Во Европа, интересите на нациите  стануваат круцијални

Примерите од актуелните случувања на европско тло ја отсликуваат гореспоменатата перипетија на еден општествен процес. Овој пат, повеќе од очигледно е дека историското клатно на движењето на тие процеси полека како да ја менува насоката. Од растечки глобализам и мондијализам, се чувствуваат изблици на етноцентризам, враќање кон нацијата, или национализмот. Но не националисти во негативна конотација, туку на движење што сака да го зацврсти просперитетот на сопствената нација и се залага за поголема сувереност на своите држави.
Тоа неодамна го потврдија изборите во Италија, на кои победи партијата Италијански браќа на Џорџа Мелони и речиси е сигурно дека таа ќе биде првата жена премиер на Италија. Во Франција, Марин ле Пен, своевремено изразита ултрадесничарка, денес со поумерен пристап, сè повеќе се доближува до обичните француски гласачи, кои се уморни од празните ветувања на политичарите, а победата на шведските националисти на изборите во оваа скандинавска земја само потврдува дека и традиционално отворените и проевропски ориентирани Швеѓани почнуваат да се вртат кон себе и сопствените традиции.
Шкотска започнува нова процедура за референдум, преку кој сака да си ја поврати сувереноста од Обединетото Кралство, а слични тенденции има и во Каталонија и Баскија, провинции во рамките на Шпанија.
Во Унгарија, овој тренд на посветеност кон сопствената нација и суверенитет се негува повеќе години, а Полска, соочувајќи се со притисокот од Брисел да отстапи дел од суверенитетот при одлучувањето за внатрешни прашања, почна да го следи унгарскиот пример и сè повеќе го крева својот глас во насока на поголема независност во одлучувањето и заштитата на националните интереси.
Гласот го креваат и Германците, кои на неколку поголеми протести низ земјата отворено побараа од тамошните власти да се престане со политиките на отворени граници, бидејќи Германија се доведе во ситуација наместо таа да ги учи другите на германската традиција на работливост и дисциплина, мигрантите ѝ наметнуваат свои правила.
Наднационалниот концепт беше особено грубо треснат од земја за време на пандемијата на ковид-19, кога европските институции покажаа немоќ да се издигнат над овој светски предизвик и да го стават хуманизмот во прв план. Наместо тоа, Европа сведочеше на затворање на границите и оставање секој да си го решава проблемот како што знае и умее.
Кога се затвори првата граница кога почна ширењето на вирусот, се урна и концептот „Европа без граници“, исто онака кога пред некоја година со бодликави жици секој си ја чуваше сопствената граница од наплив на мигранти, не водејќи сметка дали тие ќе продолжат во соседната земја. Италија со месеци се жалеше во Брисел дека не ѝ се помага со мигрантите, Турција калкулираше со мигрантските бранови и ги користеше за пазарење со ЕУ, додека Грција чекаше Македонија да го спречи бранот кон Европа.
Сега истото сценарио се случува и со енергетската криза, па затоа голем број земји, поучени од пандемиското искуство, се потпираат исклучиво на сопствените сили, бидејќи знаат дека ако ситуацијата стане критична, ќе бидат оставени на цедило токму поради кабестите нефункционални институции управувани од бирократи за кои не постои национален интерес.
Одеднаш сите сакаат да си ги зачуваат својата историја, својот јазик, своите особености, економии, енергетики, сето она што ги прави различни од другите, а тоа резултира и со ваквите изборни резултати низ Европа.

Враќање кон традиционалните вредности за враќање на вербата кај луѓето

Овие примери најдобро покажуваат дека Европа решава да се движи по патот на враќање кон традиционалните вредности, како што се посебноста на нацијата и почитување на вистинските човечки доблести, па и кон универзалните вредности на секоја конфесија, а токму тоа се бара и од новите политичари што застануваат на чело на повеќето европски држави.
Несомнено, мондијалистите целосно ја загубија контролата и тоа предизвика драстичен пад на нивната популарност, а тоа се одрази и врз одзивот на секои нови избори низ Европа, бидејќи народот се почувствува изневерено од политичките елити, кои постојано нешто ветуваа, а никогаш не исполнија. Контроверзноста отиде дотаму што Данците повеќе почнаа да ѝ веруваат на вештачката интелигенција, отколку на самите политичари?!
Сето ова значеше допирање на дното и од тие причини граѓаните сега одново мораат да се навратат на она што им овозможило да опстојат, а тоа секогаш се традицијата и вербата. Низ нив се оформиле себеси како нации и нема причина зошто да ја загрозат нацијата за некакви неизвесни наднационални структури, кои во реалност не покажаа широкограѓанска, општоопштествена и сеопфатна функционалност.
Во овие тешки времиња, кога на европското и африканското тло беснеат војни и кога почнува да се споменува дури и употреба на нуклеарно оружје, кога светот е погоден од недостиг од храна, енергенти и висока инфлација, сплотеноста на секоја нација ќе биде клучна да се преживее. Тоа е во чиста спротивност со глобализмот (мондијализмот), кој подразбира делегирање на суверенитетот, односно тежиште на пошироки заедници или институции, каде што се губат идентитетот и суверенитетот, а профитираат само оние што се посилни политички, економски, енергетски, финансиски, воено, културно, геостратегиски и на секој друг можен план.

Пендаровски: Најдобриот судија – македонската јавност

Однесувањето на Македонија покажува дека сѐ уште ја тресе треска за наднационалниот сон, а не се стабилизирала на своите национални темели! Македонија сонува да биде интегрален дел на обединета Европа, па дури на своја штета прави децениски отстапки на име на својот национален и државен интегритет и автохтони белези! И понатаму дури сме подготвени на уште поголеми болни отстапки од својот културен идентитет, историски, јазичен итн., во замена за виртуелни членства во европски предворја и маргинални европски структури. Ние веќе денес сме сведоци на загрозување на македонскиот суверенитет и нација од надвор. Во 21 век соседна европска Бугарија ги негира македонскиот идентитет, јазик, историја, култура, а низ земјата со бугарски пари се отвораат наводни културни клубови, кои наместо за ширење култура, всушност се наменети за агитирање и странска пропаганда.
Затоа е исклучително важно и овдешните политички чинители, и од власта и од опозицијата, да се вратат кон градењето македонска нација и суверена држава врз темелите на АСНОМ, која ќе биде рамноправен партнер на меѓународната сцена и која ќе настапува исклучиво од позиција на задоволување на сопствените интереси и на интересите на нејзиниот народ. Едно е јасно, наднационалните структури нема да обезбедат подобар живот за македонските граѓани и во тоа веќе се уверија во неколку наврати. Доволно е да се види само однесувањето на Европската Унија, која дозволи шовинистички условувања и барања да станат дел од преговарачката рамка за пристапување во истата таа Унија. Ако се потсетиме и на принудата за промена на името на државата спротивно на волјата на македонскиот народ, како и на немоќта на Советот на Европа да ја натера Бугарија да ги спроведе пресудите на Европскиот суд за човекови права, тогаш е извесно дека земјава треба да учи од примерите на Италија, Шведска, Франција, САД, односно да ги стави сопствените интереси пред сè и над сè. Она што треба да го направи секој здраворазумен политичар во оваа земја е да инсистира како народ да бидеме третирани на иста основа со сите, наместо да се повлекуваме и да правиме отстапки на наша штета. Впрочем, врз традицијата и вредностите со кои се одликува македонскиот народ се изградени и некои од истите тие европски вредности што ги споменува Брисел. Ние како народ имаме сопствени вредности, историја, култура, традиција што сме ја негувале и зачувале со векови, така што сега по никоја цена не смее да се загрозува тоа и да се нанесуваат нови лузни врз овој напатен народ.

– За продолжување на преговорите ќе биде неопходен државен консензус за уставните измени и во тој потфат треба да влеземе плански и без брзање. Овој процес треба да се одвива онолку време колку што ќе биде потребно за да не отвораме нови рани во ткивото на македонската нација – порача неодамна и претседателот Стево Пендаровски во обраќањето на настанот „На европскиот пат: Нови реформи, нови можности!”.
Ова е директна потврда од страна на македонскиот претседател дека на патот кон наднационалните институции, македонската нација е таа чие ткиво било рането прифаќајќи ги наметнатите договори со Грција и со Бугарија.
Својот суверенитет земјата ќе го изгради така што ќе ги спроведе потребните реформи дома, а градејќи функционални домашни институции, ќе се трасира патот и за единство и сплотеност кај нацијата, која во иднина повеќе ќе ѝ верува на сопствената држава, отколку на некои наднационални заедници.


Од говорот на поранешниот претседател на САД,
Доналд Трамп, во ОН

Ако сакате слобода, гордејте се со својата земја, ако сакате демократија, држете се до вашиот суверенитет!

Како и мојата сакана земја, секоја нација претставена во оваа сала има негувана историја, култура и наследство што вреди да се брани и слави и што ни ги дава нашиот единствен потенцијал и сила.
Слободниот свет мора да ги прифати своите национални основи. Не смее да се дозволи некој да се обиде да ги избрише или замени нив.
Гледајќи наоколу и низ целата оваа голема, величествена планета, јасно се гледа вистината: Ако сакате слобода, гордејте се со својата земја. Ако сакате демократија, држете се до вашиот суверенитет. А ако сакаш мир, сакај ја својата нација. Мудрите лидери секогаш на прво место го ставаат доброто на сопствениот народ и сопствената земја.