Најновата засега само вербална агресија што ја испорача лидерот на ДУИ, Али Ахмети, е дека оваа влада „нема етнички легитимитет“ (?!),
наедно додавајќи, во еден дух на милитантен екстремизам, дека „тие ќе демонстрираат незадоволство и револт“. Перманентните закани не се новост од оваа групација, но трендот на закани од лидерот е во нагорна линија
Ќе му објасни ли некој на лидерот на ДУИ дека единствениот легитимитет што треба да го добие политичкиот субјект што формира влада е – граѓанскиот, кој се случи токму на изборите. Обидот за некаква парцијализација на легитимитетот со поткатегоријата „етнички“, што сака да го воспостави Али Ахмети, освен што досега не постоел како политичка теорија, никако не е својствен на вредностите на демократијата и Европската Унија, за кои и самиот Ахмети вели дека секогаш се залага и дека му се врвна цел и приоритет
Во постизборниот период во Македонија, па и сега, кога веќе е конституирана Владата и се екипираат институциите на системот, од претставниците на сега веќе опозициската ДУИ постојано се наоѓаат некакви „теоретски причини“ за „преиспитување и оспорување“ на легитимитетот на извршната власт, во која по 22 години не се партнери.
Најновата засега само вербална агресија во јавноста што стигна од лидерот на ДУИ, Али Ахмети, е дека оваа влада „нема етнички легитимитет“?! Од состанокот на Генералниот совет на ДУИ, одржан изминатиот викенд, Ахмети упати предупредувања дека „државата нема иднина ако не се почитуваат слободниот глас на народот и легитимноста“, а одлуките што ги носи лидерот на ВМРО-ДПМНЕ ги оцени како неправедни и дека не носат стабилност.
– Ние го оспоруваме и ќе демонстрираме наше незадоволство и револт, поврзано со нивната неправедна одлука во насока на непочитување на легитимитетот што е постигнат од страна на ДУИ и Европскиот фронт. Со сите политички партии со кои заедно настапивме и заедно победивме на овие избори. Оваа влада нема легитимитет, нема етнички легитимитет. Ние ќе ја направиме нашата работа за да објасниме пред јавноста, македонската и албанската јавност, дека оваа држава има иднина и перспектива само почитувајќи ги слободниот глас и легитимноста и дека ние сме победиле на овие избори – порачал Али Ахмети како претседател на ДУИ.
Легитимитетот потврден со демократскиот институт – парламентарни и претседателски избори
На последните парламентарни избори, одржани на 8 мај годинава, политичките субјекти што сега ја формираат Владата добија легитимитет од македонските граѓани со повеќе од 600.000 гласа, за партии и кандидати со различен етнички состав. Во актуелниот состав на Владата, сосема соодветно се рефлектираат тие изборни резултати, како политички, така и според запазување на соодветната етничка застапеност, на која инсистира и ја оспорува лидерот на ДУИ, Ахмети.
Всушност, во теоријата и практиката за формирање влади во демократскиот свет не постои категорија или критериум што треба да се испочитува како – етнички легитимитет. Владата во демократски општества е дел од извршната власт, чија основна задача е да биде во функција на граѓаните и на државата. Единствениот легитимитет што треба да го добие политичкиот субјект што формира влада е – граѓанскиот. Обидот за некаква парцијализација на легитимитетот со поткатегоријата „етнички“, што сака да го воспостави Али Ахмети, освен што досега не постоел како политичка теорија, никако не е својствен на вредностите на демократијата и Европската Унија, за кои и самиот Ахмети вели дека секогаш се залага и дека му се врвна цел и приоритет.
– Нема никаква основа Ахмети ниту кој било друг од Владата да бара етнички легитимитет. Кога би се работело за расистичка држава, би можело да се најде „логика“ за размислувања во таква насока. Меѓутоа, колку што ми е познато, и самиот Али Ахмети се залага за демократска држава, која перспективата ја гледа единствено во Европската Унија. А во Унијата никоја од државите не е уставно конципирана ниту по етнички, а уште помалку по расен, расистички принцип. Така што неговото залагање за воведување таков критериум за „етнички легитимитет“ за Владата е во директна колизија со неговите залагања за демократизација на Македонија и влез на земјата во ЕУ. Едноставно, Али Ахмети си противречи самиот себеси. Освен ако не станува збор само за мимикрија, со која се сака да се воведе апартхејд во Република Македонија, нешто на што укажував и пишувам уште од крајот на 90-тите години од минатиот век. Сега бараниот „етнички легитимитет“ многу личи на нова формулација за старите тенденции и аспирации во Македонија, од крајот на минатиот и почетокот на овој век – за федерализација и апартхејд – вели универзитетскиот професор и филозоф Љубомир Цуцуловски.
Политичкиот аналфабетизам ја создаде кованицата „етнички легитимитет“
И покрај тоа што веќе избраната влада на Република Македонија има легитимни претставници од сите етнички заедници, па и од албанскиот етникум, за што свое потврдно мислење даде и амбасадорката на САД, Ангела Агелер, која дополнително нагласи дека „не постои законска обврска ДУИ да стане член на новата извршна власт, а мандатарот самиот одлучува кого ќе го покани во Владата“, сепак, лидерот на оваа веќе опозициска партија Али Ахмети упатува своевидни закани, порачувајќи дека, наводно, „нелегитимната влада со еднонационален легитимитет ги загрозува етничката стабилност, мирот, безбедноста и иднината на земјата“!
Од друга страна, политичките аналитичари го потсетуваат Али Ахмети дека тој и неговата партија немаат реален легитимитет во Собранието да бараат преку законска процедура воведување на критериумот „етнички легитимитет“ за Владата.
– За кој „легитимитет“ зборува Али Амети, кога неговата партија во Собранието има само 7,5 отсто од пратениците. Тој за себе ги обезбеди пратеничката плата и имунитетот и сега кажува дека не е врзан за власта, туку за „легитимитетот“ – коментира политичкиот аналитичар и поранешен министер во една македонска влада Џевдет Хајредини.
Формите и облиците на „етничко сѐ и сешто“ – товар за развојот на Македонија
Постојната форма на „етничкиот легитимитет“ (нова фраза во политичкиот новоговор на Али Ахмети) – е (или беше) алатката балансер, која се покажа како своевиден товар и кочничар на институционалниот и економскиот напредок на Македонија, кој ги поткопува и деградира критериумите на мерит-системот. Инсистирањето и некритичкиот приоритет за критериумот „етничка застапеност“, според балансерот, во изминатите години како највидлив резултат, за кој се добиваат забелешки во извештаите на Европската комисија и други меѓународни организации, е – предимензионираната и нефункционална администрација, а има влијание и за перцепцијата за висока корупција.
Инсистирањето на балансерот т.е. етничката застапеност во сите институции повторно е актуализирано и од новите наименувања во безбедносно-разузнавачките служби во државата. Мотивот за тоа е етничката застапеност во нивните раководни служби. И таму задоволувањето некаков „етнички услов“ сепак не е соодветен мотив, уште помалку заснован на професионална процена, за потребата од реформа на овие служби.