Фото: Игор Бансколиев

Иако најавено како безбедносна мерка за контрола пред сѐ на илегалната миграција во ЕУ, воведувањето на ЕТИАС-дозволата за движење предизвика дополнителен скептицизам во Македонија, како и во другите земји од Западен Балкан, дека тоа е всушност конкретизирана манифестација на „спуштање на рампите“ за проширувањето на Европската Унија. Зошто? Накратко, според ЕТИАС, патниците задолжително ќе мора да поднесат потврда за својот идентитет, да испратат копија од патната исправа и да одговорат на низа прашања за причината за патување и прашања поврзани со нивниот имотен и семеен статус, кривично минато, престој во конфликтни држави и на други чувствителни теми. За аплицирање во ЕТИАС ќе се наплатува и такса од 7 евра, за сите патници на возраст од 18 до 70 години…

ВО 2023-ТА ЕУ СО РЕСТРИКТИВНИ МЕРКИ ВО ПРОЦЕСОТ НА СЛОБОДНО ПАТУВАЊЕ И БЕЗВИЗЕН РЕЖИМ

По 15 години од добивањето на кандидатскиот статус на Македонија, се чини дека најголемата реална придобивка за нејзините граѓани од целиот евроинтегративен процес остана безвизниот режим за патување во земјите на Европската Унија. Факт е дека интегративниот процес се претвори во контроверзна непринципиелност, притисок и уцена од страна на Унијата, а големи се изгледите дека во наредната година, од 1 ноември 2023 година, ќе се стопи и гореспоменатата придобивка, како и нашите надежи за членство.

Што опфаќа системот ЕТИАС, кој ЕУ планира да почне да го применува

Имено, ЕУ планира да воведе рестрикции и за поволноста што досега ја имаат земјите-кандидатки, пред сѐ од регионот на Западен Балкан. Се очекува за десет месеци отсега, Европската Унија да почне да го применува системот ЕТИАС. Овој систем, доколку биде комплетиран, секако ќе внесе рестриктивни мерки во режимот на протокот на патници за ЕУ и, аналогно на тоа, ќе претставува чекор назад за балканските земји и други држави од светот што сега имаат слободен, безвизен режим на патување до земјите-членки на ЕУ. ЕТИАС е кратенка за Европски систем за информации и овластувањa за патување. Станува збор за целосно електронски систем, кој овозможува и води евиденција за посетителите од земјите на кои не им е потребна виза за влез во шенген-зоната. На некој начин, тој личи на американскиот електронски систем за овластување за патување (ESTA), кој служи за слична цел.
Според ЕТИАС, патниците задолжително ќе мора да поднесат потврда за својот идентитет, да испратат копија од патната исправа и да одговорат на низа прашања за причината за патување и прашања поврзани со нивниот имотен и семеен статус, кривично минато, престој во конфликтни држави и на други чувствителни теми. За аплицирање во ЕТИАС ќе се наплатува и такса од 7 евра, за сите патници на возраст од 18 до 70 години. Пријавата треба да се испрати најдоцна 96 часа пред датумот за патувањето. За малолетниците и лицата постари од 70 години, пријавата е бесплатна. Добиеното одобрение од ЕТИАС ќе важи три години и во тој период бројот на патувања во земјите од ЕУ не е ограничен. Со ЕТИАС-дозвола, македонските државјани ќе можат да останат во ЕУ најмногу 90 дена во период од шест месеци. За разлика од сегашниот модел, каде што државјаните на Македонија и другите балкански држави, освен Косово, генерално слободно можат да ги поминат границите на членките на ЕУ, според моделот ЕТИАС ќе мора да чекаат одговор од земјата во која сакаат да патуваат, кој може да биде и негативен.

Брисел сѐ уште се соочува со силен притисок од државите што сакаат да ја избегнат оваа мерка

Во Брисел сè уште не се сигурни кога ќе биде ставен во функција овој систем, бидејќи Унијата се соочува со силен притисок од држави што сакаат да ја избегнат оваа мерка, вклучувајќи ја и Британија, која стравува дека и нејзините граѓани ќе бидат ставени на истата листа со Балканците. Оваа мерка е едно од ограничувањата што ги бараат земјите што се чувствуваат загрозено од големиот наплив на мигранти, како Холандија, за да се ограничи пристапот на балкански државјани до ЕУ. Системот ќе се однесува за граѓаните на повеќе од 60 држави што сега имаат слободен, безвизен режим на патување во ЕУ. ЕТИАС-дозволата ќе биде задолжителна за влез во следните земји: Австрија, Белгија, Бугарија, Хрватска, Кипар, Чешка, Данска, Естонија, Финска, Франција, Германија, Грција, Унгарија, Исланд, Италија, Летонија, Лихтенштајн, Литванија, Луксембург, Малта, Холандија, Норвешка, Полска, Португалија, Романија, Словачка, Словенија, Шпанија, Шведска и Швајцарија, како и за посета на европските микродржави со отворени граници: Монако (преку Франција), Сан Марино и Ватикан (преку Италија).

ЕТИАС се анализира и во Македонија за тоа какви пораки, но и какви последици би имал за македонските граѓани

Иако најавено како безбедносна мерка за контрола пред сѐ на илегалната миграција во ЕУ, воведувањето на ЕТИАС-дозволата за движење предизвика дополнителен скептицизам во Македонија, како и во другите земји од Западен Балкан, дека тоа е всушност конкретизирана манифестација на „спуштање на рампите“ за проширувањето на Европската Унија. Реакциите во Македонија од можноста за воведување на ЕТИАС-режимот за патување одат во прилог на зголемување на недовербата во јавноста спрема политиките на ЕУ, особено што од земјава се очекува да спроведе и уставни измени, како уште еден непринципиелен услов (надвор од критериумите за проширување) од Унијата за започнување на преговорите за полноправно членство. Пораката на воведувањето ЕТИАС-контрола, во Македонија се чита како зголемена контроверзност на политиките на ЕУ: додека од една страна бара нови отстапки од Македонија за да продолжи со евроинтеграциите, од друга страна „спушта рампи“ за слободно патување, што се препознава и како „спуштање рампи“ за проширувањето.
– Колку и да изгледа како рестрикција на слободата на движење, воведувањето на ЕТИАС-системот, сепак, сите други пораки што се испраќаат од Брисел потврдуваат дека проширувањето со земјите од Западен Балкан останува во фокус на интересот на ЕУ. Многу енергија се потроши од ЕУ во последнава година за да ја врати довербата на земјите од Западен Балкан, што конкретно се покажа и со помошта за справување со енергетската криза. Евентуалното воведување на ЕТИАС е поврзано со безбедносниот предизвик на ЕУ за да се намалат илегалните миграции, преку земјите-кандидати за членство, кои имаат безвизен режим, но тоа никако не значи откажување од политиката на проширување. Не може да се одрече дека постојат желби во одредени земји-членки на ЕУ со десничарски влади, кои се залагаат за затворање на границите на Унијата, но, сепак, не успеваат да го наметнат тоа како официјална политика. Македонија, односно нејзините евроинтеграции, нема да бидат жртва на оваа програма на ЕУ за контрола на движењето. Македонските граѓани можеби ќе имаат извесни административни компликации на почетокот кога би се вовел ЕТИАС-системот, но тоа не би требало да има поголемо влијание на нивната слобода на движење во ЕУ, ниту на евроинтегративниот процес на земјата – вели Марко Трошановски, претседател на институтот за демократија „Сосиетас цивилис“ од Скопје.


Земјите од Западен Балкан бараат одложување на одлуката

Заменик-претседателот на Владата задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ информира дека тој и министрите за европски прашања од Западен Балкан ќе бараат од Европската Унија одложување на одлуката за примена на Европскиот систем за патни информации и одобрување.
– Тоа не е враќање на визите, тоа е една процедура што бара регистрација и плаќање седум евра и важи за три години. Меѓутоа ние сметаме дека не треба да се воведе и можам да ви најавам дека веќе сме во комуникација со министрите за европски прашања од целиот регион, за да составиме едно заедничко писмо што ќе го испратиме до Европската комисија и државите-членки на ЕУ, со што ќе бараме одложување на таа одлука или изземање од таа одлука на државите што преговараат со ЕУ – наведе Маричиќ деновиве.
Вицепремиерот оцени дека е можно Европската комисија да го прифати тоа барање, бидејќи, како што нагласи тој, ЕУ е должна да внимава на овие работи и во таа смисла смета дека граѓаните имаат вистинско чувство дека тоа е непотребно.
– Западен Балкан направи многу за Европската Унија и мислам дека, во најмала рака, треба да се одложи оваа одлука. Ние, како Влада на С. Македонија, со сите влади во регионот ќе направиме сѐ да ја убедиме ЕУ да ја одложи оваа одлука – истакна Маричиќ.