Од ДИСфункционален во функционален правосуден систем! Тоа ќе биде главната задача на т.н. оценувачка мисија пратена специјално во Македонија од страна на европската влада, односно од Европската комисија (ЕК). Но реномирани правни експерти, пак, поставуваат суштинско прашање: дали укажувањата и помошта од оваа европска оценска мисија, но и други мерки на санкции од меѓународната заедница (на пример „црната листа“ на САД) се доволно силна и ефикасна алатка за враќање на кредибилитетот на македонското правосудство и колку тие можат ефикасно да дејствуваат на прекинување на влијанието на политиката врз независноста на судството?
Колкава е веројатноста „оценската мисија на Владата на ЕУ“ да го трансформира правосудниот систем од дисфункционален во функционален?
Европската комисија преку тимот правни експерти на оценувачката мисија, предводена од хрватскиот врховен судија Бранко Хрватин, која минатата недела два дена работеше во Скопје, го конкретизираше барањето на евроамбасадорот во Македонија, Дејвид Гир, за помош во реформите на македонското правосудство.
Европската комисија (ЕК) дури изрази сериозна загриженост за последните случувања во областа на владеењето на правото и борбата против корупцијата во Македонија, особено во однос на Судскиот совет, по јавните скандалозни случувања во ова највисоко тело во судството, превирањата што започнаа во април, годинава, со разрешувањето на претседателката Весна Дамева, изборот на новиот претседател и оставките на двајца од членовите. Овие случувања беа причина, холандската амбасада во земјава да ги стопира веќе доделените средства за поддршка на проекти токму со Судскиот совет.
Офанзивен настап на европската влада (на мисијата на Европската комисија)
– Советот треба да се залага за заштита на интегритетот и независноста на судиите и институциите и да биде заштитен од несоодветно влијание. Со оглед на најновите случувања поврзани со Судскиот совет, комисијата ќе испрати мисија за оценување на работата на Судскиот совет и неговата правна рамка, со цел дополнително да се зајакнат транспарентноста, независноста и кредибилитетот на Советот, вклучувајќи и на неговите членови – изјави портпаролката на ЕК, Ана Писонеро, во пресрет на почетокот на дводневната посета на шефот на мисијата, Бранко Хрватин на Скопје.
Од Делегацијата на ЕУ во Скопје велат дека процесот ќе се води во две фази, но се планираат итни мерки за да се вратат кредибилитетот и независноста на судското тело. По посетата на Македонија, тимот експерти до есен ќе го анализира дејствувањето на Судскиот совет, по што во земјава ќе пристигне поголема група експерти од повеќе европски држави, претежно поранешни членови на судски совети.
– Тим експерти од земјите-членки на ЕУ ќе ја испитаат институционалната рамка на Судскиот совет и ќе предложат краткорочни и среднорочни мерки, вклучувајќи законодавни и институционални мерки, со цел да се зајакнат независноста, непристрасноста и кредибилитетот на ова важно тело за управување со судството – ги најавуваат од ЕУ мерките што ќе ги преземат за враќање на кредибилитетот на македонското правосудство, преку реформи на правосудните институции.
Не само симптомите, туку да се излечи и тешката болест на правосудството
Сепак, реномирани правни експерти го поставуваат суштинскиот предизвик: дали укажувањата и помошта од оваа европска оценска мисија, но и други мерки на санкции од меѓународната заедница (на пример „црната листа“ на САД) се доволно ефикасен начин за враќање на кредибилитетот на македонското правосудство и колку тие можат ефикасно да дејствуваат на прекинувањето на влијанието на политиката врз независноста на судството?
– Овие правно-санкциони мисии од Европската Унија, но и од САД, практично покажуваат дека институциите на правосудниот систем не функционираат. Причината за оценската мисија од Европската комисија е особено загрижувачка, зашто се покажа дека работата на највисокиот судски орган, кој треба да ги избира и да ја контролира работата на судиите е доведена до степен на дисфункционалност. Со таква состојба во судството, ниту граѓаните, ниту економско-правни субјекти во државата, практично не можат да си ја обезбедат правдата. Сето тоа укажува на симптоми на растроена држава. Тие што се назначени да ги избираат и да ја контролираат работата на судиите, на оние што треба да ја спроведуваат правдата, покажуваат немоќ, незнаење и сервилност спрема политиката и политичарите. Оценувачките мисии од странство можат само да го детектираат проблемот, да направат забелешки и извештаи, но сепак враќањето на довербата во судството и ефикасноста и правдата што ја спроведуваат е домашна задача и предизвик на самите судии. Всушност, судиите самите се доведоа во таква состојба, да потклекнат на влијанието на политиката. Ако не се способни да ги поправат и надминат таквите слабости, тогаш ќе бидеме рангирани како слаба држава, т.е. држава со невладеење на правото – вели еден поранешен државен јавен обвинител.
Водејќи се од поранешни искуства на Македонија, поврзани со европски правни експерти, кои поставувале критериуми што треба да се исполнат за владеење на правото во државава, поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини луцидно и скептично ги оценува шансите за успех на оценската мисија на ЕК, предводена од хрватскиот правен експерт Бранко Хрватин.
– Нека не се занесува Бранко Хрватин дека, додека Али Амети е дел од власта, Ислам Абази и Џелал Бајрами ќе бидат независни и непристрасни обвинители. Тие што го заборавија Рајнхард Прибе, ќе го заборават и Бранко Хрватин – остро забележува поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.