Бележано ми е детството со лузна од насилен засек во коренот… Бележана ми е и мислата, која во мене ги раширила своите болни пламтења, што моите детски расцупкани стапала не го примија првиот бакнеж и благослов од родната ми земја. Место тоа, незаодена, како вржулец скриена во прегачот на Мајка, го минав коридорот на бегството. Насоне, и денес, како талкач кружам околу него, барајќи го изгубениот пат за назад. Ме буди силниот вресок на моето второ име – Бегалец! Како да сопре времето преповиено со тенок повој на заборавот – од запис столетен на родот мој, осамен, до ѕвездите извишен – а под нозете место земја, крвава трага на бел камен – бележана. Бележана сум и јас, во неа. Бележани се и моите осамени, мешани и напластени чувства, воплодени во невините душевни страдања спечалени во детството, кога – боледував по родината, пишував песни за неа нарекувајќи ја „љубена“, плачев со лицето скриено во скутот на Мајка што останав без неа… што сум осамена и во очите на другите неприфатена, што немам тетки, ни чичковци, вујковци… ни братучеди, а моите другарки имаат и одат кај нив на гости! Чукав со нозете врз душемето протестирајќи што кај нас никој не доаѓа…, поради што и јас немам кај кого да одам… Барав објаснување – зошто сме поинакви од другите и зошто се чувствувам во душата сиромашна, ограбена, несакана и туѓа во средината на која не припаѓав.
Мајка внимателно ме слушаше, ме галеше… и само еднаш ми рече: – „Бегалците никуј не и сака. Тие се д’лго… осамени… Треби да мини време за да се здуше со ендопите. Ти само расти покрај мене и еден ден сама ќе разбериш заш е така и – заш треби да си горда Егејка, со сила скорната од најславнио предел на единствената Маќедонија, од де се разгори жаришчето на Илинденското востание, де се борише и твојо дедо, Костускио војвода Никола Добролитски, кој со својта чета, по тридневна борба, тешко ранет и сардисан… се самоуби во 1906 година, и го остави твојо татко сирак… ешче незаоден. ’Илинденската епопеја‘ го записа – кај еден од најдобрите стратези од деновите на нашча гулема и славна борба за свобода на Маќедонија. Записа и тос: – Погребен е во ’Братската могила‘ во село Апоскеп – костурско, зајно со војводите – Митре Влао, обезглавенио војвода Лазар Поп Трајков и други. Тас могила беше одочестие на нас Маќедонците, све дур во 1948 година, не е рушие монархофашистите“.
Времето ги покри трагите на детските страдања и тие останаа во процепот што го направија во потсвеста, како дел од мојот бит. Станав зависник од нив, претворајќи ги во спомени… колку болни, повеќе убави. Тие и носталгијата, која болката за родниот крај ми ја преточи во убавина, се длабокиот здив, со кој Мајка ме дарува.
Тоа исто време, во мојата душа насели едно големо, скриено, дарувано духовно богатство од сеќавања. Тие живеат во мене. Тие ја смекнаа и со светлина ја обликуваа мојата срцевина. Плачам кога во слики ги оживувам:
– Кога како дете, враќајки се од училиште ќе ја затекнев Мајка на коленици среде празниот чардак, како со дланките чука врз извадената од глава и послана на душемето црна шамија и со тивок глас низ плач зборува: – „…Војната… војната… тас ламја ми зема све! И живите за кои немам абер де’се и ка’се…. и гробовите на милите, за кои се слуша да се израмнети со земата…“ – клекнував до неа и беспомошно плачејќи ѝ помагав да стане.
Си зборуваше Мајка сама со себе и кога работеше во дворот или седната на троножецот со машата ги прибираше гламните на распалениот оган под сачот и со дрвената марница го мешаше јадењето во големата тава, врз која џуркаа нејзините солзи…
Тогаш застанував крај неа и којзнае по кој пат, ја слушав: – „… Темен облак од изгорените к’шчи се креваше кам небето… И уљишчата горее… И људите трчее кај сврлавени зајно со добитоко кој рикаше разбеган по запаленото село. И јас беге по џадето со све тебе завиена на прегачо и стегната на грандите, а погулемите дечки трчее по мене и виќее: – Де ојме… Мајкооо!“
Се обидував со благо допирање по рамото да ја вратам Мајка од болното сеќавање, кое и јас го чувствував како забодена стрела во душата. Таа продолжуваше: – „А напалм бомбите шо на нас ни ѝ фрѓее Англичаните здружени со Грците, свирее узгора нас и кај разгорени гламни се качее на земата и е палее со све нас шо трчеме узгора неја. – Ах, тос куче Чорчил… Тос куче Чорчил, тој е подели Маќедонија… со све зема, со све народ, и не истера од родината за да ѝ успокои Грците, и намерно донесените Маџири од Мала Азија… кои ѝ приграбие нашчи имоти, викајќим да – тие се Македонци, а ние сме Вургари…“
Растејќи покрај Мајка, ја преземав нејзината болка за изгубената родина. Таа се всади во мене како скриено чувство на преобразена тага, која карактерно ме обликуваше и во растежот ме бодреше дека – кога ни е многу тешко во душата, која збива како да е поклопена со вжештен сач, рој од ненадејни, дотогаш ненасетени, но посакувани мисли, ни притекнуваат на помош, осветлувајќи ни го патот на самодовербата по кој треба да се продолжи… да се врви…, кој на моменти ни се присторил дека потонал некаде.
Тоа обновено сознание за моќта во себепроникнувањето како поддршка на рамнотежата во сопствениот живот е духовната сила што таела во нас, па бликнала на припомош како од некаде појавена светлина, за да ни го задржи рамништето на опстојбата – тоа да не се претвори во свлечилиште што ќе се сурви сосе нас. Тоа е и потврда дека – човекот може сѐ да поднесе, но и да ја надмине секоја и секаква непожелна ситуација во која се нашол, и секоја негова битка е однапред добиена, кога е проникната од неговиот бит и поткрепена од вербата во сопствената неуништлива сила, која се раѓа во него заедно со него, а се јавува од него кога му е најпотребна, за да го води додека чекори по врвицата на сопственото битисување.
Многу години подоцна, по смртта на Мајка, ја напишав песната „Елај ми на соно“ и во 1995 година ја објавив во стихозбирката „Кон небесата“, во издание на „Матица македонска“. Пишувана е на костурски дијалект, на кој зборуваше мојата Мајка. Ве почестувам со неколку нејзини стихови:
„Елај ми на соно, лико да ти го думба,
кај ти на мене, мала, на колена.
Елај ми на соно,
под везените цутови на прегачо ти да се скрија
и од мирисо вкаен во скуто, да ти впија.
Завиме па во прегачо – да не ми студи…
повиме со раците ти – да не плача
и љуљиме, љуљиме Мајко – да заспија,
со све тебе – кај малечко –
стегнато на грандите…
Така, така, цел ден, цела нош…
Сал не ми пеј жални песни – тажаљки,
Сал не ренди узгора мене – жива на скуто…
Ме попари… ме изгоре…!
Од исушените корени на мојто детство,
денес, Мајко,
мразни мисли по жилите ми лазе“.
М-р Јагнула Паскал Куновска