Фото: Маја Јаневска-Илиева

Главната одлика на суверенитетот на една држава е да воспостави еднакво владеење на правото и законите на целата своја територија. Со оглед на тоа што Слупчане не е единствен специфичен случај во Македонија, се чини дека со таквиот однос сериозно се тестираат капацитетите на државата да обезбеди на целата своја територија спроведување на своите законски регулативи, односно да ја одржува, гарантира и контролира целосната сувереност

Има ли Македонија на својата државна територија целосен суверенитет и територијален интегритет

Неколкумесечната ситуација со инциденти поврзани со снабдувањето со електрична енергија во кумановското село Слупчане, и покрај политичките изјави за „заложби за надминување на состојбите“, сѐ поочигледно ескалираат до состојба во која се препознаваат јасни елементи на загрозеност на суверенитетот и територијалниот интегритет на македонската држава. Блокадите на жителите на селото за екипите на „Електродистрибуција“, кршењето на трансформаторите, одбивањето да се плаќа потрошената електрична енергија сѐ повеќе личат на насилни методи против правниот систем и законите со кои се регулирани односите и меѓусебните обврски на граѓаните и државата.
Најновиот инцидент не е од „електродисртибутивен карактер“. Тој е многу покрупен. Тој дури и сосема конкретно го загрози територијалниот интегритет на државата. Имено, покрај тоа што оставиле во мрак шест соседни села, манипулациите во електричната мрежа од жители на Слупчане предизвикале дефект поради кој без струја останал и граничниот премин Табановце на македонско-српската граница! Информацијата ја потврди ЕВН, од каде што додаваат дека снабдувањето со електрична енергија на граничниот премин сепак е обновено, што не го менува фактот дека била загрозена функционалната инфраструктурна безбедност на македонската граница
Во меѓувреме, месната заедница од селото се обрати до ЕВН со барање да им се простат сите досегашни долгови, од по неколку илјади евра по домаќинство, во иднина да не им се фактурираат сметки над 3.000 денари, без разлика колку ќе потрошат, а верските објекти да бидат ослободени од плаќање струја, но и уште низа други барања. Со ваквите испорачани барања, слупчанци практично испорачуваат барање со одлики на класична екстериторијалност!

Високонапонско искушение за владеење на правото на целата државна територија

Неплаќањето на потрошената електрична енергија во одредени населени места во Македонија, главно со жители што декларираат албанска етничка припадност, е „јавна тајна“ со години (а можеби и децении), кое државните институции, а и електродистрибутивната компанија, се обидуваа да го „санираат“ со премолчување и палијативни решенија. Но ескалацијата на овој хроничен проблем, со поставување физички блокади во селото (што личи на политичко насилство и повик за уривање на уставниот поредок) и манифестација на прекршување на базичните закони на државата, сериозно наведува на загрозеност на државниот суверенитет. Главната одлика на суверенитетот на една држава е да воспостави еднакво владеење на правото и законите на целата своја територија. Со оглед на тоа што Слупчане не е единствен специфичен случај во однос на спроведувањето на законската обврска за плаќање на потрошената електрична енергија, се чини дека со таквиот однос сериозно се тестираат капацитетите на државата да обезбеди на целата своја територија спроведување на своите законски регулативи, односно да ја одржува, гарантира и контролира целосната сувереност.
Освен тоа, барањата за одредени привилегии за повеќе населени места на одредена територија, во однос на (не)плаќањето на потрошената електрична енергија, како и инцидентот со исклучувањето на снабдувањето со струја на официјалниот граничен премин на државата, алармантно наведуваат на закана за територијалниот интегритет и безбедноста на државата.

Индикативно временско совпаѓање на „струјниот удар“ на суверенитетот и
„предизвикот“ на уставните измени

Одредени безбедносни аналитичари и познавачи на политичките состојби и процеси во Македонија укажуваат на индикативно временско совпаѓање на инцидентите со електричното снабдување во одредени села со процесите на уставните измени, на кои државата практично е принудена за своите евроинтеграции. Активирањето на случајот „Слупчане“ се случува во период кога предлогот за уставните измени влезе во собраниска процедура. Овие инциденти, од безбедносните експерти се проценети како манифестација на безбедносна закана од одредени структури, во смисла на создавање криза на суверенитетот и територијалниот интегритет на државата, доколку не биде докрај позитивно завршен процесот на уставните измени. Своевидно „предупредување“ за дестабилизација на Македонија доколку не се спроведе тоа што се бара како услов за продолжување на евроинтеграциите.
Но, од друга страна, многумина заклучуваат дека ваквиот деструктивен однос спрема законите и правната држава, кој се чини дека им е дозволен на одредени етничко-партиски структури, се должи на уставните измени спроведени во 2001 година, што на некој начин е показна вежба за нова загрозеност на државниот суверенитет и интегритет доколку се случат уставните измени што се бараат сега како „европски услов“ за допишување во преамбулата на нови „делови од народ“.
Спроведувањето на стратегиските цели, дефинирани речиси од воспоставувањето на независноста на Македонија, како интеграција во ЕУ и во НАТО, секако дека е и понатаму актуелно, но тоа не се постигнува со деградирање на државниот и националниот суверенитет и територијален интегритет.


Билјана Ванковска: Државата ја карактеризираат поредок и закон, контрола врз територијата и монопол на заштита на државните и јавните објекти и служби

Универзитетската професорка на мировните студии Билјана Ванковска прави анализа на поврзаноста на инцидентите во селото Слупчане со спроведувањето на главните карактеристики на државата.
– Додека тие (академската фела) мудруваат и објавуваат книги, се случува Слупчане (само како парадигма за трендов, не како посебно значајно место/село). Нападот врз екипите на ЕВН и оштетувањето на електричната инфраструктура, според премиерот, биле проблем на приватна компанија – што ме потсети на еден министер, кој е сега амбасадор, кога зборуваше за „роденденска забава“ и „надувани балони“ (додека не ни пукнаа в лице во 2001-та).
Лично сметам дека помодарскиот назив критична инфраструктура е прифатен од западната терминологија (нели, ние сме НАТО итн.). СФРЈ беше вистинска држава со децении и имаше систем за заштита на енергетската, патната, водоводната и другата инфраструктура, на државните институции, јавните служби и сл. Тогаш не беше замисливо тукутака да поминат исклучување струја на граничен премин, пожар во јавни институции, пошти, и грабежи на поштенски возила со пензии. Ако некому му текнеше таква работа, ќе завршеше таму каде што завршуваат и тие што денес прават такви работи во уредените држави.
Слупчане е пример и предизвик за сите експерти за заштита на критичка инфраструктура, ама никој не ги ни прашува. На одмор се. И новинари и експерти. За тоа време имате напад врз она што ја претставува државата како апарат на јавна власт што обезбедува услуги: електрична инфраструктура и државна граница! Реакција: преземаме мерки и активности! Им се случува нешто што не само што морале да го предвидат и превенираат туку и што им гореше (буквално) пред само неколку недели. Инаку, „аудито“ на соседот предизвика повеќе реакции и осуди отколку слупчанското востание.
Ние сме смешка од НАТО-држава – бидејќи не сме држава. Веберијанската држава ја карактеризираат поредок и закон, контрола врз територијата и МОНОПОЛ на заштита на државните и јавните објекти и служби. Тој ентитет што е неспособен да го гарантира ова, не е држава. Толку. Не помагаат тука теориски дефиниции и нови закони – и според сегашниот устав (извинете што го споменувам, ама морАлно е) и закон ова не смее да се случува. Вчера Арачиново, денес Слупчане, утре… погодете каде… – предупредува професорката Ванковска.


Не е првпат, а веројатно нема да биде ни последен

Во одредени општини од државата е забележлива и појавата на истакнување знамиња на други држави или, пак, занемарување на државното национално знаме за сметка на албанското знаме. Таквите провокации, за обележување на територијата, создаваат немир и фрустрација кај мнозинското население, бидејќи Македонија им дава највисоки права на сите малцински етнички заедници во државата. Но претходните примери, како неплаќање данок, кражби на струја, напади врз полицијата, се само показател на беззаконие и белези на екстериторијалност во одредени делови од државата, што е крајно недозволиво.
Во Македонија, која е членка на НАТО и кандидат за ЕУ, мора да се спроведуваат законите и да се почитуваат институциите. Секое поинакво однесување мора да биде превенирано, односно санкционирано.
(„Нова Македонија“, 18.4.2023 година: Арачиново со екстериторијалност во унитарна Македонија?!)