Состојбите и податоците за досегашната наплата на даноците (на имот), ставени во контекст на актуализацијата на даночните реформи, кои очигледно повторно ќе бидат на товар на оние што и досега ги исполнувале даночните обврски, ја доведуваат сериозно во прашање смислата на новиот даночен концепт

Наплатата на даноците е законска обврска и надлежните треба да ја спроведат неселективно

Најновото актуализирање на темата за даночни реформи, за кои, според министерот за финансии, Фатмир Бесими – консултациите и анализите се започнати уште во 2020 година, сериозно ги разбранува реакциите на македонските граѓани, но и на економските и финансиските експерти, кои главно сметаат дека периодот и начинот на кој се планира да се спроведуваат не се најсреќно избрано решение. Со првичната најава на даночните реформи, кои министерот за финансии ги претстави во своја колумна пред десетина дена, ќе бидат опфатени: данокот на добивка, на личен доход, ДДВ, ќе бидат воведени зелени даноци, потоа граѓаните и фирмите ќе треба да плаќаат данок на штедни влогови, ќе се оданочуваат капиталните добивки, се предвидува данок на реинвестирана добивка, оданочување на хонорарците…

Македонија собира помалку давачки во однос на регионот и во однос на ЕУ, а дома, Полошкиот Регион е „шампион“ за даночна евазија

Додека претставувањето на даночните реформи и јавната дебата за нив се спроведуваат во екот на годишните одмори, реакцијата на јавноста (сублимирана) за нив се идентификува со едноставниот заклучок: државата нема пари, зашто има неефикасен систем за наплата на јавните давачки. Второ, државата го динамизира задолжувањето: прво за да справи со коронавирусот, а потоа и со енергетската криза. Кредитите стануваат сѐ поскапи, па затоа сега ќе бараат пари, односно даноци од граѓаните и фирмите, што, според економистите, во услови на криза ќе значи „нов товар за оние што веќе плаќаат даноци“. А за оние што избегнуваат даноци, не станува збор…
Од друга страна, дури и самиот Бесими во својата колумна наведува дека во изминатите петнаесетина години, земјава постојано собирала помалку давачки и во однос на регионот и во однос на ЕУ, а со реформите, наводно, треба (повторно) да се намали и обесхрабри сивата економија во Македонија. Иако намерата за справување со сивата економија е сосема легитимна и постојано потребна, условниот рефлекс на јавноста при секое повторување на таквата идеја наведува на истражувања каква е досегашната наплата на даноците.
Последниот и сѐ уште важечки преглед на даночните биланси на локалните самоуправи покажа високи разлики во процентите на наплата на данокот на имот, гледано поединечно во осумте статистички региони во Македонија. Најголема просечна наплата има кај општините од Вардарскиот Регион, од 96 отсто, Источниот Регион е со наплата од 93 отсто, Североисточниот и Југозападниот Регион имаат 79 отсто наплата, Пелагонискиот 84 и Југоисточниот со 87 отсто. Најслаба наплата од само 57 отсто има во Полошкиот Регион, а по него, со послаба наплата е најголемиот регион – Скопскиот, од 74 отсто. Центар, Илинден, Аеродром и Кавадарци се општини со наплатени над 90 отсто од приходите по оваа основа. Охрид и Битола, кои важат за поголеми урбани центри, имаат релативно пониска наплата од 76, односно 73 отсто! На дното се Маврово и Ростуше со 27 отсто, Студеничани со 32 отсто и Арачиново нема никакви приходи од наплата на данок на имот!? Наплатата на данокот на имот во Општина Центар Жупа, во периодот од 2017 до 2019 година е под 36 отсто. Кога беше објавено истражувањето, во март, годинава, градоначалникот на Центар Жупа, Арјан Ибраими, негираше дека има ниска наплата на даночните приходи. Тој за медиумите изјави дека во 2018 година биле наплатени 62 отсто од приходот од данокот што се прибира од фирми и 63 отсто од граѓаните. Како причина за ниската наплата, тој ги споменува големиот број отселени даночни обврзници на работа во странство и неможноста да им се достават даночните решенија, посебно во годината кога се појави пандемијата на коронавирусот.

Недостига кампања за информирање на граѓаните дека треба да се плаќа данок?!

Во контекст на (не)успешноста на локалната самоуправа да ја спроведе наплатата на данокот на имот, „интересна“ е изјавата на градоначалникот на Гостивар, Арбен Таравари, кој во 2021 година, кога беше објавено дека наплатата на данокот во оваа општина е 40 отсто, изјави дека таквиот резултат се должи на „недостиг од кампања за информирање на граѓаните“ дека треба да платат данок.
Ваквите состојби и податоци за досегашната наплата на даноците (на имот), ставени во контекст на актуализацијата на даночните реформи, кои очигледно повторно ќе бидат на товар на оние што и досега ги исполнувале даночните обврски, ја доведуваат сериозно во прашање смислата на новиот даночен концепт.
– Ако пишува во законот дека плаќањето данок е обврска, институциите задолжени за негово спроведување треба да го извршат тоа на начин и со средства предвидени со законот. Не е никакво објаснување, уште помалку оправдување за неспроведување на законот за плаќање данок со неинформираност, или недостиг од кампањи. Таквите изјави звучат како потсмев на граѓаните што ги почитуваат законите и ги извршуваат даночните обврски. Што се однесува до прашањето, ваквата недисциплинираност во наплатата на даноците ја подрива смисла на даночните реформи, јасно е дека: потребни се и даночните реформи, а секако треба и да се наплати тоа што е законска обврска. Друго е прашањето дали времето и начинот на кои се смислени реформите се соодветни за кризата што ја живееме и која ни претстои – вели економскиот експерт Петар Гошев, поранешен министер за финансии и гувернер на Народната банка.