Различната диоптрија за владеењето на правото, со која ЕУ ги гледа своите земји членки во споредба со кандидатите за членки во ЕУ, беше исклучително забележлива во ставот на Брисел по прашањето за референдумот во Шпанија (т.е. за независноста на Каталонија) и оној во Македонија за Преспанскиот договор. Имено, каталонскиот реферeндум, со поголем процентуален одзив, од шпанските власти беше прогласен за неуспешен и ЕУ го прифати тоа. Додека по референдумот во Македонија, на кој не беше постигнат прагот на одзив (потврдено и официјално), Државната изборна комисија оцени дека „не е донесена одлука“, а Брисел „имаше разбирање“ да биде спроведен!?
Има ли Брисел различна диоптрија за владеењето на правото во ЕУ, во споредба со владеењето на правото во земјите кандидати
За разлика од воздржаноста, а некогаш и благата апстиненција на ЕУ да инсистира на стриктно придржување кон принципот на владеење на правото кај своите членки (народски кажано, ЕУ „замижува“ на поведенија на земјите членки што го кршат правото, и внатрешното и меѓународното), таа има сосема поинаков однос спрема земјите кандидати за ЕУ.
Во најмала рака, нашите соговорници го карактеризираат односот на Брисел како различен, непредвидлив, односно „непринципиелен однос спрема земјите кандидати, особено кога станува збор за Македонија“!
Ида Мантон: Препознатливост на двојни критериуми кај Брисел, што се резултат на „судир на правилата и политичките компромиси и натегања“
Откако не ги „уважи“ уставните измени што Македонија ги направи со Преспанскиот договор, со образложение дека „погрешно било разбрано“… дека со промената на името на државата веднаш започнуваат преговорите за членство во ЕУ…, сега во преговарачката предлог-рамка се наведува дека ефективните преговори, односно поглавјата ќе започнат да се отвораат „откако Македонија ќе спроведе уште едни уставни измени“!
– Двојните критериуми не се резултат на процедурални грешки, тие се судир на правилата и политичките компромиси и натегања. Да го земеме феноменот на Шпанија… Проблемот во Шпанија не е законот… проблемот е разликата меѓу она што го дозволува нивниот устав и што се всушност барањата од сецесионистите. Доколку Уставот не ги рефлектира вредностите на ЕУ, дебатата треба да е таму.
Кај нас, во Македонија, Уставот се отвора како гранапче, и тоа по барање на соседи, со силен притисок од ЕУ, како да немаме ние парламентарна демократија, а, еве, Шпанија покажува дека ако некому не му се допаѓаат правилата, ако се тие застарени и предизвикуваат политичка поларизација, начинот на решавање не е со краткорочни лепенки и закони за амнестија, кои се противуставни – прави споредба професорката Ида Мантон на начините како се спроведуваат уставните дебати во земјите членки на ЕУ и како ѝ се наметнуваат на Македонија.
Во изминативе пет-шест години, во односот спрема Македонија,
Европската Унија по повеќе прашања ги покажа своите двојни стандарди
Различната диоптрија за владеењето на правото, со која ЕУ ги гледа своите земји членки во споредба со кандидатите за членки во ЕУ, беше исклучително забележлива во ставот на Брисел по прашањето за референдумот во Шпанија (т.е. за независноста на Каталонија) и оној во Македонија за Преспанскиот договор.
Имено, каталонскиот референдум, со поголем процентуален одзив, од шпанските власти беше прогласен за неуспешен и ЕУ го прифати тоа. Додека по референдумот во Македонија, на кој не беше постигнат прагот на одзив (потврдено и официјално), Државната изборна комисија оцени дека „не е донесена одлука“, а Брисел „имаше разбирање“ да биде спроведен!?
Во изминативе пет-шест години, во односот спрема Македонија, Европската Унија по повеќе прашања ги покажа своите двојни стандарди, но особено загрижува кога го загрозува принципот на владеење на правото, оставајќи со тоа простор за изговори за несправување со корупцијата и организираниот криминал на внатрешен план.
– Ако ЕУ сфати дека мора да застане во одбрана на своите вредности, тогаш нема да се крие зад изговори како во Македонија дека ние сме кандидат, а Бугарија и Грција членки, туку ќе воспостави сериозни механизми за менаџирање на конфликтите со цел да ги стави во ред своите непримерни членки и да понуди вистинско и долгорочно решение во европски современ дух, а не да дозволува враќање назад во наративи од 19 век. Оти тоа е опасно за цела Европа и за одржување на Унијата – предупредува Ида Мантон, експертка за меѓународни преговори и медијација.
Зошто ЕУ не се вложи со полн капацитет во Преспанскиот договор да бидат
вградени принципите на правда, рамноправност и реципроцитет?!
Според нашата соговорничка, во врска со прашањето на имплементацијата на Преспанскиот договор, Унијата не ги вложи сите свои капацитети и можности за во него да бидат вградени принципите на правда, рамноправност и реципроцитет.
– ЕУ има капацитет и можности да ги спроведува сопствените принципи и закони и за разлика од другите наднационални аранжмани, како ОБСЕ и ООН, инсистира на временски обврзана хармонизација и имплементација на секој нов усвоен документ во сите земји членки. За да се постигне тоа, во сите земји постои цела машинерија што мора веднаш да ги спроведе промените. Ако задоцнат – има финансиски казни! Заложбите на ОБСЕ и ООН, кои се основата на човековите и социјалните права и слободи – вклучувајќи самоопределување, територијален интегритет и неменливост на граници – се аспиративни и државите често немаат доблест и механизми да ги имплементираат во целост, а мониторингот е ад хок и оставен на совеста на граѓанскиот сектор. Затоа ЕУ е поригорозна во претпристапниот процес и колку подобро ја подготвиме нашата администрација, толку полесно ќе се приспособиме како членка – вели професорката Ида Мантон. Ј.П.