Поттикната од геополитичката неопходност за одржување на своето влијание во регионот, Европската Унија во моментов се чини многу поподготвена да спроведе некаква форма на постепено пристапување на земјите-кандидатки отколку кога беа првпат развиени овие предлози. Сепак, каков ќе биде точниот пат напред е прашање на кое ќе треба да се почека одговор барем до октомври, а веројатно и подолго. Но во ниеден од опсервираните методи во анализата на реномираниот „Јуропеан-Вестерн-Балканс“ не доаѓа предвид да се разгледуваат билатерални прашања, несогласувања на членка и нечленка на ЕУ и тие да бидат услов за интегрирање во Унијата!?
Споредбена опсервација на неколку актуелни модели на пристапување кон ЕУ
Повиците за забрзување на пристапувањето на земјите-кандидати во Европската Унија се интензивираа од почетокот на војната во Украина. Последната иницијатива беше направена од Шарл Мишел минатата недела во Блед, Словенија, каде што тој предложи и ЕУ и кандидатите да бидат подготвени за проширување до 2030 година. Во неговиот говор, сепак, имаше уште еден елемент што почна да привлекува внимание уште минатата година – постепено, прогресивно пристапување на земјите-кандидати во ЕУ.
– Пакетот за проширување на комисијата – што се очекува во октомври – е можност да се наведат конкретните детали за оваа прогресивна интеграција. Ова може да се случи во различни области – на пример, единствениот пазар – рече Мишел во својот говор.
Претходно оваа година, во Братислава, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лејен, исто така, ја загатна оваа можност како дел од новиот план за раст на комисијата за Западен Балкан (ЗБ).
-…Земјите што веќе се на перспективен пат кон ЕУ, исто така, треба да имаат корист од нашиот единствен пазар. На пример, Западен Балкан може да се приклучи на нашиот единствен дигитален пазар во области како што се е-трговија или сајбер-безбедност. Би можеле да ја олесниме нашата трговија со стоки и плаќања. Сакам нашиот единствен пазар да биде двигател на промени, не само за земјите што веќе му се приклучија на семејството туку и за оние што сѐ уште се на пат – рече Фон дер Лејен.
По ваквите ставови, дали некој навистина очекува дека некој облик ќе биде имплементиран и на кој начин?
Во ваквиот контекст, „Еуропеан-Вестерн-Балканс“ издвојува став дека ваквите идеи не се нови и дека истите тие „биле вклучени и во ревидираната методологија за пристапување на Европската комисија во 2020 година, најпозната по воведувањето шест кластери наместо поединечни преговарачки поглавја“.
– Дури и претходно, во последните 15 години, имаше зголемена секторска интеграција меѓу Западен Балкан и ЕУ – потсетува Матео Бономи, виш соработник на италијанскиот „Институто афари интернационали“. Земјите од Западен Балкан, на пример, беа во процес на интеграција во енергетските и транспортните политики на ЕУ преку нивното членство во Енергетската заедница (основана во 2006 година) и Транспортната заедница (основана во 2017 година).
– Покрај тоа, ова одеше рака под рака со влошување на доброто владеење и демократските стандарди во регионот на Западен Балкан (ЗБ). Сепак, со години овој статус кво во регионот на ЗБ беше доволно добар за ЕУ. Меѓутоа, денес војната во Украина ја промени оваа оцена – тврди во својата изјава за „Еуропеан-Вестерн-Балканс“ Матео Бономи, виш соработник на италијанскиот „Институто афари интернационали“.
Во своите заклучоци од јуни 2022 година, Европскиот совет ги покани комисијата, високиот претставник и Советот „понатамошно да ја унапредат постепената интеграција меѓу Европската Унија и регионот (на Западен Балкан) веќе за време на процесот на проширување“. Оттогаш, Унијата не направи формални чекори во оваа насока. Следната можност, како што спомена Шарл Мишел, „ќе биде следниот пакет за проширување во октомври“.
Што значат идеите „членство во единствениот европски пазар пред полноправното членство во ЕУ“ или, пак, „постепено зголемување на учеството во институциите на ЕУ“?
Граѓанското општество изнесе неколку идеи за тоа како да се спроведе постепено пристапување на Западен Балкан. Еден од најистакнатите предлози во јавноста стана идејата за членство во единствениот европски пазар пред полноправното членство во ЕУ. Според повеќе соговорници на „Еуропеан-Вестерн-Балканс“, вклучувањето во елементите на единствениот пазар би било корисно; но предупредуваат дека тоа не смее да стане цел што би го заменила членството.
Друг модел што, наместо вклучување на кандидатите во одредени области на политиката, предлага постепено зголемување на нивното учество во институциите на ЕУ насекаде, исто така доби внимание во последниве години.
Според анализата на „Еуропеан-Вестерн-Балканс“, еден од најистакнатите поборници за единствениот пазар како посреднички чекор пред полноправното членство во ЕУ е Европската иницијатива за стабилност (ЕСИ) со седиште во Берлин. Откако Украина и Молдавија станаа земји-кандидати, овој аналитички центар предложи, за заживување на процесот на пристапување во ЕУ, ЕУ да понуди членство на единствениот пазар, како веродостојна и достапна привремена цел за сите кандидати, без да се откаже од полноправното членство во ЕУ, како крајна цел.
Имено, во предлогот се вели: „Сите земји-кандидати што ги исполнуваат критериумите за влез во ЕУ, вклучувајќи и почитување на човековите права и владеењето на правото, треба да добијат целосен пристап до единствениот европски пазар и четирите слободи – слободно движење на стоки, луѓе, услуги и капитал. Граѓаните и бизнисите тогаш ќе ги уживаат истите права како оние од членките на ЕУ или Норвешка и Исланд“.
Според споменатата ЕСИ, овој чекор нема да го отежне донесувањето одлуки во ЕУ, ниту да ја направи Унијата нефункционална, што е една од главните грижи на сегашните скептици за проширувањето. Од друга страна, тоа би обезбедило нова атрактивна цел за елитите на земјите-кандидати, со што би се приближиле до ЕУ.
Овој предлог беше активен уште пред војната во Украина. Во 2021 година, Џералд Кнаус, претседател на ЕСИ, напиша дека целта треба да биде Западен Балкан да му се приклучи на единствениот пазар до 2030 година – истата година што Шарл Мишел сега ја смета за посакувана цел за конвенционално проширување.
Треба да се издвои дека токму таа идеја доби одредена политичка поддршка и во Германија. Опозициските парламентарни групи на ЦДУ и ЦСУ во јуни 2022 година поднесоа предлог во Бундестагот во кој беше вклучена понудата за членство во единствениот пазар. Но таа на крајот беше отфрлена од парламентот, а сите други парламентарни групи гласаа против во јуни 2023 година. Сепак, оваа форма на двофазен пристап во ЕУ опстојуваше во јавноста во текот на летото, во медиумите што пишуваа на темата во Германија и Западен Балкан, вклучувајќи ги и Србија и Македонија.
За „Еуропеан-Вестерн-Балканс“, пензионираниот директор во Европската комисија, кој го надгледуваше проширувањето со земјите од Централна и Источна Европа на почетокот на 2000-тите, Пјер Мирел, вели дека пристапувањето кон единствениот пазар на ЕУ, или клучните елементи од него, треба да биде само првиот чекор од низата чекори што водат кон полноправно членство. Тој вели дека затоа е против предлогот на Европската иницијатива за стабилност, кој, според него, овој чекор сам по себе го прави цел.
Мирел вели дека не верува оти сегашниот метод на пристапниот процес ќе функционира и дека е за етапно пристапување од 2018 година, со големо зголемување на претпристапното финансирање, според него, суштинско значење за успех на процесот.
Споредбена опсервација на повеќе евроинтегративни модели
Спомнатиот предлог што предвидува зголемување на претпристапното финансирање што погоре го споменува пензионираниот директор во Европската комисија Пјер Мирел, заедно со постепено учество во институциите на ЕУ, првпат беше развиен во 2021 година од „Центарот за европска политика“ во Белград и „Центарот за европски политички студии“ во Брисел. Според оваа идеја, како што земјите стануваат сѐ поподготвени за членство во ЕУ, тие треба постепено да добиваат сè поголеми права за учество во телата и институциите на ЕУ, како што се Советот на Европската Унија и Европскиот парламент. Тие, се разбира, би добиле право на глас само откако ќе станат земја-членка.
Овој модел се разликува од предлогот за членство на единствениот пазар бидејќи не вклучува интеграција во специфични области на политиката, како што се четирите слободи, туку постепено зголемување на учеството во работата на институциите на ЕУ во сите области на политиката. Една земја би можела да напредува во следната фаза само кога ќе постигне напредок во сите преговарачки кластери, а не само во оние поврзани со единствениот пазар. Според тоа, моделот воведен од ЦЕП и ЦЕПС се залага за „хоризонтален“ наместо „секторски“ пристап кон постепена интеграција, при што единствениот пазар е во последната категорија.
– Генерално, секторскиот пристап кон постепена интеграција е политички атрактивен и може да биде корисно дополнување за да го придружува формалниот процес на проширување. Но нема предвидливост и се фокусира на полабава соработка – вели Стивен Блокманс, директор за истражување на ЦЕПС и еден од коавторите на предлогот.
Во исто време, тој додава дека суштинското учество во политиката може да бара преговарање и ратификација на посебни меѓународни договори (модели, на пример, според Енергетската заедница), што создава ризик од пренасочување на политичкото внимание и административните капацитети и на кандидатите и на страната на комисијата од главната задача за подготовка и спроведување на преговорите за пристапување во ЕУ.
Исто како и другите соговорници, Блокманс исто така предупредува дека застапувањето за постепена или секторска интеграција не треба да се користи како алтернатива или компензација за недостиг од напредок во формалниот процес на пристапување.
– ЕУ треба внимателно да го искористи моментот за да се осигури дека кандидатите ќе поминат низ процес заснован на заслуги, кој ќе биде предвидлив и ќе гарантира дека повеќе реформи ќе бидат наградени со повеќе придобивки, додека стагнацијата и назадувањето ќе се пресретнуваат со соодветни мерки и реверзибилност во процесот на интеграција – вели Блокманс, нагласувајќи дека моделот за етапно пристапување ја применува оваа логика.
Поттикната од геополитичката неопходност за одржување на своето влијание во регионот, Европската Унија во моментов се чини многу поподготвена да спроведе некаква форма на постепено пристапување на земјите-кандидатки отколку кога беа првпат развиени овие предлози. Сепак, каков ќе биде точниот пат напред е прашање на кое ќе треба да се почека одговор барем до октомври, а веројатно и подолго.