Ноќта кон 11 март, во не толку далечната 1943 година, се случи еден од најмрачните настани во историјата на Македонија. Бугарската окупаторска власт и нејзините институции започнаа со затворање на македонските Евреи и подготовка за нивно транспортирање во логорот на смртта…

На денешен ден, пред близу осум децении, во окупирана Македонија, бугарската армија и полиција добиле наредба да ги блокираат градовите Скопје, Битола и Штип и да ги опколат еврејските населби. Во утринските часови на 11 март 1943 година, започнало собирањето на македонските Евреи. Бугарските вооружени војници, агенти и полицајци внимателно ја претресувале секоја куќа и ги затворале Евреите. Децата и жените биле натоварени во шпедитерски коли и камиони, а бугарските полицајци им посочиле на Евреите да ги понесат со себе сите финансиски средства и вредни предмети, бидејќи ќе им требале кога ќе пристигнат во Бугарија. Ова било лага од страна на бугарските вооружени сили, бидејќи настаните покажале дека Евреите не биле испратени во бугарската држава.
Бугарските војници и полицајци при проверката на куќите започнале со ограбување на македонските Евреи, а грабежот продолжил на железничките станици во Штип и во Битола. Истото тоа се случувало и во Државниот монопол во Скопје. Според процената од 2006 година, финансиската и материјалната штета што им биле нанесени на македонските Евреи изнесува околу 16 милиони американски долари. Во Меморијалниот центар на холокаустот на Евреите во Скопје е зачуван само мал дел од предметите што им биле одземени, меѓу нив има осум златни навлаки за заби, златна турска лира и детска белегзија. Бугарското Комесарство за еврејски прашања им наредило на реквизиционите комисии да запленуваат објекти во кои требало да бидат сместени затворените македонски Евреи.

Еврејските имоти биле чувани од граѓански лица, а чуварите биле плаќани од Фондот на еврејските општини. Целиот недвижен имот на македонските Евреи бил конфискуван од царска Бугарија. Според наредбите на Комесаријатот за еврејски прашања, недвижниот имот (сите вредни предмети) требало да биде продаден и финансиските средства да бидат внесени во Фондот на еврејските општини.
Во договор со Третиот рајх, комесарот за еврејски прашања добил наредба да притвори и исели околу 20.000 македонски Евреи. Притоа, од страна на комесарот за еврејски прашања бил издаден и посебен Правилник за организација и функционирање на привремените концентрациони логори. Според правилникот, било забрането загревање на просториите во кои биле затворени македонските Евреи, на затворените им биле одземени сите лични предмети и им се оставале само храна, облека и покривка, имало забрана за читање весници и за пишување писма и др.
Просториите на Државниот монопол во Скопје биле приспособени за логор. Локацијата била одбрана поради близината на железничката станица и погодноста за понатамошен транспорт на македонските Евреи. Активностите на бугарските окупаторски институции против Евреите се криеле во најголема тајност, не била позната бројката на затворените, ниту пак нивната крајна дестинација. Во овој период, медиумите под контрола на бугарската фашистичка власт објавувале дезинформации во смисла дека македонските Евреи ќе бидат транспортирани во Бугарија на принудна работа.
Во Државниот монопол биле затворени 7.215 македонски Евреи. Меѓу нив 539 биле деца на возраст до три години, 602 деца на возраст од три до десет години, 1.172 деца на возраст од десет до шеснаесет години, 865 лица со над шеесет години, 250 болни и изнемоштени лица и четири бремени жени.
По затворањето во Државниот монопол започнал процесот на депортирање на македонските Евреи, кој се одвивал во три фази. Први биле транспортирани Eвреите од Скопје, на 22 март 1943 година, во втората фаза биле транспортирани сите штипски Евреи, еден дел од битолските Евреи и еден дел од скопските. На 29 март била реализирана третата фаза, кога биле депортирани 2.500 македонски Евреи.
Ова е текст со кој нашиот весник сака да го одбележи овој настан и да го стави во рубриката Незаборав, да им оддаде вечна слава и почит на Евреите од холокаустот и да ги осуди сите оние мрачни сили што до денес излегуваат од дамарите на пеколот.


Доказ за вмешаноста на царска Бугарија во холокаустот

На 13 октомври 1943 година, Главната дирекција на бугарските железници издава сметкопотврда до бугарскиот Комесаријат за еврејски прашања. Во документот можеме да прочитаме: „Со следното потврдуваме дека цената на билетите за двата специјални воза со кои превезоа на 25.III о.г. 1 748 возрасни и 197 деца од 4-10 год. од еврејско потекло од Скопје до Треблинка и на 28.III о.г. 1 797 возрасни и 395 деца од 4-10 години од еврејско потекло, изнесува 7,144,317 /седум милиони сто четириесет и четири триста и седумнаесет/ лева.
Тие возови беа испратени по барање на Комесарството за еврејски прашања, кое ја исплати цената на тие два воза со чекови во вредност 4,827,395 лева од 23 март о.г., чек со вредност 2,000,000 лева од 29 март о.г. и чек со вредност 316,922 лева од 13 октомври о.г.
Ова му се издава на Комесарството за еврејски прашања, за да им послужи како документ за раздолжување.
Балкан Бугарско официјално патно биро Потпис Комесар (потпис нечиток) три различни печати, таксена марка од 10 лева.“