Повеќе показатели во последниот период им укажуваат на македонските политички елити дека мораат да работат на поставување конкретна заедничка цел за целото општество – креирање и градење капацитети за самостојно спроведување реформи и економски развој. Сериозна држава со амбиции да стане членка на ЕУ, мора да има сопствена стратегија и планови за развој, со што практично го манифестира својот „економски капацитет за државна сувереност и самостојност“
Македонија во сите нас, за сите нас…
Најновиот извештај на Европската комисија за реформскиот напредок на Македонија, кој треба со дела да ги аргументира нашата амбиција и стратегиска цел дека се стремиме кон вредностите и стандардите на ЕУ, сепак само ја потврди состојбата на стоење во место во сите аспекти на македонското општество. Стагнирање со тенденција на уназадување на процесите е забележано во трите столба на власта: законодавната (Собранието), извршната (Владата) и правосудството. Она на што во јавноста обично се обрнува помалку внимание во „обработката“ на извештаите на ЕК, се забелешките за незадоволителниот економски раст и стандардот на граѓаните, неколкукратно понизок од оној во земјите членки на ЕУ, дури и најсиромашните. Самиот извештај на ЕК беше уште еден повод за манифестирање спротивставени позиции и толкувања на политичките фактори во Македонија, без навестување за иницијатива за заедничка акција и вложување во реформите што се очекуваат од нас. Од претставниците на Владата дури се слушна и поразително признание дека европски реформи во Македонија не се можни без почеток на преговорите со ЕУ, односно претходно спроведување на уставните измени, што е сериозно загрижувачка информација за капацитетите и визиите на македонските авторитети за самостојно и самоодржливо водење на државата. Таквиот дефетизам ги демотивира и можните странски инвеститори.
Каде се стратегиите за бизнис и економски развој
– Па, како очекувате компании да инвестираат, кога тука единствената цел е да се стане членка на Европската Унија – ја искажа својата отрезнувачка перцепција за Македонија, Кристофер Сандерс, хемиски инженер од Велика Британија, кој сиот работен век го минал во германски „Костал“, при што 30 години ги водел корпоративното планирање и координација, на конференцијата на Стопанската комора на Македонија, на темата „Глобалните геополитички случувања – предизвик за интернационализација на бизнисот и следење на новите трендови во индустријата“.
Според Сандерс, во Македонија луѓето се гладни за успех и не се потпираат на општество што не им обезбедува услови, а тој не забележува ни стратегија за бизнис и економски развој.
– Последните стратегии за индустријата или образованието се од 2018 година. Што се случи од тогаш? Каде се новите верзии, каде се новите планови? Во оваа земја такво нешто не гледам. И без тоа, како очекувате која било компанија да инвестира овде кога единствената аспирација е да се стане членка на ЕУ? Колку луѓе ќе ја напуштат оваа земја штом ќе се случи тоа? Каде се моите работници во иднина кога ќе се случи тоа? Каде е фокусот во Македонија за развој на вештини, способности, на образовна основа, кои ќе помогнат да се надминат и другите земји, да дојдете во прва позиција, да кажете дека може да создадете тим за да го добиете тоа што треба, денеска, утре, во иднина, да знаете дека преземените обврски ќе бидат исполнети? Тоа е големиот ризик што го забележувам во моментот. Градење меѓусебен однос и добро запознавање со клиентите, утврдување на стратегиските цели и одговорност за нивно спроведување, економичност и способност за процена и подготвеност во клучни ситуации да се каже „не“, ја прават основата на одржливиот бизнис. Тоа во Македонија го нема, нема нови планови – дециден е Сандерс, кој му е специјален советник на претседателот на Стопанската комора, Бранко Азески.
Градење добри односи во општеството наспроти внатрешната поделеност
Фокусирањето исклучиво на политичките цели на различни групации во општеството и барање изговори за економските потфрлања во геополитичките случувања не придонесува за создавање добар амбиент за развој на бизнисот и унапредување на стандардот во државата, како и благосостојбата на граѓаните. Таквото изместување на фокусот од заедничката цел на просперитетот на целата заедничка држава е резултат на изборот на „полесниот пат“ од страна на разни политички фактори, насочени за реализирање исклучиво на лични, партиски, па и етнички интереси. Таквата состојба креира амбиент на поделеност, недоверба и едностран триумфализам, што се чини ги минира сите напори и инвестиции за заеднички просперитет на државата. Длабоко е жалосно што сѐ уште политичарите во јавноста даваат изјави на поделеност, неслога, па дури и поттик за конфронтации по различни основи.
– Помина времето кога македонскиот дел правеше што сакаше со Албанците (?!), дури и да беа три политички субјекти – изјавува во медиумите Беким Незири, функционер во општинскиот разгранок во Чаир на партијата ДУИ. Сепак и тој жали што има поделеност меѓу албанските партии, кажувајќи дека колку повеќе се обединети партиите, толку повеќе корист ќе имаат Албанците.
– Лошо е што албанскиот глас ќе се подели. Но реалност е дека Албанците никогаш не уживале толкава моќ, како сега со ДУИ и Алијанса за Албанците. Сите економски сектори ги водат Албанци. Министерство за правда е водено од Албанци, здравството го водат Албанци – изјавува меѓу другото со триумфалистички тон Незири.
Ваквите изјави на партиски функционери, иако оценети како предизборна партиска „инвестиција“ пред својот моноетнички електорат, само уште подебело ја исцртуваат линијата на поделби внатре во македонското општество, но и во самите етнички заедници. Партиско-политичките поделби се исто така изразени и во делот на мнозинското македонско население во државата, за речиси сите прашања што треба да претставуваат национален интерес на државата. Дискрепанцата на јавното мислење за суштинските национални прашања, со политиките за нивно решавање на кои инсистира актуелната власт, создава сериозен политички набој во македонското општество, што се чини како прифатливо „оправдување“ за запоставување на економските прашања.
– Градење меѓусебен однос и добро запознавање со клиентите, утврдување на стратегиските цели и одговорност за нивно спроведување, економичност и способност за процена и подготвеност во клучни ситуации да се каже „не“, ја прават основата на одржливиот бизнис. Тоа во Македонија го нема, нема нови планови – освестувачки апелира британскиот бизнис-експерт Кристофер Сандерс, на конференцијата на Стопанската комора на Македонија.
Исто така, тој наведува дека случувањата на геополитички план не треба да бидат изненадување за бизнисот и економијата, доколку постојат стратегиски планови.
– Да брендирате стратегија и да имате одговорност за неа. Тоа се основните алатки, но политиката во овој регион ги нарушува тие аспекти. Многу е важна процената. Имаше пандемија, па Украина, се надоврза Израел… Секогаш мора да се слуша звукот од заднината, за да се сфати геополитичката комплексност. Зашто војните не се неочекувани, само соодветниот момент е во прашање, па затоа треба да се имаат мерки во случај работите да излезат од контрола. Времето и знаењето се најважните нешта – укажува Сандерс.
Повеќе показатели во последниот период им укажуваат на македонските политички елити дека мораат да работат на поставување конкретна заедничка цел за целото општество – создавање капацитети за самостојно спроведување реформи и економски развој. Сериозна држава со амбиции да стане членка на ЕУ, мора да има сопствена стратегија и планови за развој, со што практично го манифестира својот економски капацитет за државна сувереност и самостојност.