Последните тензии помеѓу Србија и Косово и искуството од блиското минато со прелевање на српско-косовскиот конфликт од 1999 година, а потоа и увезениот конфликт во Македонија во 2001 година, како и фактот дека и Србија и Косово се на истата гранична линија со нашата земја, наметнуваат предизвик за длабока аналитичка процена на секој потенцијален ризик по безбедноста на Македонија
ТЕНЗИИТЕ ПОМЕЃУ СРБИЈА И КОСОВО И МОЖНИТЕ РЕФЛЕКСИИ ВРЗ МАКЕДОНИЈА
Креирањето политичко-етнички тензии во регионот на Западен Балкан со ризик за оружени конфликти, како начин за задржување на вниманието на меѓународната заедница, се чини е проверената и најлесна стратегија на балканските политичари. По тензиите на северот на Косово, на крајот од јули годинава, предизвикани од одлуката на косовската влада за промена на регистарските таблички на автомобилите и личните карти на Србите што живеат таму, косовскиот премиер Албин Курти прво изјави дека тогаш бил избегнат оружен конфликт „поради стравот што го воведе Белград и поради плановите направени во Рашка и Белград“. Според Курти, барикадите на патиштата во северно Косово биле поставени на тој начин што можело да се пука во возила и лица што минуваат низ таа област. Подоцна, во интервју за италијанска „Ла република“, Курти и понатаму ја одржува „теоријата“ дека ризикот за нов судир меѓу Косово и Србија е висок.
– Ризикуваме војна. Зад Србија стои Путин. Не би рекол дека опасноста е многу висока, зашто ние го имаме тука контингентот на НАТО, но сигурно дека е висока. Ние сме една демократија што има една автократија на границата – вели Курти за италијанскиот медиум.
Според него, пред руската агресија врз Украина, можностите да избие нов конфликт на Западен Балкан биле мали, но „сега ситуацијата е променета“.
– Првата епизода, која е последица на фашистичката идеја на панславизмот, беше Украина. Доколку имаме втора епизода, на пример во Транснистрија (Приднестровска Молдовска Република), тогаш можностите дека една нова, трета војна ќе се случи во Западен Балкан, особено во Косово, ќе бидат многу високи – вели Курти.
Косовскиот премиер говорел и за новите реципрочни мерки на неговата влада, од кои, како што вели, нема намера да отстапи.
– Конверзија на регистарските таблички што ги постави Слободан Милошевиќ. Тоа е одлука на мојата влада. Имаат два месеца – порача Курти, оценувајќи дека протестите на северот на Косово против мерките најавени од неговата влада за замена на српските со косовски регистарски таблички и за реципроцитет кон Србија во однос на личните документи воопшто не биле спонтани, туку организирани од Белград, со помош на Русија.
Курти вели дека на средбата што ќе ја има со српскиот претседател Александар Вучиќ, на 18 август, во Брисел, нема да разговара за одлуките за регистарските таблички и документите за влез и излез од Косово.
За да се избегнат тензии на 1 септември, какви што имаше на 31 јули, меѓународниот фактор мора да го одбие Белград во неговиот деструктивен пристап кон Косово – порачува Курти.
Смирување на јавноста во Косово
Ваквите заплашувачки тези за конфликтен ризик со Србија на косовскиот премиер, во кој се вовлекува целиот регион (со сериозна можност за брзо прелевање и во Македонија), брзо се амортизирани и на Косово, од потпретседателката на Демократската партија на Косово (ДПК), Влора Читаку, која повика да не се шират страв и паника во јавноста, бидејќи, според неа, нема да има војна на Косово. Таа деновиве порача дека НАТО е гарант на суверенитетот на Косово и дека Србија е свесна за импликациите на отворениот конфликт со НАТО.
Во Косово имаше војна пред 23 години. Некои од нас беа возрасни и тогаш имаа можност да се борат. Во меѓувреме, денес Србија претпочита „статус кво“ и претпочита да зборува за налепници и барикади. Конвенционалната војна е завршена. Сега битките се од поинаква природа – порачува Читаку.
Сценарија за хибридна војна
Реакциите од српската политичка јавност на интервјуто на косовскиот премиер за италијанскиот медиум се дека тоа е всушност дел од новиот вид на неговата хибридна војна против Србија, со која сака сѐ што е српско да го претвори во косовско културно наследство. Владимир Маринковиќ, пратеник на СНС во српскиот парламент, оценува дека намерата на ваквата стратегија се разликува од онаа во 2004 година, кога се уривале црквите и српските споменици, во тоа што сега сакаат да бидат преземени.
– Курти минатата година испрати допис на 54 адреси на светски лидери да го поддржат т.н. косовско културно наследство. Сето она што им припаѓа на Србите, српскиот народ и на СПЦ, тие сакаат да стане косовско културно наследство. Тоа е нов вид хибридна војна против Србите. Од погромот во 2004 година, кога отворено уриваа цркви и убиваа луѓе само зашто се Срби и христијани. Сега нивната логика е поинаква и сакаат да ја преземат секоја наша трага од културното наследство таму – вели Маринковиќ.
Македонија да ги анализира ризиците за својата безбедност
Искуството од блиското минато со прелевање на српско-косовскиот конфликт од 1999 година, во вид на внатрешен меѓуетнички конфликт во Македонија во 2001 година, како и фактот дека и Србија и Косово се на истата гранична линија со нашата земја, но и актуелниот геополитички контекст во кој е поставена (од страна на косовскиот премиер) можноста од оружен конфликт, секако наметнува предизвик за аналитичка процена на ризикот за безбедносниот интегритет на македонската државна територија. Професорот на Воената академија во Скопје, Оливер Андонов, смета дека ризикот од оружен конфликт во регионот е минимален, но сепак треба да се има предвид дека нема да престанат обидите за провоцирање политички нестабилности, како и притисоци од економски карактер.
– Конфликтно-политичките акробации во кои косовскиот премиер Албин Курти сака да го вовлече целиот регион на Западен Балкан, во реален контекст всушност не значат ништо и се само маневар во наоѓање решение за спорните прашања што Косово ги има со Србија. Но сега битката веќе не е толку на политичко ниво, туку се префрла повеќе на духовно и културно ниво, за статусот на СПЦ, културното наследство и прашања од тој вид. Секако, за одржување на тензијата и вниманието на меѓународниот фактор и понатаму се создаваат политички провокации, се имплицира на оружени (па и воени судири), а за да му се даде поголемо значење на сопствениот проблем се става во актуелен геополитички контекст, а во моментов тоа е наводно руската намера за пренасочување на тензијата и вниманието од воените дејства во Украина. Сепак, ни руските ни српските (гео)политички фактори не би влегле во директен судир со НАТО, чии сили на КФОР се распоредени на Косово. Од друга страна, најризична точка на Балканот (доколку Русија би сакала да отвори нов фронт со кој би се „занимавал“ Западот) е Босна и Херцеговина, а потоа можеби Македонија, со провокација на етнички конфликт. Но одредени настани летово покажаа дека во Македонија нема потенцијал и капацитет за сериозна меѓуетничка ескалација, која би довела до оружен конфликт, иако имаше обиди и провокации од таков вид. Таква ескалација во Македонија би значела нарушување на безбедносниот интегритет на земја-членка на НАТО. Иако ризикот од оружен конфликт е минимален, сепак треба да се има предвид дека нема да престанат обидите за провоцирање политички нестабилности, како и притисоци од економски карактер. Актуелните геополитички барања за Западен Балкан, како и политиката на нашите стратегиски партнери за регионов, се повеќе насочени кон расчистување со високиот криминал и корупција, со регионалната олигархија, а не со провоцирање и расчистување етнички тензии – вели Оливер Андонов, професор на Воената академија во Скопје.